24 јули 1924: „На развалинама старог српског града Бучина...“

„На развалинама старог српског града Бучина“

КРОЗ ЈУЖНУ СРБИЈУ: На развалинама старог српског града Бучина

„Време“, 24 јули 1924 година

Брег засејан со керамика и стари парички

Битола, Јули

Никогаш на толку мал простор не сме поминале низ толку векови. Воденици од Душановите повелби, стари македонски градови, средновековни турски мостови, хеленски кипови, тврдината на Стефан Дечански, грчки амфори и селани во сукни, кои пред себе тераат стадо биволи.

Поминуваме низ селата низ магла од плева. Отворените големи порти ги урамуваат сцените на животот по авлиите. Полно мали, весели деца со избледена коса, во долги кошулчиња си играат качени на купиштата од стогови жито. Жените извезени од глава до пети, многу раскошно, но никогаш невкусно, толку убави со сите тие украси и совршено облечени, ми изгледаа како госпоѓи спремени за на костим-бал.

Додека работат, секое нивно движење изгледа симулирано под тешките ракави, кое како да постои само да би дошла до израз народната уметност и плодноста на селото. Се чини дека овдешните конзервативни селани, за да не би ја расипале оваа слика, сеуште немаат донесено парна вршалка. Во целата Пелагонија, која е житница на Јужна Србија, сеуште се врши примитивно, исто како во времето на Александар Македонски: Со коњ на гумното.

Пред Бучин гледаме забележуваме уште една голема радост за секој што сака да се чувствува убаво… Тоа се хармоничните, фини и меки облини на еден стар камен мост на Црна река.

Бучин не му е непознат и на нашите хроничари…

Во еден стар летопис се вели:

„Кога благоверниот крал Стефан Дечански тргна на Бугарите, удрија Грците на српските земји и ги зедоа градовите Железник, (Демир Хисар), Бучин и други. Но Грците, достојните претци на воините од Смирна и Рупел, на врат-на нос, без борба ги напуштија сите српски градови, штом слушнаа за бојот кај Велбужд (Ќустендил).“

На ридот над Бучин околу новата триангулациона пирамида сеуште се гледаат ѕидовите од тврдина од времето на Стефан Дечански или можеби од уште постара македонска тврдина. Покрај патот пред влезот на селото гледаме поставен логор… Војниците ја поправаат расипаната германска пруга, која од Алинци излегуваше на Ѓавато, преку која се снабдуваа трупите на преспанскиот фронт со компир, бомби, пексимит и жици.

Војниците млади со лопати, валкани од зарѓаните шини, гледаат нешто преку мостот и се смеат. Во сувото корито од реката, на еден камен лежеше една голема бела мечка, која внимателно го следеше нашето пристигнување. Зошто е мечката тука, веднаш сфативме по циганската черга позади нејзе, малку понатаму видовме уште две мали мечиња, кои палаво играа со Циганите.

Кога селаните не нагостија со пржена риба, јаболка и ракија, под врбите покрај реката, не го заборавија и спектаклот, па го донесоа и мечкарот да не забавува. Во тоа време мечињата се капеа во реката под воденицата со 12 вители, истата онаа воденица, која цар Душан во една царска повелба му ја подарил на манастирот Трескавец.

Додека седевме покрај воденицата во бучавата на воденичарските тркала, тројца селани со мака донесоа ќуп ископан од околните ниви. При ископувањето не биле многу внимателни па му го скршиле врвот. Во ќупот можеше да застане цел човек. Селаните пронашле вакви 13 ќупови, полни со јагленисано жито, но само еден извадиле, додека останатите 12 сеуште наѕираат во нивата.

Големиот жупан г. Борисављевиќ многу ми раскажуваше за ридот на Бучин и за предметите кои се наоѓаат на површината. Предметите наѕираат од површината особено по дождот, кој ги мие од нив танките слови земја. Малите овчарчиња овде наоѓале стари парички, тегови, остатоци од садови и накит.

Со нетрпение се искачивме на ридот и почнавме да бараме. И овде беше фронтот, па местото е преорано со ровови. Додека пребаруваме на моменти не прелажаа по неколку парчиња од гранати, кои скршени наликуваа на бронзени фигури.

По неколку чекори г. Борисављевиќ најде парче од теракота, на која беше претставено торзото на некоја танчарка, фино замотано во тога со ситни набори, која беше закопчана со копча украсена со ситни точки. Понатаму пронајдовме безброј парчиња од црвена и црна керамика. Не знам колку дршки од амфори и садови видовме тој ден. Една бронзена обетка, едан зарѓан прстен и неколку стари парички.

Додека се движевме сите внимателно гледавме пред себе со цел да пронајдеме нешто. На патот, по кој штотуку помина стадо овци, претседателот од општината пронајде сребрена паричка на која имаше бик со наведната глава од едната страна, а додека од другата страна имаше грчки натпис ДРАЦА.

И така одевме како на берба…

На превртената земја од една угарена нива пронајдовме македонски парички со натписи: ПЕЛЕ, ФАРЗАЛЕ, АМФИОПОЛИС. Додека во корититата на пресушените потоци, по патеките и во браздите од другите ниви наидовме на парички со прекрасните ликови на македонските кралеви и претстави со коњи, елени и други животни.

Не можев да замислам дека некаде на светот постои ваков рид со површина олку богата со нумизматика. Исто онака како што се оди на орање, вршење или косење, така се оди на собирање на парички. Додека шетате по полето, секогаш ќе најдете некаква стара паричка, бакарна, сребрена а понекогаш и златна. Долго време овдешните овчари, особено после дождот, собираат парички по полето, кои потоа им ги продаваат на Евреите во Битола за динар два.

Големиот жупан г. Борисављевиќ за кратко време собра прекрасна збирка македонски, српски и грчки парички, кои му ги испрати на Н. В Кралот, бидејќи нашиот Крал е страствен нумизматичар.

Си заминав задоволен од овој необичен рид со полни џебови со теракоти, земјени тегови и неколку парички. Се потрудив да дознаам кој бил овој богат град што и ден-денес ги оставил достапни неговите пари, вазни и ќупови.
Но не успеав да пронајдам никакви траги…

Можеби се лажам, но изгледа во оваа богата земја никогаш се нема зариено лопата под надзор на археолози. Единствено што се знае е дека некогаш во овие краишта бил стариот македонски град Керамија. Можеби Керамија се издигнувала точно овде на овој рид преполн со фина керамика?

С. Краков

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc