Варош...

Прилеп и американскиот сон

„Прилеп и американскиот сон“ е патепис од 2012 година на американците Мерлин и Ребека, кои посетиле 50 држави во Европа и без исклучок на земјата се задржале по две недели во неа.

ПРИЛЕП И АМЕРИКАНСКИОТ СОН

„Поканите во Македонија наликуваат на закани…

Не постои скромен начин да ги одбиете нивните покани, така што ние на крај завршивме со пиење на ракија кај едно семејството во периферијата на Прилеп, древен тутунски град сместен во Пелагониската рамница.

Седејќи под една слива во нивниот двор разговаравме за Америка и Македонија, повремено поздравувајќи ги соседите и минувачите.
Двајцата браќа зборуваа за нивниот татко, кој седеше со нас, но говореше малку англиски. Христијан, помладиот брат, ни раскажа како нивниот татко отишол во Австралија, но се вратил бидејќи бил заљубен во нивната мајка, одлука која им се чини неверојатна на нивните деца.

Христијан ова го кажуваше на начин како да зборува за некаково богохулие, на што таткото само кимна со главата. Низ шега ни рече дека ние би можеле во нашите куфери да однесеме дома едно или две нивни внучиња (Тоа беше шега, но сепак невкусна). Овде секој сака да го напушти Прилеп, а тоа е голема штета, бидејќи Прилеп е прекрасен град. Иако потценет, овој град од седумдесет илјади жители може да прикаже многу повеќе од тоа што мислат луѓето за него.

Се чини дека луѓето им веруваат на туристичките прирачници, во кои Прилеп е прикажан како неинтересен, секојдневен град, кој покрај градовите како Охрид и Скопје, не се вклопува лесно во туристичките понуди. Точно е дека Прилеп е настрана и изолиран од главните туристички центри во западниот дел на земјата и дека во него има четири или пет оскудни места за престој, но да се опише во некаков туристички водич со неколку редови (како што прави веб страната Lonely Planet) е повеќе од срамота.

Домашната ракија што ја пиевме со браќата Христијан и Панчо, нивниот татко, сопруга на Панчо Валентина и пријателот Горан, беше направена од селски сливи со бледо зелена боја и со ливчиња од нане во шишето („Добра е за стомакот“). Ракијата беше доволно силна да ве изгори, но сепак добра да има сложен и суптилен вкус.

Додека седевме во дворот, неколку соседи туркаа количка полна со дрва во која имаше и две пластични буриња. Нашите домаќини со нив разменија по некоја шега и неколку пријатени зборови. Кога луѓето заминаа, Христијан ни кажа дека тие одат да прават сопствена ракија кај некој нивни пријател.

-”Зошто да биде нелегално правењето на алкохол во Америка? Овде е тоа традиција, ние го пиеме ова илјадници години. Ова е Македонија!”

Ние пристигнавме во нивната куќа по напорното пешачење до кулите на Крал Марко, кој е легендарна личност во националниот фолклор, но сепак тој е мал владетел од XIV век. Одовде погледот кон тутунските насади е спектакуларен, а теренот ишарен со карпи и трева е привлечен и идеален за пешачење.

Браќата го научиле англискиот преку гледање вестерн филмови со нивниот татко. На старецот му се допаѓале пејзажите на филмовите, бидејќи тоа го потсетува на домот: на прашина, на високите карпи и широкиот хоризонт. Всушност, градот наликува многу на некој американски провинцијален град, но на некој начин е многу поколоритен.

Овде тутунот се суши по уличните светилки и тротоари, додека луѓето го купуваат истиот по пазарите. Постојат повеќе кафулиња тука, отколку во провинцијалната Америка, а центарот на градот е полн со живот и во него скоро да нема никакви празни продавници… Се чини дека градот наликува малку како Америка од минатото.

Градот е привлечен, со своите широки авении и тесни, средновековни сокаци. Впечатливи се бројните дрвја и пријателските луѓе, постојаниот жубор од разговор и наводнувањето на нивите во полето. Постојат неколку убави музеи, убави стари куќи и енергичен пазар. Тоа е вид на неоткриено богатство, кое го посакуваат туристите намерници, каде што локалните обичаи се лесно измешани со модерноста, но сепак, непроменети на еден убав пријателски начин. Туристите овде сеуште се реткост, освен по некој странски студент.

Овде секој го знае секого и никој не е во брзање. Тоа е совршен пример за тоа што ние го нарекуваме „Кафе култура“. Со други зборови, тоа е многу повеќе космополитски, отколку што претпоставуваат граѓаните на Прилеп. Пред стемнување застанавме пред една ковачница. Еден стар човек стоеше пред огништето и наковалната, а неколку негови пријатели седеа во близина и муабетеа. Кога го прашав, дали би можеле да го сликаме, тој ја извлече вжештената секира од огништето и почна да ја удира во ритам. Откако заврши бучавата, секирата веќе доби груба форма, ја врати назад во јагленот и се насмевна. „Се направи лесно“, рече тој (го разбрав тоа знаејќи по нешто руски) и намигна. Неговото лице му беше избраздено со длабоки црти, а очите му беа светли сино.
Сфативме дека тоа беше прв пат да видиме вистинска ковачница која не беше дел од некаква музејска поставка.

Христијан и Горан ни приредија турнеја низ околните населби на градот. Додека се возевме, двајцата пријатели им мавтаа на речиси сите, со кои се разминавме, повремено застанувајќи со автомобилот да разменат по неколку зборови со некого (да, тоа беше откако испивме едно шише со ракија).

Христијан и Горан ни го покажаа древниот манастир посветен на Архангел Михаил и една црква. Христијан седна со неговите пријателите во една пикник маса, а Горан нe одведе до новоизградениот амфитеатар, на кој работеле тој и неговите соседи. Сонцето се спушти ниско и светлината доби златна боја. Во близина се возеа дечиња со нивните велосипеди, птиците ги пееја своите вечерни песни, а малечкиот амфитеатар беше тивок.

Горан ни кажа дека неговата изградба била со цел да му се даде место на градот, слично како во Охрид или во грчките градови, кое ќе биде собиралиште на луѓето од градот. За нас беше зачудувачка оваа блискост на луѓето и пријателствата што тие ги споделуваат. Кога доцна вечерта се враќавме во хотелот, Горан и Христијан зборуваа со почит за неговиот сопственик, кој заминал во Америка, стекнал големо богатство и се вратил во Прилеп каде што купил два хотели и фабрика. Откако не оставија пред хотелот, Горан и Христијан здогледаа еден нивни пријател, кој се шеташе со сопругата и бебето. Тие се гушнаа, а бебенцето го избакнаа.

Утрото, додека седевме во сончевиот двор, пиејќи го последното утринско кафе и лимонада, Христијан ни кажа дека татко му ја изградил нивната куќа и е особено горд на тоа. Кога Ребека му рече дека и мојот татко исто така ја изградил нашата куќа, Христијан се наведна кон мене и тивко ме запраша:

- „Мерлин, мислиш дека и ние ќе изградиме куќи за нашите семејства?“

Прашањето ме замисли за многу нешта…

Среќата на неговиот татко во Прилеп, мислите за Америка, надежта за подобар живот, каде ли ќе ја изгради својата куќа? Многупати Христијан зборуваше за американската телевизија и она што го видел во филмовите. Тој прашуваше за тоа, колку би можело да се заработи во Америка и платата за одредени работни места. Овие се вообичаени прашања, вообичаени видови во разговор секаде каде што сме биле, а нам ни е тешко да одговориме на овие прашања, без да звучиме неискрено. Се разбира, животот во Америка е прекрасен, но не е како на телевизија.

Ноќта вечеравме во центарот на градот. Беше петок, а плоштадот беше преполн со луѓе и исполнет со смеа. Топлиот воздух мирисаше на летниот дожд кој заврна претходно. Девојчиња во куси здолништа, фатени за раце, чекореа по улиците во високи потпетици, а момците во темни очила за сонце качени на скутери ги задеваа. Групи на пријатели се слеваа од еден кафе бар во друг, од една музика на друга.

Градот беше прекрасен, со сета онаа мешавина на бои…

Почнавме да зборуваме за она што Христијан го сакаше, за тоа колку е природно луѓето да сакаат да одат каде што им подобро. По се, животот во Македонија не е лесен. Но гледајќи место како ова – место што е толку живо и пријателско, каде што со секој можеш да се запознаеш и каде што странците ги канат на пијачка, тешко да се поверува дека прашливите американски градови се подобри во секој поглед.

Не верувјте во туристичките прирачници или американската телевизија – Прилеп е многу поубаво место отколку што мислат луѓето.“

Преземено од: http://merlinandrebecca.blogspot.com/2012/05/prilep-and-american-dream.html

Нема Коментари

Коментирај