Дваесеттите години од минатиот век... Внуците на поп Јован Попоски: Гога Тасески, Сотир Сотироски, Нада Тасеска, Блага Сотироска,Аначе Тасески,Христина Попоска, Иванка Тасеска, Васка и Цена Сотироски

Поповци

Поповци…

Отец Алекса Попов

Отец Алекса Попов е роден во Варош, во 1809 година. Работел во црквата „Свето Благовештение“ и во Тополчани. Поп Алекса се занимавал со учителска дејност. Тој му бил учител и на Марко Цепенков.
Во неговата куќа, која се наоѓала во близина на јавната чешма „Џамија“ (урната е 1930 година), се одвивала световна настава со учителот Аџи Констадин Дингуле и настава по псалтир и веронаука со поп Алекса. Марко Цепенков за куќата говори: „Даскалницата беше еден чардак кај што учевме поседнати сите на голи штици, вкрснозе едно до друго децата…“
Со сопругата Алтана имале две деца: син Јован (Јон) и ќерка Ташка. Од синот Јон, кој исто така бил свештеник, имал четворица внуци: Ирина, Гога, Дано и Стефка.

Поп Алекса останал млад вдовец, како и син му Јон, така што самите го одгледувале семејството. Внуците Гога и Дано ги запишал во Солунската гимназија, а внуката Стефка во колеџ во Солун за општа наобразба за девојки. Најстарата внука Ирина останала дома да се грижи за деда си и татка си.

Во тоа време поп Алекса и син му Јон биле уценувани црковните проповеди да ги држат, де на бугарски, де на српски јазик. Во 1887 година, поп Алекса отворено и се спротивставил на Егзархијата и продолжил да пее на македонски јазик. Неговиот претпоставен, егзархот поп Икономов, иако директно му забранил, тој продолжил по старо.
Егзархот Икономов му ја одзел парохијата, која му била единствен извор на приходи, а потоа му забранил и да врши секаква црковна служба. Длабоко потресен од напуштањето на својата родна црква, како што велел тој, прифатен бил од селаните од Тополчани, каде што заедно со селаните ја подигнал црквата „Свети Спас“, која е живописана од зографот Адамче во 1864 година. И синот на поп Алекса демонстративно ја напуштил егзархиската црква.

Како историски документ за настојувањето за отворање на Македонско училиште и црква е изјавата потпишана од група граѓани од Прилеп, на чело со свештениците Алекса, Јован (Јон) и Спасе Игуменов, а која е упатена до турските власти на 2 јули 1887 година, со која се бара и заштита од поглаварот на Римокатоличката црква – папата. Таа изјава дословно гласи:

„И з ј а в а“
Ние долупотпишаните од град Прилеп, поданици на Неговото Императорство и Величество, августешиот сулатан Абдул Хамид Втори, желаеме да имаме македонско народно училиште. И како ние не сме родом Бугари, затоа не познаваме Црковна општина и нивни училишта. За религиозна заштита го познаваме папата, но без измена на догмите на Православната Црква.
1887 јули 2-ри
Прилеп

Внуците на поп Алекса – Гога, Дано и Стефка од Солун заминале на разни страни. Гога по завршувањето на гимназијата отишол во Белград, во Богословската учителска школа. Потоа е испратен во Призрен, каде што дипломирал и се вратил да учителствува во Битола.
Стефка во 1904 година била при крај со школувањето, но таа се јавува како поттикнувач на штрајкот во колеџот против лошата исхрана. Таа го продолжила штрајкот со глад два дена повеќе од нејзините соученички, поради што била казнета со укор пред исклучување.
Во исто време, во Прилеп во 1904 година, Ирина се свршува со Ѓорѓија Сотироски (нивни син е првоборецот Сотка Сотироски–Џигиџик, загинат во НОВ.) Бугарските пропагандисти вршеле притисок врз попот Алекса и син му Јон да се вратат во црквата со бугарско пеење, зашто во спротивно ќе ја раскинат свршувачката. Тие одбиле, а заканите се зголемиле со заканувања за убиство на Ирина. Во 1906 година, на пат за Тополчани, поп Јон застанал на половина пат кај чешмата „Камберова“, каде редовно го напојувал својот коњ. Бил пресретнат од платен турски убиец и прострелан во главата. По смрта на татка си, синот Гога по свое барање преместен бил од Битола во прилепските села, но не како учител, туку како свештено лице. И тој со своите идеи, како опасен за власта, отруен е со отров во храната. Умрел во 1909 година.
Последниот потомок, Дане, кој во тоа време бил во Солун, известен бил од сестра му Стефка да не се враќа во Прилеп, за да не биде убиен и тој. По таа вест, Дано заминува за Америка. Стефка останува сама со деда си Алекса. Таа учителствува две години во родниот Прилеп, а потоа се мажи за Стефан Тасески. Тие го чуваат поп Алекса се до неговата смрт во 1912 година, кога имал 103 години.

Поп Алекса во неговата активност се појавува под различни имиња, и тоа како поп Аце, Алекса Константиновиќ и Аце Тополчанецот.

ЈОВАН ПОПОВ

Отец Јован Попов е син на протоерејот Алексо Попов. Роден е околу 1830 година во Варош. Среќавајќи се секојдневно со интелектуалната елита од Прилеп, Јован уште од мал пројавил несебичен интерес кон писменоста и националниот идентитет. Останувајќи без мајчинска љубов уште од мали години, Тој бил воспитуван од својот татко како треба вистински да се служи на Божјиот олтар и да се сака својот народ. Околу 1850 година стапил во брак со својата избраничка Марија, која му родила четири прекрасни дечиња: Ирина, Гога, Дано и Стефка. Веднаш по раѓањето на четвртото дете, презвитерата Марија се упокоила, така што грижата за четирите малолетни деца ја презеле тој и неговиот татко Алексо, кои од своите потомци во се се труделе да направат корисни членови за Црквата и државата. И навистина, вложувајќи ги сите свои сили, отец Јован успеал своите деца Гога и Дано да ги запише да учат во Солунската гимназија, а ќерката Стевка ја запишал во колеџ во истиот град, во одделението за општо воспитување на девојки. Најстарата ќерка, пак, Ирина, останала покрај своите дедо и татко за да се грижи за нив.

Следејќи го примерот на својот татко, и отец Јован, во времето на македонското спротивставување на сите надворешни пропаганди, застанал во одбрана на македонскиот идентитет. Кога прота Алексо бил принуден да ја напушти парохиската должност, заради отворено спротивставување на егзархистичката политика, отец Јован демонстративно ја напуштил и својата парохија при црквата „Свето Благовештение“ и започнал бескомпромисна борба за зачувување на македонскиот идентитет. Во тешките години на политички прогон, тој бил во непосредна близина на својот татко во селото Тополчани, притоа јавно проповедајќи дека ние сме македонци, кои имаат право на своја Црква, во која ќе се служи на Бога на мајчин јазик. Заедно со татка си и тој е потписник на Изјавата испратена до султанот Абдул Хамид II, во која бараат да се отвори македонско народно училиште. Отец Јован бил длабоко убеден дека Македонија набргу ќе биде ослободена од поробувачите и странските влијанија. Тие и натаму проповедале блиско ослободување и подобар живот, ризикувајќи да бидат интернирани во Измир. Желбата за отворање македонски училишта и самостојна Македонска Црква на двајцата им останала како животна мисла – водителка.

Најстариот син на отец Јован – Гога, по завршувањето на колеџот во Солун, заминал во Белград, зашто постојано трпел притисоци од бугарската асимилаторска политика. Во Белград го дооформил своето образование, завршувајќи ја богословско-учителската школа. Но, сплотените напредни интелектуалци од Македонија власта ги распрснувала насекаде, само да не бидат заедно на исто место, бидејќи претставувале опасност за сите асимилитарски политики. Така Гога, пред завршувањето на богословско-учителската школа во Белград, бил испратен во Призрен, каде што дозавршил со школувањето, а потоа бил вратен да учителствува во Битола. По сопствено барање бил преместен од Битола во прилепските села, но не како учител, туку како свештеник. Израстен и воспитуван во патриотскиот и слободарскиот дух на дедото и таткото, отец Гога продолжил да ја пропагира борбата за ослободување на Македонија, со што постанал опасен елемент во очите на странските пропаганди. Како свесен интелектуалец, тој не дозволил да биде асимилиран ниту од едната, ниту од другата пропаганда. Но, набргу по ракополагањето во свештенички чин, нему, од на непознато лице, му бил ставен отров во храната и починал во 1909 година.

Ќерката Стевка во 1904 година го завршила своето школување во Солун. Истата година таа се јавила како поттикнувач на штрајкот на ученичките во колеџот против лошата исхрана. Стевка била издржлива жена, која до крај ги штитела идеите на своите дедо и татко и се покажала како жена со борбен дух, која секогаш наоѓала начин да проговори во името на поробената татковина.

Синот Дане, кој во време на убистовото на брат му Гога бил во Солун, бил известен за смртта на својот брат и одлучил да ја избегне смртта која го демнела, па емигрирал во САД.

Турските власти, кои во отец Алексо и отец Јован гледале непоколебливи поборници за ослободувањето на својот народ, ги насочиле двете пропаганди – бугарската и српската, да вршат притисок врз нив и да не им даваат мир. Во 1904 година ќерката Ирина се свршила за Ѓорѓија Сотироски. Набргу потоа се родил и нивниот син Сотка Сотироски-Џигиџик, денес прогласен за народен херој. Оваа свршувачка била добар повод за бугарските националисти да вршат притисок на отец Алексо и отец Јован да се вратат во црквата и да почнат да богослужат и проповедаат на бугарски јазик, зашто во спротивно се заканувале дека свршувачката на Ирина со Ѓорѓија ќе биде раскината. На тие закани тие категорично одговориле: „Свршувачката нека биде раскината, но ние нема да правиме прошетки“. Откако го добиле овој одговор, уцената станала уште пострашна, зашто Бугарите се заканиле дека ќе ја убијат Ирина. Оваа уцена имала единствено решение: да се зачува животот и честа на Ирина, па макар и по цена на сопствениот живот. Наредниот ден, утрото, откако била донесена оваа одлука, отец Јован тргнал кон Тополчани, двоумејќи се на кој јазик ќе проповеда, зашто бил свесен какви ѕверства се подготвени да направат Бугарите, но и опасноста го демнела од двете страни. На половина пат, кога застанал да го напои коњот на вообичаеното место, на чешмата „Камберова“, тој бил пресретнат од платен турски убиец и застрелан во главата во 1906 година.

Ирина со сопругот Ѓорѓија го догледале дедото Алексо, кој починал во 1912 година. Отец Алексо и отец Јован засекогаш ќе останат запаметени како свештеници-стожери во одбраната на македонскиот национален идентитет. Желбата за самостојна Македонска Православна Црква – возобновителка на Охридската Архиепископија, била нивни животен идеал и токму за тој идеал, отец Јован и отец Гога, на маченички начин ја пролеале својата крв. Нивниот светол подвиг го продолжиле нивните следбеници, кои истрајно се бореле против сите асимилаторски пропаганди, за на крајот да ја видат слободна и својата татковина и својата Црква.

Нема Коментари

Коментирај