Блаже Конески

Блаже Конески

Блаже Конески е роден во селото Небрегово, на 19 декември 1921 година.

По завршувањето на основното образование, добил средношколска стипендија за учење во Кралската гимназија во Крагуевац (според некои извори, голема улога за тоа имаат и роднинските врски со србоманскиот војвода Глигор Соколовиќ). По завршувањето на Гимназијата, се запишал медицина на Белградскиот универзитет, но по една година се префрлил на Српски јазик и литература. Со започнувањето на Втората светска војна се префрлил на Универзитетот во Софија.

По дипломирањето, работел како професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1945 година учествувал во составувањето на правописот на македонскиот литературен јазик. Блаже е втемелувач на македонистиката на Скопскиот универзитет и бил редактор на Речникот на Македонски јазик. Бил ректор на Универзитетот во Скопје (1958-1960); член на МАНУ и нејзин прв претседател (1967-1975); член на академиите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Бил член на Македонскиот ПЕН центар, како и уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Блаже е првиот претседател на ДПМ.

Автор е на книгите: „Земјата и љубовта“ (поезија, 1948); „Македонски правопис со правописен речник“, со Крум Тошев (1950); „Граматика на македонскиот литературен јазик“, прв дел (1952); „За македонскиот литературен јазик“ (1952); „Песни“ (1953); „Граматика на македонскиот литературен јазик“, втор дел (1954); „Везилка“ (поезија, 1955); „Лозје“ (раскази, 1955); „Речник на македонскиот јазик“ (1961); „Песни“ (1963); „Историја на македонскиот јазик“ (1965); „Речник на македонскиот јазик“, книга втора, редактирал (1965); „Речник на македонскиот јазик“, книга трета (1966); „Стерна“ (поезија, 1966); „Ракување“ (поема, 1969); „Јазикот на македонската народна поезија“ (1971); „Беседи и огледи“ (1972); „Записи“ (поезија, 1974); „Стари и нови песни“ (1979); „Места и мигови“ (поезија, 1981); „Чешмите“ (поезија, 1984); „Македонскиот 19-ти век, јазични и книжевно-историски прилози“ (1986); „Ликови и теми“ (есеи, 1987); „Послание“ (поезија, 1987); „Тиквешки зборник“ (студија, 1987); „Средба во рајот“ (поезија, 1988); „Црква“ (поезија, 1988); „Дневник по многу години“ (проза, 1988); „Златоврв“ (поезија, 1989); „Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески“ (1989); „Сеизмограф“ (поезија, 1989); „Македонски места и теми“ (есеи, 1991); „Небесна река“ (песни и препеви, 1991); „Светот на легендатата и песната“ (есеи и прилози, 1993); „Црн овен“ (поезија, 1993).

Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Хердеровата“, „Његошевата“, АВНОЈ, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, „Скендер Куленовиќ“, на Сојузот на писателите на СССР, за книжевен опус на „Мисла“, „Рациновото признание“, „13 Ноември“.

Блаже Конески почина во Скопје на 7 декември 1993 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc