Јануари 2013: Мермерна статуа пронајдена во Тополчани при копање на темели за новата селска црква

Камените моми од Чепигово…

КАМЕНИТЕ МОМИ ОД ЧЕПИГОВО

8 јуни 1968 година
„Журнал“

Легендата вели:
Во старо време, била некоја лична мома, Малинка. Во селото и во сите села наоколу, немало поубава девојка од неа. Стројна, белолика, со крупни црни очи, како најадрени зрна грозје, со долга врена коса, како крило гавраново.
Момчињата тајно воздивнувале по неа, ја сонувале во немирните младешки ноќи, се фаќале во оро до неа, но таа на никого не му давала надеж.
Била една на мајка и татко, и тие ја имале како солза на дланка.
Еден ден, чекајќи ги овците кај чепиговското блатиште, зажеднела и тргнала да се напие вода од изворчето под ридот.
Тргнала, и веќе не се вратила. Три дена пробдеале момчињата по блатиштето, три дена очи исплакаа нејзините родители, три дена тага тагувало целото село по убавата Малинка, а четвртиот ден таа самата се вратила дома.

И исприкажувала: кога се наведнала над изворот, наеднаш почувствувала дека почнува да тоне во ровката земја. Се обидела да се спасе, но попусто: земјата како да се отворила под неа и таа пропаднала во мермерна одаја, раскошно украсена, полна со сребро и злато, и други бесцености…

Како се спасила, тоа не смеела да каже. Тоа останало тајна…

Така вели легендата, што од колено на колено кружи во овој крај. Така, или во некоја друга варијанта, но во чепиговското блатиште долу во земјата, се наоѓа големо богатство.
И, со години, оваа легенда ја скокоткала фантазијата на селаните, но никој не се обидел да испита што е вистина, а што приказна.

А ШТО НАПРАВИЛ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ?

Неколку години по Првата светска војна тогашниот претседател на општината во Тополчани се заинтересирал за оваа легенда.
-Можеби е сето тоа измислица, рекол тој. -Празна измислица на селаните во долгите зимски ноќи, кога нема што да се прави, освен да се кажуваат приказни…
Но, можеби и има нешто во сето тоа…

Па, бидејќи бил човек од акција, не се задржал само на размислувањата и претпоставките, туку зел неколку работници, им платил добро да го прекопаат блатиштето кај ридот чепиговски.
Работниците копале, претседателот раководел со раскопувањето како што знаел и умеел, селаните понекогаш се собирале од далеку, да видат што станува, не верувајќи дека „тајната ќе им се каже“ на оние, што сакаат да ја откријат.

Резултатите на тие ископувања?

Никој за тоа не умее да каже. Освен за тоа дека претседателот пронашол некои предмети, што потоа за скапи пари ги продал во Белград.
И уште нешто: дека ископал две статуи, две камени убавици од чист, бел мермер, и дека тие потоа долго го креселе неговиот двор.

…Минувале години, времињата се менувале, и камените убавици исчезнале од дворот на претседателот, кој веќе одамна и не бил повеќе претседател.
Кој ги зел, каде се тие? Каква вредност имаат?
и за тоа никој не може ништо да рече. Се претполага само, дека некој некаде ги закопал, кај Тополчани, за да ги зачува.
…Постарите селани расправаат за тоа, и велат дека таму, каде што некогаш се копало, во блатиштето, имало црква. Можело дури, кога водата ќе се разбистрела, да се видат скали, контури на ѕидови.
Велат: со своите очи тоа го виделе…
Денес таму нема ништо. Блатиштата се исушени, земјата изорана.
Всушност, сега таму се ниви.
А, би било интересно да се утврди: што е вистина, а што не во сета оваа приказна.

И, каде се двете камени убавици?
Се расправавме, кој има право: оние што критикуваат, или критикуваните.
Оние што критикуваат, тоа се нашите прилепски собеседници а критикуваните – задругарите од Тополчани.
Ние пак дојдовме заради камените убавици од Чепигово.
Што се однесува за задругарите од Тополчани, работите стојат вака:
Референдуми, референдуми, референдуми и обиди за интеграција, па ништо…
А имало нужда од инеграција, па затоа еднаш сакале да се интегрираат со ЗС „Кузман Јосифоски –Питу“, ЗК „Црна река“, но на гласањето рекле: „НЕ“, и не се интегрирале.
Потем, сакале да се интегрираат со „Кузман Јосифоски –Питу“,
со ЗК „Црна река“ и ЗК „Пелагонија“, со републичкиот завод за овоштарство, пак со ЗК „Пелагонија“, и најпосле, кон крајот на минатата година, се интегрирале со ЗС „Кузман Јосифоски –Питу“.
Веќе на почетокот на годинава, во Тополчани нови гласови за дезинтегрирање…
Добро, интересен е тоа феномен, заслужува внимание и секако ќе се разреши и без бучните израѓања на нашите собеседници.

Сепак, овојпат не интересира нешто друго: камените убавици од Чепигово.
Всушност, би сакале да знаеме каде се тие сега…

Бранко Заревски

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc