1482: Пелагонија и Линкестида на рекострукција на географска карта од Клавдиј Птоломеј од 150 гне. печатена од италијанскиот издавач Франческо Берлинхер

Прилеп и Mакедонија низ странската картографија

Прилеп и Mакедонија низ странската картографија Картографија (грч. Χάρτης – карта и graphein – пишува) е наука која се занимава со проучување и изработка на карти и глобуси. Картите традиционално се изработувале со помош на моливи и хартија, но напредокот и распространетоста на компјутерите ја револуционализира картографијата. ПРИЛЕП ВО СТРАНСКАТА КАРТОГРАФИЈА… Картографите немале многу среќа со лоцирањето на Прилеп, па понекогаш погрешно го преставувале Прилеп со локации што се многу далеку од местото каде што се наоѓал. Така, Прилеп првпат се среќава во мапата на венецијанскиот картограф Џакопо Гасталди од 1560 година, со името Прелепо, но со наполно погрешна положба на десната страна на реката Црн Дрим, односно на местото каде што би требало да е Дебар. Со ваква местоположба Прилеп се среќава на уште неколку мапи. Грешката со локацијата ја исправил картографот Кантели во 1689 година, менувајќи го и името во Пирлип. Потоа во сите следни мапи локацијата на Прилеп е иста, со многу мали отстапувања. МАКЕДОНИЈА ВО СТРАНСКАТА КАРТОГРАФИЈА Македонија низ вековите постојано била и останала точно дефинирана земја, почнувајќи од античкото време до денес. Имено, сите картографи, и оние што биле подобро упатени, но и оние послабо упатените во состојбите на теренот, точно знаеле каде е и до каде е Македонија. Затоа на сите мапи со големи букви го пишувале нејзиното име токму во просторот обележан со нејзините замислени граници. Освен неколкуте антички мапи, постојат уште околу 600 мапи работени од 15 век до 1912 година на кои е прикажана Македонија, а оригиналите на најголемиот дел од нив се наоѓаат во Британската библиотека во Лондон, во Француската национална библиотека во Париз, во Австриската национална библиотека во Виена, во Државниот архив и Националната библиотека во Загреб, во Народната библиотека во Белград итн. Македонија, како една од најзначајните земји од античкото време до денес, била во непосреден допир со центрите на древниот културен свет. Кога почнало цртањето на картите, Македонија била меѓу првите земји што биле претставени картографски. И не само што била претставена туку била многу прецизно географски опишана. Тоа се гледа уште од цртежот на Марин Тирски од првата половина на вториот век по Христос, а завршен подоцна од александрискиот географ и астроном Клавдиј Птоломеј. Прецизно се нанесени планините што ја заградуваат Македонија од север, прецизно е нанесена границата на исток до Струма, назначени биле многу села, утоките на многу реки, планините меѓу Вардар и Струма, Халкидик со трите полуострови. Римската власт, под која во тоа време се наоѓала Македонија, и целиот познат културен свет, презела мерења во практични цели. Врз карпи и камења биле издлабени карти на Римската Империја. На тие карти со многу подробности била нанесена и Македонија. Македонија не само што претставувала една од најзначајните провинции на Империјата туку имала и посебно значење во стратегијата. На тие карти, особено онаа во преписот од 12 век именувана како Табула Појтингеријана, која всушност е стара римска карта од средината на 4 век, Македонија е дадена со многу подробности: планините на север, Виа Егнација и Виа Милитарис, потоа патиштата Солун – Скопје, Битола – Стоби и други. Патиштата во Македонија се прикажани во историската мапа на Де Лил од 1707 година, а од почетокот на 19 век во сите подетални мапи се прикажуваат поважните, а потоа дури и локалните патишта. Почнувајќи од 1822 година, од мапата на Александар Лапи, подетално се прикажани и голем број села и помали населби, кои уште поподробно ги прикажува Кипер во својата мапа од 1853 година. Исто така на мапите се прикажани и патишта, а првата таква мапа е Појтингеровата мапа изработена од Касторуис во 350 година. Освен Виа егнација, со попатните станици Лигнидо, Хераклеја, Едеса, Пела и други, на мапите детално е прикажан и патот по долината на Вардар со станиците Скупи, Агвас, Анаусаро, Гурбита, Стопис, Антигонија, Стенас, Идомена, Тавријана, Галикум и Тесалонике. Третиот пат е денешниот Коридор 8, кој низ Битола и преку Стоби водел до Софија, минувајќи низ попатните станици забележани на мапата од 350 година како Стибера, Керамиеја, Евристос, Андаристус, Стоби, Транупара, Астибо и на крајот Сердика. Подоцна, во средниот век, заедно со општиот застој во културата, има застој и во картографијата. Во тој период како центар на светот е ставен Ерусалим и во најголемиот број случаи автори на овие карти биле монасите. Меѓу другите, монахот Беатус и неговата елипсовидна карта на која е претставена и Македонија, потоа картата на светот во градот Алби, картата наречена Катонијана, картата на Хајрних Мајнц, картата на светот што се наоѓа во Оксфорд. И на сите нив Македонија е мошне прецизно претставена.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc