Илустрација од книгата „Итар Пејо“ од Стале Попов

Итар Пејо

За Итар Пејо…

Хуморот е едно од важните и сигурни средства за поправање на различните човечки недостатоци.

Напатениот и чесен народец, со векови наназад бил чувствителен кон постапките на бесвесните, нечесни и лукави луѓе, кои како мрзливци и измамници, живеле секогаш на сметка на другите. Не можејќи народот физички да се одбрани од таквите, тој изнашол начин тоа да го стори преку шегата, иронијата, сатирата.

Како резултат на тоа се создаваат комичните приказни со поучен карактер за лажговци, лицемери, изнудувачи, кои се среќаваат во реалноста во секое село и град.

Потребата за народен херој и заштитник го создава имагинарниот лик на Мариовецот Итар Пејо од Градешница. Во ликот на Итар Пејо народот ги обединил анегдотите и приказните за сиромашните, но итри чираци, слуги, овчари и други, кои секогаш ги надмудруваат посилните.

Со доаѓањето на Османлиите на Балканот, во приказните за Итар Пејо се приклучува ориенталниот шегобиец Настрадин Оџа, кој станува популарен и кај христијанското население. Во многу од приказните за двајцата шегобијци, преовладува натпреварувачкиот елемент во надитрување, во кое победникот е некој од нив двајцата.

Приказните за Итар Пејо се раскажувале во Мариовско (Македонија), Добруџа и Тракија (Бугарија). Во Бугарија, во 1967 година за него е напишана опера, снимени се два филма во 1939 и 1960 година и издаден е стрип во 1988 година.

Инспирирана од приказните за Итар Пејо, во 1977 година снимена е серија по сценарио на Миле Неделковски, а во режија на Коле Ангеловски.

За него има преку триесетина приказни, кои во збирката „Итар Пејо“ најпрвин ги има собрано писателот Стале Попов (познат хроничар и раскажувач на Мариово).

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc