6 јули 1933: Сеќавања на Јордан Самарџиев, стр. 1

Сеќавања на Јордан Самарџиев, 1933 година

Сеќавања на Јордан Самарџиев, рачно напишани на 6 јули 1933 година.

СЕЌАВАЊА

„За да се има јасна престава за револуционерните борби во Македонија и Одринско, потребно е да се трага кон самиот почеток на тоа движење.

Македонската револуционерна идеја почна за првпат во Бугарија во времето на Стефан Стамболов.

Првите пионери на ова движење беа македонските ученици левичари од Софиското Вишо училиште: Дамјан Груев, Никола Наумов, Петар Поп Арсов, Димитар Поп Коцев, Димитар Мирчев и други, кои имаа и свој кружок, кој го печатеше списанието „Лоза“, пишувано на македонско наречје, кое потоа беше забрането од властите како анти-националистичко.

Во тој период е убиен министерот Христо Белчев и бидејќи сомнежот паѓа врз студентите левичари, властите започнуваат гонење против нив, поради што Никола Наумов, Дамјан Груев и многу други бегаат во Македонија.

Никола Наумов се вработува како коректор во печатницата на Коне Самарџиев, а Дамјан Груев по препораки од татко ми до Прилепската учителска управа е назначен за учител во Прилеп, каде што се запознава со Пере Тошев.

Во истата таа година во Солун дојде словенечкиот славист др. Ватрослав Облак, со молба за помош до татко ми за да го изучи бугарскиот дијалект во Солунско, со цел да го поврзе со црковно-словенскиот јазик на светителите Кирил и Методиј. Но, поткажани од Грците, др. Облак беше екстерниран, а татко ми и Насте Стојанов беа затворени од Турците во градот Конија во Анадолија.
Никола Наумов ни ја спаси книжарницата, со тоа што испрати протесно писмо до Софија а потоа и лично дојде во Бугарија да разговара за новонастанатата ситуација, по што Стамболов им наложи на Tурците да ги преместат затворениците во Цариград, кои по една година целосно амнестирани се вратија здрави и живи во Солун.

По ова Никола Наумов заминува на служба во Министерството за надворешни работи, како секретар на бугарскиот конзул во Скопје, а на неговото место во печатницата дојде Дамјан Груев.

Во тоа време доаѓа во Солун и како практикант др. Христо Татарчев, кој ги прифаќа револуционерните идеи на Дамјан Груев. Тие му предлагаат на Атанас Наумов, директор на женската гимназија во Солун, на татко ми и на уште неколку други за формирање на револуционерен комитет, но тие го одбиваат, бидејќи сметаат дека сеуште е рано за револуција, бидејќи голем дел од македонските Бугари се во потполна темнина како патријаршисти. Тие беа за образование и национнална самосознание, а дури потоа за револуција, што беше главната причина за поделбата на легални и нелегални дејци.

Егзархијата ги застапуваше легалните дејци, но тоа не беше пречка да му даде благослов на Дамјан Груев. Учителите и граѓаните
се разделија на два табора – легални и револуционери. Револуционерите ги држеа високите позиции и го држеа главниот збор во Егзархијата кога се работеше за именување и преместување на учителите.

Набрзо настанаа проблеми поради злоупотребата на позициите од револуционерниот комитет поради што како легитимна самоодбрана легалните дејци го формираа револуционерното братство на чие чело застана Иван Гарванов, др. Неделко Колушев, Христо Ганов, Атанас Наумов, Димитар Мирчев, Коне Самарџиев, Браќата Кондови, Јордан Тренков, Илија Крапчев и др.

Центарот на братството беше во Солун, а движечката сила во Прилеп. Претставници во Серес беа Атанас Наумов, Христо Ганов и Јордан Самарџиев, а во Ах Челеби (Смолјан) наставникот Илија Тошев и Христо Бучуков.

Како прва жртва од српскиот куршум падна наставникот Христо Ганов при една кавга со отпадникот Илија Пејчиновски во кафеаната „Коломбо“ во Солун. Потоа следуваше атентатот организиран од ВМРО против Атанас Наумов и сопругата во Серес. Крвта на г-ѓа Наумова стана причина за помирување на двете револуционерни фракции, кои си подадоа рака и почнаа заедничка борба. Илинденското востание започна со заеднички напори и е дело на сите поробени Бугари, додека големиот Солунски атентат е дело на самостојна иницијатива на кремот на македонската револуција.“

Софија 6 јули 1933 година
Јордан Самарџиев

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc