ПОСИЛЕН ОД НОЖОТ!
Златко Димоски, фудбалер од Варош со несреќна судбина
27 март 1996 година
„Скок“
При нападот од насилници Димоски беше прободен со нож во стомакот, по што преживеа тешка операција. – Го спаси издржливото спортско срце. Талент во генерацијата на Марјан Стојкоски – Ќе му се врати на фудбалот.
Фудбалската топка е магична. Кој еднаш ќе се здружи со неа, ништо не може да го раздели. Златко Димоски, еден од подобрите фудбалери последниве години кои ги даде прилепското фудбалско поднебје, во март минатата година
доживеаа несреќа. Во нападот на поголема група насилници, еден од нив со нож му нанесе два убода во пределот на стомакот. Крвта бликна, се – се чинеше нема спас.
Сепак, силното здраво спортско срце, беше посилно од се. Златко преживе, како што самиот вели, благодарејќи на фудбалот и среќата.
- По дваесет и пет дена одлежани во болница, и четири месеци домашна нега, целосно закрепнав. Ги повратив 22-та килограми изгубени со операцијата и по неа, – ни зборуваше Димоски.
Прва желба што посакав да ми се оствари, беше да се вратам, на фудбалскиот терен и да продолжам да се дружам со топката. Зошто, едноставно, без фудбалот – не можам да живеам.
Фудбалската игра Димоски ја засака уште од „мали нозе“, тренирајќи како пионер и младинец на Победа во генерацијата на Марјан Стојкоски, сегашна „прва виолина“ на прилепскиот прволигаш.
Беше талентирано момче и, во 1987 година, го ангажираа ФК Прилеп, тогашен член на Републичката лига. Подоцна стана член на Варош, со кого го постигна најголемиот успех во клупската историја – пласман во Втората лига – Исток.
Димоски се истакна со добри игри. Многумина го фалеа, но не беа ретки и оние кои му упатуваа забелешки: дека не се залага премногу, не стигнува насекаде на теренот, дека премногу им дофрла на судиите и заработува картони, дека нема „влакно на јазикот“ и ги критикува тренерите и управите…
Со сите мани и позитивни особини, тој секогаш беше интересен за публиката.
- Бев талент, но никогаш не заиграв во најсаканиот клуб за секој прилепчанец – Победа, – се потсетува нашиот соговорник. Немав поддршка од никого, барем од оние кои значат нешто во прилепското фудбалско семејство. Потекнувам од генерацијата на Марјан Стојкоски и Тони Наумоски, едни од најдобрите фудбалери кои ги даде Прилеп во изминативе години, генерација која си го даде своето за Победа.
Какво е вашето мислење за овие двајца фудбалери?
- И за Стојкоски и за Наумоски имам добро мислење. И двајцата се добри фудбалери, кои знаат да се однесуваат добро и на теренот, но и надвор од него.
Посебно го ценам Тони Наумоски кој, за мене, е вистински уметник на зелениот терен.
По долгата пауза, кога можеме да очекуваме повторно да ве видиме на фудбалските терени?
- Се зависи од тоа кога физички ќе се подготвам. Тоа може да се случи уште пролетва. Желбата е присутна, а би сакал да заиграм во некоја екипа од Прилеп, – ни рече Златко Димоски.
ПРОПАДНАТ ТРАНСФЕР
Во 1990 година го бараше Борец (Титов Велес), во времето кога тренер беше Живко Ѓорѓиоски, но Варош не го пушти. Во 1994 Година, по двата добро одиграни контролни натпревара за Напредок (Кичево), кога против битолски Пелистер постигна два гола, се беше договорено за трансфер. Но, кичевчани не ги исплатија ветените 3.000 марки, па трансферот пропадна.
Николче Ѓеорѓиески
Коментирај