Јованоски Цане - Коњарец

Цане Јованоски – Коњарец

Јованоски Крстев Цане (Коњарец, Самарџијата) е роден на 30 декември 1918 година во Прилеп.

Во Прилеп го завршил основното образование, а потоа го изучил самарџискиот занает. Како младинец се дружел со напредата младина на Прилеп и учествувал во разните манифестации на отпор кон српската власт. Во тој период станал синдикален активист и бил избран за секретар на Одборот на дрводелските работници, а ја извршувал и должноста на благајник во културно-просветното работничко друштво „Коста Абрашевиќ“.

Поради своите активности бил под будното око на српската власт во Прилеп, поради што бил апсен три пати. Во 1938 година, за време на штрајкот на прилепските работници, полицијата извршила претрес во куќата на Цане. Тогаш влегол во судир со полицајците, барајќи им налог за претрес, поради што бил задржан во притвор седум дена.

Во 1939 година заминал на оттслужување на воениот рок, а по враќањето од војската се приклучил во Комунистичката партија. За време на окупацијата во 1941 година, Цане заедно со Димо Димоски-Наредникот и Љубен Георгиевски-Љупта бил во групата под раководство на Коле Чашуле, која имала за цел прибирање на оружје за одредот кој се формирал во предвечерието на вооружената акција на 11 октомври.

Во 1942 година, при претрес на неговата куќа, бугарската полиција нашла дефектен пиштол, кој Цане требало да го поправи, поради што бил уапсен и подложен на мачење. Не можејќи да извлечат ништо од Цане, бугарската власт го интернирала во селото Тврдица во околината на Нова Загора, Бугарија каде што останал до летото 1943 година. Од интернацијата се вратил заедно со Димо Димоски-Наредникот, со кого биле заедно интернирани.

Во месец август, заедно со Митко Цветаноски-Ганчо и Јонче Андреески-Ангеле заминал во слободна Дебарца. Заедно со неговите соборци од батаљонот „Мирче Ацев” зачекорил во слободно Кичево. Поради својата храброст и одговорност, во средината на септември бил ангажиран во посебни курирски задачи на ЦК и главниот штаб на НОБ во Дебарца, главно во Преспа, Прилеп и Егејска Македонија, истовремено регрутирајќи и нови борци, поради што за неговата глава беше распишана награда од 10000 лева. При една таква задача, Цане заедно со Велко Јанкулоски-Стариот од Егејска Македонија, преку месноста Влашки колиби ја преминале границата и влегле во Мариово.

Поради новиот снег кој наврнал утрото, нивните траги биле забележани од бугарската гранична патрола составена од десетина војници, која ги следела куририте се до пиланата на Тоде Ношпал во околината на Полчиште. Бугарските војници влетале во пиланата во моментот кога Цане ја средувал поштата. Цане ја грабнал пушката од првиот војник и од својот автомат испукал рафал, но бил ранет во ногата, а потоа и во градите и бил совладан од другите војници.

Цане Коњарец набргу им подлегнал на раните, а војниците му ја отсекле главата која ја однеле во Прилеп. Велко Јанкулоски-Стариот незабележливо ја напуштил пиланата и се вратил во бригадата, каде што го пренел потресното сведоштво за последните мигови на Цане.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc