Гоце Стефаноски

Гоце Стефаноски

Гоце Стефаноски е роден на 20 февруари 1922 година во Прилеп, каде што завршил основно образование и гимназија. Уште како малолетен зел учество во напредното работничко движење. Бил чен во Шивачката подружница, во Трезвената младина, во Есперантскиот клуб, во КУД „Коста Абрашевиќ“, а во 1939 година, со растурањето на илегалната група „Црвена младина“. која што тој ја формирал, се приклучува кон прилепската Скоевска организација. Во 1944 година заминува во партизани.

По војната се запишува на Белградскиот универзитет и студирал славистика – руски јазик, а во 1947 година се префрла во Скопје, каде што во 1953 година дипломирал на Филозофскиот факултет – Југословенска книжевност со македонски јазик.

Од 1950 година работел како професор во Охридската гимназија, , а во 1956 година работел како лектор во Радио Скопје. Од 1960 година бил уредник на весникот „Млад економист“, а бил раководител на Литературниот клуб „Младост“.

Гоце Стефаноски активно учествувал во изготвувањето на учебници по македонски јазик. Бил соработник во Заводот за унапредување на школството во СРМ , член на Друштвото по македонски јазик и литература и член на Претседателството на Сојузот на друштвата по македонски јазик и литература.

Автор е над 1000 страници текстови од областа на литературата: статии, рецензии, литературни критики и полемики во повеќе весници и списанија: Современост, Мисла, Развиток, Стремеж, Литературен збор, Македонски фолклор, Народно стваралаштво, Нова Македонија.

Автор е на книгите: Литературни профили (1970), Огледи и критики (1973), како и збирката поезија Кон среќата (1956).

Во 1962 година доделен му е орден „Заслуги за народ“ со сребрени зраци, а во 1983 година доделена му е титулата „Особено истакнат педагошки работник“.

Гоце Стефаноски почина на 13 февруари 1991 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc