1908: Атанас Иванов

Атанас Иванов

Атанас Иванов е роден во 1874 година вo Прилеп, како син на крчмарот Димо Иванов и на Стојна Бафчанка.
Неговата мајка била главен организатор на ВМОРО во Прилепско, преку која се организирало собирање на храна и оружје, а во нивниот дом се лекувале и нашле засолниште голем број на револуционери, меѓу кои и Гоце Делчев во 1901 година.

Во нивната куќа била и редакцијата на илегалниот весник „Шило“, редактиран од свештеникот Јордан Ангелов. Атанас бил брат на учителите Кочо Иванов и Марија Иванова, кои исто така се занимавале со револуционерна дејност. По завршувањето на образованието, Атанас учителствувал во прилепските села Небрегово, Бучин, Дуње и Варош, а потоа во Прилеп и Ресен.

Се вклучил во ВМОРО и станал секретар на првиот Револуционерен комитет во Прилеп. Иванов постојано одржувал контакти со комитетот и околиските чети и организирал терористички групи. Поради тоа, неколку пати бил апсен, а во периодот од јануари до декември 1902 година, лежел во Битолскиот затвор. По излегувањето од затворот се приклучил во четата на Петар Ацев, а од пролетта 1903 година бил секретар на четата на војводата Христо Оклев-Попето.

Во 1904 година, заедно со неговиот брат Кочо, се префрлил во Бугарија. Таму станал член на Прилепското братство во Софија, каде што работел во Дирекцијата за статистика.

Во 1912 година учествувал во Балканската војна како фелдшер (помошник лекар). По војната се повлекол и се до смртта во 1956 година работел како ситен трговец во Софија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc