Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Виват академија“

Колумна: „Виват академија“ објавена во весникот Дневник на 2 јуни 2001 година.

„Купив коњ. Поправо женска форма на коњ – кобила, или ти атица. Средовечна, на околу 15-16 години, мошне трпелива и крајно попустлива дама, која завчера бев ја јавал од изгрејсонце до смрачка, непристојно бев и се опчоганил, а таа, веројатно заради својата вродена љубезност, со ништо не покажа дека беше да и збоктисала мојата тежина врз нејзините сапи. Туку напротив: некаква радост имаше во нејзиниот од, во тие совршени движења по мариовските скрки и гудури, по беспаќата на тоа пусто Мариово без овци и пастири, без стока и гојдари и без сврделот на кавалот кој со звучни дупки ти го развртува срцето, рани поволни, бели рани нелечими ти отвара и те претвара во пиле соколово, во фалко перегринус, во стрела упатена кон на сонцето штитот, кон мечтаената смрт од слушање. Да се изедначиш со треперењето, да станеш звучен отисок, да исчезнеш во певот – ете го решението, наградата или прошката за се што претходно беше, за сй што си наумил ил зделал. Помнете ме, ако ви се здаде, ако да ме помните со намера сте мека, не како обличје човечко, како лик од маж кој плотност крепи, ами како кадела зборови на урката од минливоста, како повесмо писок, само како пев помнете ме, оти сето друго ќе е привид горка…
Значи, купив кобила со боја на рибина крлушка, на седеф, на горски кристал, исшарана со светло зелени даги како оние на листот од дабот кога пупи . За ситни пари ја купив, тукуречи за џабе, во безцење. Многу се евтини коњите во државава македонска, како човечките животи, исто, за крајцер, за халир, за обол, за филер, за копејка, до три гроша за коњ, до грош и пол за руса глава младодобна. Туку што да се дела, дејством каквим да се дејствува кога ти е порната државата, со рбет здробен, на колена, до колена, море погоре, море уште погоре во од безумието глибот, во тињата на лудилото…
И со мојата Милка, така ми се вика атицата, колку недела време му ја прснав, како што погоре бев се искажал, низ мариовските забити. Некој, на ова, ќе рече дека темелно се подготвувам да се одметнам, лутана ајдутина да си се сторам, сам комита, сам војвода, а не ќе да е во право оти мојов тоталитет одметнат е дамна, таму некаде меѓу камењата и реката, во подножјето на базалтните монолити од клисурите, вон суетата на светот, вон клетот каде проклетилакот ликува и се слади. Друг пак ќе забележи дека бев сум бил со намера да ги одберам чуките, бусиите, метерисите, местата скришни и поволни, да ги одредам, градобраните, природните фортификации зад кои ќе се распоредат четите востанички за кога ќе го кренеме востанието, кога арш илери во бунт ќе се вдадеме, оти за тоа потребата е прека и неодложима, да се востани за да се опстани, за да се сочува државата и животот, и повторно не ќе да е ево право: При нас востание нема да има! Дали од што ни фуфка, дали од што сме ти такви, милозливи и попустливи кон широката владина коалиција, или од што мајка не родила коркачи, (арам за млекото со кое не задоила), не се знае. Само се знае дека додека некој друг својот крволочен идиотизам за востание го прогласува, ние до бели џигери го кркаме и се градиме на девствени, гувееме како кокони негибнати и тврдиме дека јатаганот исукан е топуска, крфица, игличе со главче. Дека ништо нема и ништо не ни е, дека всушност тоа не галат и лажно се фалат дека не транчеле, дека ни ги убивале децата машки. Четиринаесет младинци роса! Во тие седум дена на целосна осаменост до изнемоштување се силев, трудним трудом трудно се трудев, думав, премислував, со пот ладна се препотував и никако не успеав да ја протолмачам таа логика, таа малоумна просудба која вели дека треба да чекаме прво да не испоубијат, па дури одпосле да сме им возврателе. Тоа вака некако излегува: Ќе ти дојдат во домот твој, неколцина запенети силници и, откако ќе ти ја заземат гостинската соба, ќе почнат да ти ги напатствуваат домашните, најблиските, родените, кого сосила ќе обљубат, кого ќе заколат, парче и коматче ќе го сторат. А ти, откако ќе се изнагледаш ужаси силни, на дејствие некакво ќе се туриш, така, како од белја, преку сила, колку да не се рече дека како добиче дребно, небаре марва доклинкана со скрстени раце си седел додека наживо те дереле. А за сето тоа, за сето отсуство на каква годе акција која победата ќе ја најави или донесе, ама и за уште многу друго, се разбира е виновен Фрчко, Љубомир Данаилов, кој, како што неодамна јавно откри еден од двата клучни и брадосани, ем чикмосани, протагонисти во нашата политичка гротеска, беше да ти бил фокусот на некаква специјална војна. Која луцида интервала, молам пристојно, кое таорско просветление, каков продор на умот, ама и прецизна работа на контра-разузнувачките сили (цврц, плус: ами како!). И сега што ни преостанува, ако сакаме да се рајатисаме од дереџињата, од војната и муџахедините наши, треба само да ја маргинализираме таа појава, тој Фрчкоски, да го истуркаме надвор, да му забраниме да се искажува, како што пред извесно време предложи еден албански пратеник од говорницата на парламентот, што е доказ дека консензус е можен, барем по прашањето на судбината на именуваниот…
Море гонете се таму, сите топтан, марш во анонимност, ни око, ни суратите спурени да не ви ги видиме веќе, мамичето мамино ни го расплакавте: Сопрво до гола кожа не соголивте, се што имавме ни потоморивте, а сега уште допуштате и да не ништат, да не масакрираат. (Оф, како ми иде овдека да заборавам на воспитанието па да почнам да псујам, да карам, да врнам со пцости вулгарни и мрсни). Виновен ви е Фрчко, види те молам, ама не, виновен е Ѓаволот во вас, вашата бесрамна алчност и вашиот кукавичлук, згора на тоа и недугавост. Кога ќе си заминете, или кога ќе ве исчушкаме, што мора најбрзо можно да се случи, со себе земете си ги и оние академици, онаа тешка малформација Ефремов, ама и другите сенилитети. Доста ни е од нивните дементни предлози, од глупостите кои ни со оска не се прескокаат. Доволно не има и доволно сме кадарни да направиме нова академија која нема да биде картогравски институт, туку чесна институција составена од грамотни и пристојни луѓе. Сега, веднаш. Виват академија нуова! (АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)“

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc