„Сејахатнаме“, патописот од Евлија Челебија.

Патописот на Евлија Челебија

Патописот на Евлија Челебија од 1660 до 1668 година

Евлија Челебија (турски: Evliya Çelebi) е еден од најславните отомански патеписци, кој патувал низ териториите на Отоманската империја и околните земји во период од четириесет години. Патеписите на Челебија се особено значаење за историографијата на разните градови во Македонија, бидејќи истите даваат увид во нивниот изглед, дух и локалниот начин на живот во тоа време, кој инаку би го немале.

Челебија е роден на 25 февруари 1611 во Истанбул како син на дворски јувелир. Како таков тој се стекнал со одлично образование. По првичните тури низ Истанбул, во кои правел белешки за згради, пазари, обичаи и култура, во 1640 Челебија првпат патува вон градот. Неговата збирка белешки од сите негови патувања е сместена во десет тома и е наречена „Сејахатнаме“ („Книга на патешествијата“ или „Патепис“). Иако многу од описите му се прилично претерани, неговите белешки се општоприфатени како водич низ културните аспекти и начинот на живеење во Отоманската империја во XVII век. За жал, неговите патешествија никогаш никаде не се преведени и издадени во целост. Ова е случај и во Македонија.

Евлија Челебија починал во Истанбул во непозната година.

Еве што е напишано за градот Прилеп во неговиот „Сејахатнаме“:

„Градот Прилеп го освоил Гази Худавендиѓар преку Тимурташ-паша. Тоа е војводството во Румелсикиот ејалает и угледен кадилак во ранг од 150 акчи. Тврдината се наоѓа на една остра црна карпа, која е оддалечена од градот. Изграден е од делкан камен во облик на шестоаголник. Од ниедна страна нема ритче, кое би доминирало над крепоста. Тоа е висока, тешко достапна и цврста крепост. Нејзините бастиони и градобрани се, исто така, добро зацврстени. Но, сега во тврдината има само три куќи и диздар.

Уште од освојувањето нејзините амбари стојат полни со просо. Градот е оддалечен од крепоста за еден топовски истрел. Тој лежи на источната страна во едно пространо песокливо поле и прилично е напреден. Градот има доволно првенци и угледни луѓе. И синот на Коџа – Арслан-паша, е господин, кој има хандан (конак) за прием на гостите.

Градот има вкупно десет маала со илјада куќи, градени од цврст материјал, со пространи градини.

Од џамиите е позната Алајбеговата џамија во чаршијата. Таа е висока. Исто така, позната е и Арслан-пашината џамија. Освен тие, има повеќе маалски месџиди. Тука има повеќе медреси, теќиња, мектеби и еден ан. Натписот над анот гласи: „Кога Хеваи го запраша Светиот Дух, еден летописец му го рече следново: Градбата нека биде полузатворена“.

Тука постои еден пријатен амам. Дуќани има вкупно двесте. Поголемиот број од жителите се занимаваат со изработка на играчки и ножеви.

Во градот воопшто не може да има кал, зашто се наоѓа на чист и песоклив терен. Градот е во средна состојба. На југоисточната страна од градот се наоѓа големото и плодно поле, од каде што се гледа текот на реката Вардар. Бидејќи климата е пријатна, овде-онде можат да се видат убавци и убавици. Градското население е наклонето на ловот, зашто во планините и лозјата има многу ловишта. Поголемиот дел од јавните градби во градот се од покојниот Коџа Арслан-паша“.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc