Поплавите во Прилеп и околината, од 17 до 19 ноември, 1978 година.
ЧОВЕКОТ ПОСИЛЕН ОД СТИХИЈАТА
Во периодот од 17 до 19 ноември 1978 година, како последица на поројните дождови кои ја зафатиле територија на скоро целата СР Македонија, покрај останатите градови, биле предизвикани поплави и во прилепската општина.
Во прилепско непрекинато врнело повеќе од 30 часови, при што наврнале околу 120 литри на метар квадратен.
Како последица на ова, од своето корито се излеале повеќе реки и суводолици кои од прилепското поле направиле вистинско езеро кое на места достигнувало длабочина поголема од 1 метар, а под притисокот на водената стихија се срушиле повеќе куќи во градот и околните села.
Во Прилеп веднаш е мобилизиран Општинскиот штаб на цивилна заштита кој организирал помош и евакуација на населението од загрозените подрачја.
Во Ропотово и неговата околина, останале под вода околу 30 куќи од кои 5 целосно се урнале, а поголемиот дел од шталите и плевните во селата биле уништени заедно со поголем број на добиток кој се удавил во надојдените води.
Исто така големи штети од поплавата претрпел и рибникот и стопанството на ЗИК „Прилеп“.
Во Кривогаштанскиот крај кој исто така претрпел голема материјална штета, ситуацијата додатно ја влошила и непристапноста за помош бидејќи повеќе патни правци биле прекинати од надојдената вода.
Водите на надојдената Црна Река го урнале Расимбеговиот мост, единствена врска на Мариово со Прилеп.
Направени биле обиди да се воспостави врска со Мариово од кавадаречката страна но и од таму патиштата биле уништени.
Бидејќи Мариово најдолго било отсечено од градот загрозени биле околу 50 илјади овци и 17 илјади крупен добиток поради недостаток на храна за престојната зима.
Прекини имало на патните правци: Прилеп – Битола, Прилеп – Крушево, Прилеп – Македонски Брод.
Во Прилеп најзагрозени делови биле месните заедници „Точила“ и „Тризла“ каде што биле срушени повеќе од 30 куќи, а во останатите делови на градот биле поплавени околу 400 куќи.
Повеќе од 100 евакуирани граѓани кои останале без покрив над главата биле сместени во просториите на ООЗТ „Борка Левата“ и во Домот за стари и изнемоштени лица.
Наставата во основните училшта е прекината на 19 и 20 ноември, а вработените во „Тутунски комбинат“, „Партизан“ и „Билјана“ се ангажирани во чистење на поплавените производствени погони.
Екипи од епедемиолошката служба при медицинскиот центар постојано вршеле проверки на водата за пиење, која претходно морала термички да се обработи.
Од водената стихија уништени биле повеќе тони на тутун, како и целосната есенска сеидба.
Коментирај