Благоја Ристески – Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Зосима“

Колумна: „Зосима“ објавена во весникот Дневник на 19 јануари 2002 година.

„Стоевме обајцата на тумбата над село, онаму каде некогаш биле гробиштата, чии камени могили беше да се урнисале, та сега личеа на крастави брадавици врз стутканото, неоти тутун-кесе, лице на сурпетот Зосима кој минатата зима, без повод особен и причина видлива и толмачима, меѓу керувините усук фати, та неврати. После се чу дека таа братија врла лепо го примила и откако беше да го нагостила со слачот небесен обилен, за повелник го турила, за првенец меѓу нив ангелите, архангелите и сите други пердув што ми крепат и што се лепат за неодгатливине далнини. Стоевме на таа пчошка цибрина, на тој студ на кого само луд се решава да ја проба порозноста на своите коски наспроти силникот- мразот. Стоевме и шестевне, луто се думавме и одвет баравме на двете прашања крсни: Зошто тоа Зосима, уште минатата зима, под одлука невратима се тури да се сатардиса од меѓу нас гурелавите, урнисаните, килавите, од оваа човечка глутница малуможна која саде потулена, без ропот чека да ископнее во пролетта на смртта? И со што тоа беше да ја заслужил одлуката на севишните со која го настамениле веднаш до Господа Бога Севидимаго? До неговите престоли од недоплатимо дрво абоносово, како што се шушка, и од други некупими чуда болскотни, и до нозете му божествени…

Ете тоа не јадеше додека ледот непопустим се сладеше со нашето помодрено месо, со удовите и ципите, со моќниците наши. Ги трпевме вкочанети и крути сите лути навалици на кијаметот оти знаевме во одгатката е спасот, избавата, разрешницата клучна. Туку што ако кога умом скудим не засветка ништо мадро…

Тогаш рече, како блатна вода и реава да потече од неговото студено грло, што ми грло на ѓавола разглас:

- Тој Зосима, тој ти беше едно невидено магаре, кљусе доклинкано, процовцано, продрснато и себељубно докрај. На сурат скврчен и спурен, нечаре кожа од вол протурен по месец време, ете така; на снага, на срце рака, рана сиот, ах тој лиот, се пришт до тртка, расалена, гнојна пртка, голопртка, ете тоа; на левата куц, со десната ми одвала, Богу фала и машала; една рака до рамена сува, на другата прсти усукани вудве, вутри, пет прсти, ама нокт еден за саден да се чеша од што красти зере здраво ми го јадат и вошкине се сладат од крвта му црна. Око биолово теклија, тој фефереклија, по раѓање едноок и тоа на сред лице, под веѓине чатма, ама кога ќе ти се испули, на часот сам те здрвува, се вцрвуваш и веднаш се строиш под негова команда. Секоја му повелба за тебе повела, тоа што ќе го речи, ти веќе си го сторил. Ете тоа, и женине тоже, мили Боже и Господе што невеста има грбачено, што момиче има јачено под неговите гнојни бедра, што вдовица штедра, домаќинка, непохотна, спотна во неговата постела- од смрдулкана дувло…
Мене исто: сугарното трудно, најмалото блудно, од него блудничено роди аждар- едноглед што мораше да го задуши и да се штукни. Постарата се пушти, од себе сама се исцрцори и цркна. А јас, оф јас, ах јас, леле јас ливаѓето теслим му ги сторив и нивјето, црниците, серодните му ги дарив и другоно. Се што ќарив низ животта пестима и од се арно и од наслада секаква одречима нему му го тупурдисав, за само и само барем верната ли љуба, мојата красавица и милосница, да не ја опчогани, да не се погани на нејзините сапи. Така би, така вети и додржа, само што оваа, мојата, не издржа: Една смрачка, сред гумнар, откако во девет води беше да се искапала, со миск беше да се потурила за мискоња да мириса, на горницата скраја дворот, која веќе беше да зазреала, се обеси…

Тогаш молкна, безбили од што студот го дојаде, го додроби, од што мразот му се проби до срцето соколово, до душата од галаб гурмиш. А јас писнав колку грло ме држеше:

- О, Севишен, о, Семоќен, приѕни од небеса за да видиш оком твоим севидимим и да чуеш увом твоим сеслушимим што се дела на дуњава. Векот што се стори, во што светот се престори и ние луѓето, од калта од под твоите свети нокти загрвелкани, со нас што е? Овој до мене, оваа статуа ледна и под сонцено јужно стопима лесно, ете тој бивш саде во твоја слава живееше: Не хулеше, блуд не блудеше, не злобеше злобом сматном, кобом кобном и кобничком не кобеше и се молеше по туѓион повод секаков и свеќа ти палеше зарад неолата од другине. Арното, берикетот и спечаленото со ините го делеше, нивната несреќа сам ја сносеше, поднесуваше и тенгареше. А за тоа што заслужи? Вместо слава и за награда, што е вернику драга, ти под својата милост и закрила, о, Господе, да го туриш, вместо тоа ти го бутуриса, го урниса во срамот. Допушти, оти се од волјата твоја происхожда, тој Зосима се што има, посед секаков да му лапне и потомори и да не се умори сакатиот од сладење со неговата челад. Со двете ќеркички девственички, а жена му, која сеуште виси расточена на крушана горница, и да не ти ја споменувам.

И што сега, о, Премадар, зарем треба во овие години позни науката на злото да се учи? Да се стане злодеј злочест, арамолебец и тихотапец, хулник, блудник тежок и беспризорен, зарем тоа? Оти, како што излегува и саде така да се протолкува е можно, ти милуваш тебе најмилите меѓу оние на Зосима подобни да ги одбираш. И само нив да ги востоличуваш за првенци и челници во земните, та дури и небеските работи. Мора да е да се шенгаш со нас, луѓето нори, малоумни и лесноверни кои словотро твое, во светине книги типонано, без поговор го примаат. О, ти Сезнајушт, мора да е мајтап за рашена да си тераш и тихом се посмеваш додека Зосима, клекнат пред твоите нозе ти ги чешка светите табани кои, во свое време, блудницата Ерусалимска, Марија Магдалена, во темплумот Ерусалимски, со своите солзи за секогаш ги изми.“

1 коментар

  • marija July 31, 2014

    Ova e poezija, sekoj zbor odbran smesten vo tekstot, celinata e pesna. Ramen e na Sekspir. Umre mlad a imase uste tolku da kaze.

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc