Полчиште се наоѓа во прилепскиот дел на Мариово, на источната страна на територијата на Урбаната заедница Витолиште. Селото е планинско, на надморска височина од 910 метри. Има мошне голем атар, којшто зафаќа простор дури од 83 км2, односно, атарот катастарски се дели на Полчиште I и Полчиште II. На него пасиштата заземаат површина 3.646 ха, на шумите отпаѓаат 3.069 ха, а на обработливото земјиште на 1.336 ха. Селото има мешовита земјоделска функција. Од населбата емигрирал значителен број од населението и таа преминала од големо, во мало село, населено со македонско население.
Во XIX век, Полчиште било село во Прилепската каза, Мариовската нахија на Османлиската империја, Во „Етнографијата на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која има статистички податоци за машкото население од 1873 година, Полчиште (Poltchischta) е посочено како село со 80 домаќинства и 317 жители христијани и 5 Роми.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Полчиште имало 696 жители, от които 680 христијани и 16 Роми.
Во почетокот на ХХ век, христијанското население во селото е под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Плочиште имало 800 егзархисти и работело бугарско училиште.
Според Георги Трајчев, Полчиште имало 90 куќи со 696 жители христијани.
За време на НОВ од голем број на младинци од селото заминале во партизани, а својот живот за слободата на Македонија го положиле 3 млади борци: Спасија Шаоска, Дано Јолевски и Ристе Трајкоски, во чија чест е подигнат споменик кај селските гробишта на влезот од селото.
Во 1961 година, селото имало 824 жители, сите христијани, а во 1994 година бројот се намалил на само 45 жители. Според пописот од 2002 година, Полчиште има 31 жител, сите Македонци.
Во Полчиште, во 1867 година, роден е Трајко Цветков Бешовски, член на првиот Президиум на уставотворното собрание на НР Македонија. Во 1897 година активно учествувал во организирањето на македонскиот народ во ВМРО за борба против турскиот окупатор. По Илинденското востание, бил принуден да ја напушти Македонија и заминал во Бугарија. Во 1908 година се вратил во Полчиште. Од 1943 година се вклучил во НОВ.
Коментирај