Надгробниот крст од аџи Христо Логотет.

Аџи Христо Логотет

Аџи Христо Логотет

Просветната и општествена дејност во Прилеп својот напредок можела да го достигне единствено преку развивањето на црковниот живот, зашто новонастанатата македонска граѓанска класа сè повеќе ја осознавала својата положба и улога меѓу својот род. Тоа било причина повеќе таа класа да се вклучи и вклопи во што поактивното развивање на црковниот живот. Касапско-христијанскиот еснаф бил прв на удар од страна на турската власт, која ги ограничувала неговите права во трговската дејност, па затоа тие биле принудени својата чаршија да ја отворат во црковниот двор. Токму затоа, меѓу 25-те градоначалници, кои го потпишале купопродажниот договор во 1837 година, се спомнуваат и двајца касапи. Освен касапско-христијанскиот еснаф, кој одиграл важна улога во развивањето на црковниот живот, во Прилеп во средината на XIX век, постоеле 38 еснафски здруженија, кои несебично помагале во остварувањето на идејата што поинтензивно да се развива црковниот живот, но и во организирањето на градбата на храм-паметник, кој би ги задоволил верските потреби на прилепчани. Сепак, еден од првите еснафи кој прераснал во трговски еснаф и кој одиграл решителна улога во добивањето на ферманот за изградба на црквата, е тутунџискиот еснаф. Оваа своја клучна улога и одговорна задача ја оствариле преку тогашниот тутунски трговец – аџи Христо Дамјанов.

Аџи Христо Дамјанов е еминентна личност, кој имал храброст да ги изнесе желбите на своите сограѓани и со умешност, спсобност и тактичност да ги достигне своите цели пред османлиската власт. Тој е роден меѓу 1775-1780 година во селото Беловодица, во семејството на Дамјановци, а името го добил според својот дедо. Неговото семејство било едно од поимотните во свое време. На тригодишна возраст се преселиле во Прилеп, поточно, во Варошко маало. Кога наполнил десет години, неговите родители го запишале да учи во ќелијното училиште во Варош, зашто тој пројавил голема љубов кон писмото. Во варошкото ќелијно училиште биле запишувани децата на поимотните прилепчани, но и децата од семејствата кои имале можност тоа да си го дозволат, а не биле од Прилеп. Така, во ќелијното училиште доаѓале и ученици од околните прилепски села – Никодин, Плетвар, Ореовец и други. Токму овие ученици подоцна ќе станат највидните носители на победоносната борба против грцизмот и бугарштината. Освен родољубието, во ќелијните училишта се стекнувало и основното познавање на верата, па затоа голем број на ученици од варошкото ќелијно училиште ќе станат и подоцнежни прилепски свештеници. Токму тука, малиот Христо се воспитувал и образувал со децата од највидните прилепски семејства: аџи Христовци, аџи поп Костадиновци, Фукаровци, поп Адамовци, поп Ѓорѓевци, Московци, Рошковци, аџи Поповци, поп Икономовци…

Кога не одел на училиште, Христо редовно му помагал на својот татко во занаетот, зашто неговиот татко бил дограмаџија. Бидејќи бил исклучително ретко надарен човек, освен со дограмаџилакот, тој почнал да се занимава и со трговија – железарија. Работата бргу напредувала, па семејството на аџи Христо набргу станало едно од поимотните и во градот. Нивната материјална состојба дозволила да купат место за градба на куќа во Црковното маало, каде што живееле угледните и богати прилепчани. Аџи Христо го изучил дограмаџискиот и сарачкиот занает, но по примерот на својот татко и тој пројавил интерес за трговија. Бидејќи одлично го владеел турскиот јазик, тој честопати одел во Цариград по трговија. Шетајќи по Грција убаво го изучил и грчкиот јазик и сето тоа многу му помогнало во зајакнувањето на трговијата и неговата положба. Одејќи по најразлични стоки имал можност да ги посети и обиколи најпрометните источно-средоземноморски пристаништа Јафа, Смирна и Ерусалим, да се запознае со тамошните трговци, да воспостави контакти, но и да се запознае со обичаите и културите на тие народи. Како голем верник, кој се одликувал со искрена побожност, аџи Христо ги посетил и најпрочуените светогорски манастири Зограф и Хилендар, но најголемо задоволство и чест доживеал кога во Ерусалим го посетил Божјиот гроб и се поклонил на оваа голема светиња. Во Ерусалим останал да живее околу три години и тука го усовршил познавањето на грчкиот јазик, а во исто време го изучил и арапскиот. Со посетата и поклонувањето на Божјиот гроб тој постанал аџија и пред своето име го додал префиксот „аџи“ – титула, која многумина прилепчани ја стекнале и љубоморно ја чувале, а семејството на аџи Христо и денес со восхит и почит ја има во своето презиме.

Аџи Христо бил човек со среден раст, долга брада и облечен во црна антерија и ќурк. Но, неговата надворешност многу малку зборувала за неговите внатрешни квалитети. Тој бил авторитетен човек, чесен и искрен во трговските зделки, почитуван од својот еснаф, ценет од своите сограѓани, побожен, одлучен, решителен, трудољубив, остроумен и горд на својот македонски национален идентитет. Заради својата чесност и искреност бил сакан насекаде каде што одел по градовите, тргувајќи со најразлична стока. Така, патувајќи по светот, нашол работа како писар во некој голем тутунски магазин во градот Смирна. Во тој период тутунопроизводството во Македонија не можело да напредува заради големите државни даноци. Прилепските трговци со тутун барале начини како да го зголемат тутунопроизводството. Тие мислеле дека со поднесувањето на барање за добивање на ферман за градба на црква ќе имаат и можност да ги прошират и своите трговски капацитети. Така, во актот од 1826 година, со кој се праќаат пари од Варош за Цариградската патријаршија, аџи Христо е потпишан како „логотет“. Титулата „логотет“ тој најверојатно ја стекнал во Смирна, во тамошниот тутунски магацин каде што работел како писар, зашто самиот збор „логотет“ значи писар, писател, брзописец, висок чиновник или канцелариски работник во Византиското царство. Според тоа, аџи Христо уште од 1826 година започнал да се потпишува како „логотет“, а не од 1834 година, како што и денес многумина мислат.

Нешто пред 1826 година, аџи Христо се вратил во Прилеп и станал епитроп на црквата „Свети Димитриј“ во Варош. Во тој период оваа црква била централна градска црква, иако се наоѓала во Варош, и тука се извршувале речиси сите крштевки, венчавки и опела над православните христијани. Да се биде епитроп на оваа црква претставувало голема чест и привилегија, зашто епитропот бил надзорник на материјално-финансиското работење на црквата и управник со нејзиниот имот. Аџи Христо со својот авторитет успеал да биде поставен на оваа функција, која тој ревносно и чесно ја извршувал. Тогаш во Прилеп имало 11 парохиски свештеници кои богослужеле во варошките цркви, а аџи Христо веднаш сфатил како кај овие намачени души гори желбата за своја домородна црква, со домородни владици. Како епитроп тој сфатил колку многу тие биле угнетувани од Цариградската патријаршија преку грчките пелагониски митрополити. Тогашниот Пелагониски митрополит Григориј, кој на митрополитскиот трон бил поставен во 1825 година, се потрудил на секое поважно место во епархијата да има свештеник, кој би ги штител големогрчките интереси, а освен тоа ги теретел свештениците да плаќаат и големи суми кон митрополијата на име свештенички данок. Токму во црквата, во која аџи Христо бил епитроп, била поставена и специјална кутија на Великата Црква во која се собирале пари за Патријаршијата. Освен свештениците, во таа каса биле принудени да даваат свои прилози и православните верници, кога оделе на богослужби во неделните и празничните денови. Во годината кога станал епитроп, за Великата Црква аџи Христо бил принуден да ги испрати и парите кои биле собрани во касата, а тоа биле 220 гроша. Освен овие пари, аџи Христо го собирал и пападиконот (свештеничкиот данок), кој исто така требало да го праќа за Великата Црква. Како епитроп, тој во себе почувствувал одбивност кон овој начин на угнетување на својот народ, неволно ги исплаќал наметнатите даноци, па уште тогаш почнал да крои планови како може да се спречи сето тоа, како да се пренаменат парите од касата и од свештениците и како да започне да се отфрла грчкиот неподнослив јарем. Тогаш ја почувствувал и потребата од градба на нова црква, во која ќе се богослужи на мајчин јазик, каде што парите од народот ќе остануваат за народот и која би ги задоволила верските потреби на православните прилепчани, зашто градот брзо се ширел.

Кога големиот везир Рушид-паша во 1831 година, во присадски Дервен, ги разбил бунтовничките војски на скадарскиот паша Мустафа, везирот сакал да го казни прилепското население заради неговата лојалност кон бунтовниците. Прилепчаните кога разбрале за оваа намера, веднаш се упатиле кај Пелагонискиот митрополит Григориј и го молеле тој да се застапи за нив кај везирот, со цел да бидат поштедени од таа казна. По иницијатива на митрополитот, тие формирале делегација која лично ќе преговара со везирот и ќе му ги изнесе проблемите, маките и тешкотиите со кои се соочувале. Но, за да се постигне успех во разговорите со великиот везир Рушид-паша, кој во тоа време бил и министер за внатрешни работи на Турската империја, било потребно да се изберат најумните и најснаодливите прилепчани, кои на сите можни начини ќе се обидат да ја придобијат благонаклонетоста на везирот. Во делегацијата најпрво биле вклучени прилепските Турци-првенци, кои немале никаква вмешаност во востаничките намери на Мустафа-паша, но биле вклучени и двајца православни прилепчани: епитропот аџи Христо Логотет и чорбаџијата Ицо Беломаре. На соборот, пред да тргнат да разговараат со Рушид-паша, било одлучено главниот збор во преговорите да го има аџи Христо, зашто сите сметале дека тој е толку многу надарен, така што ќе го одврати пашата од намерата да го запали и уништи градот Прилеп.

Според преданието, Рушид-паша престојувал во Прилеп околу шест седмици и за целото тоа време отседнал во домот на аџи Христо. Овој негов потег крајно ги навредил прилепските муслимани, но пашата отворено признал дека повеќе нема доверба во неговите, бидејќи постојано живеел во страв дека ќе биде предаден од некого и убиен. Затоа најбезбедно се чувствувал во домот на аџи Христо. Присуството на пашата во својот дом, аџи Христо го искористил најпрво во убедување дека прилепчани со ништо не им помогнале на бунтовниците во нивните намери против Падишахот. Бидејќи Рушид-паша бил вистински воспитан војник, кој се одликувал со својот чесен војнички збор, невидена храброст, способност, интелигенција, отвореност и искреност, а во исто време поседувал и голема смиреност, бидејќи сакал непосредно и да зборува со простата раја, ја прифатил молбата на аџи Христо, Прилеп да не биде запален. Всушност, шетајќи низ прилепската чаршија во периодот додека престојувал во градот, тој самиот сфатил за какви луѓе се работи – вредни занаетчии кои со мака го заработуваат својот леб и кои немаат многу време за губење, давајќи им поддршка на бунтовниците. Откако аџи Христо доволно се опуштил пред везирот слободно да разговара со него за сите проблеми, скроил убав план како да го добие она за кое со години копнеел прилепчанецот – црква, во која ќе се пее и богослужи на мајчин јазик.

Откако Рушид-паша одлучил да го помилува Прилеп, аџи Христо го известил дека тој и неговите прилепчани сакаат за овој негов потег засекогаш да му благодарат и нему, но и на Падишахот за големата милост. Но, оваа своја желба тие биле спречени да ја остварат, зашто немале црква каде да се молат за здравјето и благосостојбата на везирот и царот. Токму ова било причина аџи Христо да почни да го моли и убедува везирот дека Прилеп треба да добие ферман за градба на црква. Тој бил уште поубедлив во своите барања кога му докажал дека, освен варошките цркви, во Прилеп нема друг ваков објект каде тие ќе можат да благодарат на царот за сите негови добрини кои им ги направил. Совладан од емоции, но и согледувајќи ја реалната состојба во градот, пред своето заминување од Прилеп, Рушид-паша јавно ветил дека ќе ги искористи сите свои можности и потенцијали, како и својот углед пред Големата Порта во издавањето на ферман за градба на црквата. Со вакво ветување Рушид-паша си заминал од Прилеп за Цариград, а аџи Христо со градските првенци веќе почнал да крои планови како да се добие долгоочекуваниот ферман.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc