Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Жити две очи?!“

Колумна: „Жити две очи?!“ објавена во весникот Дневник на 14 април 2001 година.

„Дали сте чуле за Вајат Ерп, некој таму шериф од Дивиот Запад? Се разбира дека – да. А за офтикосаното пијаничиште Док Холидеј; за здивениот убиец Бил Хикок; за промискуитетната и од мерата згора грда Каламати Џејн, која повеќе личела на коњски подопашник отколку на жена; за “лирските” крвопијци и арамии со скорни Бони и Клајд? Се разбира дека – да.

Дали нешто ви е познато името на генералот Кастер, оној ист надмен дунстер и масовен убиец кој, како мува на лепак, му влета во стапица на славниот индијански воин и стратег од високо војничко знаење, Бикот Кој Седи, во клисурата Литл Биг Хорн? Недвосмислено дека – да. Згора на тоа сте чуле и за уште, неутврден број, злодеи, арамолепци, убијци од грб и кафански тепачи од кариера, кои до пред скоро, а и сега понапати, ни ги полнеа кино салите.

Познавам мнозина мои врсници кои и ден денес, завалијата, одат расчекорени и, небаре камењарки и орџоганки, нишаат со колковите имитирајќи го бездарниот филмски артист Џон Вејн, или, скраја било, Гари Купер. Дупнатата и стара паларија, во свое време, беше статусен симбол, а фармерките тогаш – мечта, сега стварност и, можеби, единствената практична придобивка од времето на нашата збудаленост по таа тешка кривотворба – каубојските филмови, по тој американски соцреализам чија естетичка теоретска проекција како да ја востановил лично Жданов. Се тука беше, ама и сеуште е, (сетете се само на последната глупост: филмот “Патриот”), подредено на позитивниот јунак, на “младичот”, и се завршуваше со среќен крај, прочуениот хаппѕ енд, тоа доследно целосно поедноставување примерено само за интелектуалната дембелана, за скудоумните и малузнајните. Тоа имаше, и сеуште има, јасна цел: афирмација на “американскиот начин на живот” кој се сведува на прејадување со хамбургери до посер и препивање од онаа шеќерна водичка – кока кола, плус кокаин и кантри музика. Но и на тој народ да му придодаде, поправо обезбеди, какво такво минато, штогоде историја…

Туку дали сте чуле за Стојан Лазов, на пример? Јасно дека – не.

Кога е не, тогаш чујте и почујте и ако, во силата умствена ви е, паметете и проценете, нешто одбир направете и споредба со погорното: Чунки Стојан Лазов ти бил прилепчанец, од Прилепа града крепителна кој ми држи до себе, до својот намуз и геројштина и кој ја крепи каузата од памти век до дниве денешни. За него, за Стојана, се вели дека бил мажиште какво не го било: Стасит и извишен што морал кога, по потреба комитска, ќе се качел на врвон од Селечка Планина, да се поднаведни за главата в облак да не му загини; во плеќите, машала, мерел, брат брату, до шест лакти; во градите, на кои имал козина колку еден долум боцлив капињарник, исто толку; рацете му биле, како се прикажува, две букови чупушки со кои, не дај боже, ако те тупоса ти било исто како атон азган, атон раванлија, да те клоцнал и на место да те оставил, тука, по грбечки спругнат и безживотен…

Ете тој, Стојан Лазов, виден член на Внатрешната Македонската Револуционерна Организација, безбили војвода, како што може да се прочита во книгата “Политиката на теророт” од Данкан Пери, американскиот познавач на македонските работи, еден красен летен ден, ден пладнина во 1899 година, во Прилеп, сред ат- пазар, беше да ти заклал едно србофилче кое турски шпиун беше да ти било. Со еден кус замав со лутоно ноже дамаскиче бело грло, грло кодошко, му прережал. И се тоа арно и за во песна достатно, ако во близина не се нашол турскион аскер кој веднаш по Стојана, мајкинана изгора, женскион мерак и повела, припукал со тенкине манлихери. Арно ама Стојан не се давал, дури овие во него мереле шест мина од нив, со истоно ноже дамаскиче, заклал, ги поништил…

Кога Стојан паднал, кога си се вознел меѓу доксанана небесна братија, по неговата снага, се колнат прилепчани, избројале седумнаесет рани од патрони, од кои пет низ срце пронижани. Ако биле четири, крст клавале пазарџиите и другите сеирџии, Стојан ќе преживеел, оти срцето негово со панцир беше да ти било променето, панцир што се вика велја милост по народнана слобода…

А, за Туфекчиев? И за него не сте чуле? Резил, брука долна и арам, ете тоа ви следува: Наум Туфекчиев (1864- 1916), како што не известуваат документите, бил еден од главните снабдувачи со оружје на Внатрешната Македонската Револуционерна Организација, кое главно го набавувал преку своите врски во Софија и од свои пари, кои беше да ги заработувал со трговија, и сам организирал да биде пренесено до револуционерните чети во Македонија. Туку што неговата активност не се сведувала само на тоа, ами на уште многу што друго: Со една мала група револуционери, на пример, во 1891 година, организирал атентат врз омрзнатиот противник на ВМРО, бугарскиот претседател Стамболов. Во атентатот вместо Стамболов бил убиен министерот за финансии Христо Белчев, по што Стамболов презел невидени репресии, прогони и апсења на револуционерната македонска имиграција. Мегу уапсените се нашол и помалиот Наумов брат, Димитар Туфекчиев кој, турен на тешки маки, во занданите починал. По тој настан Наум , преку еден бугарски генерал, му порачал на Стамболов дека, кога тогаш, ќе го убие…

И така би, оти Наум Туфекчиев својот збор никогаш не го погазил, на ветувањето дадено не плукал и образот си го чувал од блатење секакво: Осумнаесет месеци подоцна, додека Стамболов со ландон се караштисувал во еден софиски парк, охрануван од силно обезбедување, Наум, од недопица и незнајно од каде, му скокнал во ландонот и тука, на ден пладнина, со ладнана анџара, лута рана, рана смртна, в срце му отворил. Оние од охраната не стасале ниту да трепнат, а камо ли за оружје да се фатат, а може да е стравот да ги суступил и вкочанил, оти стравот ти е белјачна работа и од дејствија нужни те лишува. По убиството на Стамболов, Туфекчиев, влегол во легенда и зел да прави подвизи (каков што беше да ти било убиството, сред Стамбол, на бугарскиот дипломатски службеник при Високата порта, д-р Георги ВДлковиќ) какви тешко да ќе да бележи друга историја на кое годе движење на отпор на дуњава… За него се тврдело дека сабја не го сечи, а куршум не го дупи, во што треба да се верува оти Наум Туфекчиев, и покрај сите искушенија и геројства бојни, си умрел в постела. Најблиските прикажувале дека од тага недоносима со душата своја беше да се разделил, тага по брата си и по најблиските, другарите, по Гоцета, по Дамета, по Јанета, по Перета Тошев и по сите други загинати во Востанието и потоа…

Деновиве, во овие оловни денови во кои по некој патрон фрчи по македонскиве граници и другаде, сон тешко ловам, силен труд се трудам соне да дофатам, од што саде шестам и врло се прашувам: Што кијамет главата му фатила, што фуртуна и студ каков на оној Џафери, оној намусурен и стушен кој за нешто многу мадар ми се строи, та што се возлел севозможни, тврде заканителни доклади до Владата и до народот да попратува и мувлет да дава. Демек, до таа и таа дата ако не биде направено тоа што јас ќе го кажам, што ќе го зарачам и заповедам, држете му се здраво, крв ќе падне и по некоја глава од рамена! Жити две очи?! А, бре аман заман, што беседиш, што лаф лафиш, што не зере препалуваш, што бечвите ни ги тресиш и другине алишта долни, Арбене, душо в честак залидана, загугана. Да не мрском лагом си се лажеш дека Наум Туфекчиев, сосе сите други топтан, за секогаш си замина, исчезна како и да не бил, а? Тоа да не те мами Натемаго, да не сака да те слизни Едноногион? Не, Арбене, не паѓајте во таа примка заведлива, Наум, сосе сите други топтан, е тука и ќе го видиш ако толку луто го призиваш, ќе ти се прикаже кога треба, ако треба. Како што, се разбира, не е мртов ниту оној анонимен револуционер, еден од водачите на ВМРО, кој на Џон МекДоналд, британски дописник од Балканот од тоа време, му изјавил: “Ние не смееме нив ( се мисли на несловенското население,з.м) да ги третираме како непријатели, ниту да ги прикажуваме како такви, освен доколку не кренат оружје против нас.”

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc