Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Уф“

Колумна: „Уф“ објавена во весникот Дневник на 29 септември 2002 година.

„Релаксација Заминаа! Уф, заминаа!
Држи верба, кардаш, не штерекај се, не ќе се вратат, да не вратат, во неврат да се струполат иако нешто прпаат деновиве, се џилитат неоти камењарка на девствена кога се гради.
На думава верувај н, ги нема веќе, или барем ачик не се гледаат јанкесеџиите, сечикесите, џепчиите, арамолепците, арамиите, обирачирте, ашлаците, злодеите, на злото занаетчиите, на кривоверството мајсторите, повелниците на лагата, во злодејството челниците, на злохудоста мурот – муроносците, скотците, тихотапците, у скотите нарав скотска, скотска и повела.
Ги нема веќе и тоа ти е и радост ти е вилна, а милна и погода: се разведри, ѓупското лето дојде да не стопли и погали, и фертих и стачи и доста. Ги исчушкавме, сите заедно, под покровот струнен и недокрепим на заборавот, во челуста озабена на грдото помнење, во рилката вепрова на лошите спомени, таму ги бутурисавме, да се потоморат векутума литите.

Плиткоумите да ги снема, малузнањите во знаење вистинско – да се тргнат, малуможните во можности човеку прилежни и принадлежни – да се збришат. Некадарните, неграмотните, аналфабетите, полуписмените, исцело во азбуки и прашањата јазични неупатените, при очи слепите нека се витосаат, витвиделија нека фатат, преку перче ни прејдоа и преку некои други удови и органи.
А саде за троа, за влакно се што не изгубивме, не ни го докусурија како се беа возлеле во намерата долна и ништа се да поништат ништожните: од лепчето наше чкорлаво, до земјичето наше ритчесто и каменито, со по некој булук овци по месечевине утриње, ама тек-тук… Уф, што рајат, брату пеан, што оддишка. Камен воденички, стена грамадна и гранитна од срце ни се свали и огнот на нашата надеж дека ни се може и ќе не биде, сам од себе се завали, вивна, бувна.
Сега саде троа да се караштисаме, некоја песна да му испееме и орце за рамо фатени небаре на ѓергев да навезиме и толку. Треба да се дозбере летината, да не се остави да скапи, да џглибоса, да се расточи маката наша и печалот.

Значи умот в глава, скудот в склопци и тагата в тагарник, па преку осојниците, низ калниците и водиштата блатни, право пругоре кон нешто подобро за утре, ако ни се посреќи…
Трудна несреќа, пред нешто повеќе од десетина години ги наклапуши писателите од посткомунистичките земји, особено писателите дисиденти: им исчезнаа темите, предметот на нивниот “творечки интерес” (уф, ама одвратна конструкција) престана да важи: цркна комунизмот.
Тие, всушност, своите писателски кариери ги градеа врз критиката на системот, непоштедна и храбра и најчесто за тоа, во најдобар случај, беа прогнани од нивните земји, негде во белиот, ним туѓ, свет.
Токму затоа, заради храброста со која каршилак н фаќаа на, по живот, опасните номенклатура и устројство, беа славени и мошне попустливо толкувани од естетичка гледна точка: под нормални околности, по некои од нив, ќе беа само беззначањи, второстепени скрибомани.
А потоа, потоа кој како, некои успеаа да ја менат шифрата, да се снајдат во “нормалните” подрачја од просторот на писателот, а други пак, како Ватслав Хавел претседателот на «ешката Република, направија блескави политички продори…
Се тоа арно и за таму, ами јас, завалија, кај ќе ја вденам мојава дребност, од што ќе се потресувам и тангирам, со што ќе иронизирам и тврде се мајтапам сега кога ми се издудна Љубчо и лажниот ни брат Љубе, сосе другите топтан.
Сега кога преминаа во анонимност, во политичко непостоење, во целосен заборав, кога од темната мусандра на арамолепската им свест, исчекорија во не-свест, поправо во отсуство на свест за нив: овој народ по друго се либи.
Туку може да е да ми се згоди да се измолкнам, ешек сум, се знам себе, на теме не паѓам, освен од сакање: Кога Контесина Медичи, жената на неговиот живот, го праша Микеланџело Бонароти што мисли за љубовта, тој и одговори: “Не можам ништо повеќе да кажам, најмила моја!” А ниту збор претходно не беше изговорил.
(Авторот е писател)

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc