Борка Јован Велески (Левата, Горанов), (1912-1942); илустрирал: академски сликар Иван Велков, 1972/73.

Борка Велески – Горанов

Борка Јованов Велески – (Левата, Горанов) е роден 1912 година во Прилеп во сиромашно семејство.

Бил одличен ученик во основното училиште, но поради читање на забранета политичка литература е исклучен од 7-ми клас на Прилепската гимназија. Подоцна се запишал на воената школа во Нови Сад, но и неа не ја завршил, па се вратил во Прилеп, каде што се вработил во Монополот за тутун, каде што бил еден од организаторите на Здружението на производителите на тутун во Прилеп и ги предводел сезонските работници на штрајкот од 4 април 1938 година.

Велески, како еден од раководителите, стоел на чело на 2.000 штрајкувачи и уште 1.000 занаетчии кои им се приклучиле.
По месец дена штрајкот имал делумен успех, но на Велески му била затворена вратата за ново вработување. Тој бил обвинет дека, во говорите пред штрајкувачите внесувал „политичка содржина“. Затоа бил уапсен, но набрзо и пуштен.
Станал член на КПЈ во 1940 година.

Последните две години пред Втората светска војна стекнал голем углед меѓу граѓаните на Прилеп. Бил повереник за откуп на тутун и секретар на Здружението на произведувачи на тутун, преку кое произведувачите се бореле за подобри откупни цени на тутунот.

Пред априлската војна често бил повикуван на воена вежба, а по окупацијата на 12 септември 1941 година, стапил во првата партизанска чета на Селечка планина. Бидејќи бил пешадиски наредник, како војнички најподготвен партизан во четата, вршел обука на младите борци, кои на 11 октомври го извршиле нападот на Участакот во Прилеп.

Во текот на 1941, па до септември 1942 година, Велески учествувал во многу акции на партизаните. Како командант на прилепскиот одред „Димитар Влахов“, во мај 1942, го добил прекарот Горанов.

Во непријателската офанзива од 14 септември 1942 година, првата чета на одредот „Димитар Влахов“, со која бил и Горанов, била опколена на планината Мукос. Пробивајќи се од обрачот, борците јуначки се бореле претрпувајќи големи загуби. Бранејќи ја отстапницата додека партизаните се пробивале, Горанов паднал смртно погоден од митралески рафал.

За народен херој е прогласен на 20 декември 1951 година.

За неговата храброст е опеана песната:

ЗАПЛАКАЛА Е ГОРАТА

Заплакала е гората,
гората Мукос планина,
за тоj ми Борка Левата.
Извика Борка Левата:
„Станујте, браќа, не спите,
од сон cе разбудувајте,
оти ниe сме сардисани
од тие клети фашисти.
Проклети да cе шпиуни,
шпиуни, клeти кодоши,
трагата ни ја најдоа,
та што не нас предадоа.
Фрлајте бумби, патрони,
до еден да изгиниме,
в раце не им се даваме!
Сестрице, Мукос планино,
од тебе ќе се делиме!

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc