Благоја Ристески Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Слугите на смртта“

Колумна: „Слугите на смртта“ објавена во весникот Дневник на 24 март 2001 година.

„Деновиве, откако почна војнава, мајко, војнава, ката ноќ, околу полноќ, го слушам гласот на Крстета кој се пробива и ѕуни, изудирајќи се од темните кристали на времето, низ неслутимите далнини на векон изминат, и ми заповеда да го кажам тоа што сега е преко да се каже, што е нужно и што се мора. Да го изговорам, во реч пробрана составам она што му тежи и го тишти, дамна мртов уште еднаш го ништи онака замандакен во казаматите на порозното помнење туѓо.

Заповедта од Крстета да се ислиша се мора, оти тој саживот повелан, по смртта заслужи да повела…

Случајот, или мојата нескротима љубопитност, не стави токму во ова доба пред триесетина години. Јас младинец кој таман почнал да го лачи горчливото од слачното, јадливото од каколот и да ја препознава човечката несоодветност и злохудоста негова и крволочната му сушност, а тој деведесет и шест годишен старовремец кој видел повеќе од што во книгите, во палимпсестите на повеста може да биде запишано…

- Поткрени ми ја ракава и ставија на своето теме, ми рече со глас кој приидуваше уште од времето на Уриетот, некоја година по Востанието. Сторив така, неговата рака, таа сува дабова ветка, почиваше на мојата глава додека ми зборуваше, додека патрони фрлаше од исчадената цевка- неговото грло:

- Слушни ме и памти, ова е последното што ќе можам да го кажам, оти веќе ми се празни фишеклиите, нагантите р ѓосани, орозите отапени… На дуњава, во векот човечки, нема ништо за што можеш да се фатиш за да се доискрепиш, што ќе те додржи внатре штуроно битисување, освен машкана наслада од женана што ја милуваш и нерасуждимата радост од детено кое на тебе прилега, од што од твоето семе беше да заботеало. Ете, само тоа може да те накрени меѓу лепине бесмртни, а другото е измама која сам си ја суредуваш, која си ја подметнуваш за да те стори малузначен и ништ, за каков годе восхит отрпнат. Оти се што со печал ќе спечалиш, сето азно, нивје, куќи и покуќнина, се е примка, сето ќе да е тука како препрека која ќе те запри да се вивнеш до убоста безразложна и до милоста чие потекло не се толмачи…

И татковината е жена, жена красавица, нашана дивна милосница, онаа која огништето ни го завалува и дечурлијана ни ја тимари, подојува дури машко чере не се сторат.

Та затоа бевме се наоружале, светлим оружјем наружале, за да ја вардиме од туѓана похота, од оние кои на неа беа се настрвиле: Од Турците, селџуците, од тоските, гегите, од арнаутите…

Ни одмор имавме, ни починка асолна: во левицата анџарот свит и светнат, во десницата бојна нагантот срмом опточен, откочен, а атон в пондила никогаш не одуздан, не одседлан… И како се чини ја добранивме, ја одбранивме и многу могили кренавме, многу првостинки и жени дородени црном забрадивме. Многу мина и од нашите дадовме, се одбор комитлар, сите од првион проток, лични како нарисани, стасити за витоно борје да заблазни, а земјана по која газеа да се дичи… Само што таа цена е преголема, тешка вергија недоплатима: сите кои пред моиве очи се поништија, кои на раце душа ми пуштија, а и другите, од нивните, од оние на кои јас крвца им полокав, сите, топтан в срце ги носам. Оти, мое голиштарче, дребно пиле пролетарче, во смртта сите се исти, отаде животта ништо нема и ништо не важи, ни вера се има, ниту нација се плоти. Во смртта ни смртта лакома ја нема, и таа самата себе се поништува, се ништи за да пишти празнината, од ништото тишината целосна, та дури ни тишина нема. Ништо нема и ништото го нема, од ништо поништо е смртта…

Така рече Крсте од забаталеноно село Бонче, комитата прочут, посилниот на Димо Хаџидимов- војводата и молкна. По три дни го снема, исчезна од меѓу нас, живите, во ништожноста на помнењето туѓо се пресели. Сега еве го пак, триесетина години подоцна, сет во глас престорен, кај ми заповеда да ти кажам тебе, Киме Мехмети, мој најблизок пријателе, побратиме, брате, да ти кажам што умам, што думам во ова време на несоница- горештица. Време горко-пелиново и време отровно во кое и исцедокон од змијана потајница слачен напиток се чини. Думите ќе ми бидат едноставни, а мислата исчислена и докрај сведена: Некои од твоите, по број малубројни, од твојана вера и нација, оружје кренаа, некаков бој забојуваа. Тоа ако, мој најблизок, кога се мора да се брани и одбрани најмилото, она што од срцето е поблиско, а кога друго се нема и не преостанало, оружјето, тој алат пеколен, е нужно. Но, дали е тоа така, дали навистина кај твоите ножот до грло е дојден, ѕверот до дувло, та мора да се пука, да се коли, за да не се биде заклан…

Та затоа да видиме што по однос на причините за таа постапка прекумерна, челниците, јавните и скриените, стварните и лажните, објаснуваат, како го правдаат потфатот адски. Прво велат дека тоа беше да ти било заради малата застапеност на Албанците во институциите, што во основа не е точно, а и да е тоа е толкава блбост која никако не треба да се претресува, оти на глупоста само и се одмавнува, со неа не се разговара. Потоа велат дека биле тероризирани од нас, Македонците, а за тоа, притоа, не поднесуваат ниту еден, ама баш ниеден, прифатлив аргумент. Кон ова, побратиме, брате, треба само да се додаде фактот дека ние, Македонците, последниве неколку века сме, всушност најтероризираниот народ во Европа: раскинуван, парчен, непризнаван…

Народ кој е во опасност и сопственото име да го загуби! Надокраја велат, оние стушени сурати, дека требало да се мени Уставот и во него Албанците да се признаат за државотворен народ. Ајде, де, нека биде и нека е аирлија, само што ќе правиме со Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошнаците… та нели и тие се народ, мајчина му, од една страна, а од друга, пак, што тоа значи? Овде не смееме да се градиме наивни, да допуштиме некој анџар да ни пика в очи и да не уверува дека тоа е сламка. Тоа значи, мој Ким, федерализација на Македонија, па конфедерализација и на крајот отцепување на оние нејзини делови на кои беше да се намерачиле твоите, оние малубројни од твојата вера и нација…

Туку добро, еве, нека уште еднаш ја раскинеме жална Македонија, нека удриме граница кај Групчин и негде кај Дебар, подолу не ќе да може: Струга и Охрид не смеат да се гибаат, оти ги знам моиве, тие се на Крстета комитата коленото и на Димо Хаџидимов, сите до еден ќе станеме Гемиџии, до последен, оти крвта вода не бидува. Дури ни мртви не ќе ги дадеме светилниците кои патот, низ предолгана вековна темница, ни го покажуваат. Значи само до Дебар и ни педа понатака. Но, што тоа ќе произведе, која ѓаволска ујдурма? Невидено раселување на народите, мој брате, смрвени семејства, изгубени луѓе, очај и погром целосен. А границата ќе биде најцврсто замандалената граница на Балканиве, оти секој допир, можеби цели векови во иднината, заради омразата која тоа ќе ја произведе, ќе значи нови порои крв. Зарем тие, малубројни отпадници, од својот крвник, од џелатот невиден, од Слободан Милошевиќ, ја научија науката морничава и неможна: До каде има Србин, дотаму е Голема Србија, до каде живее Албанец дотаму е Голема Албанија! Кога оваа бесмислица не би произведувала трагедии, неа не би ја ни споменувале…

Ете тоа судбината ми заповеда да ти го кажам, брате мое најмило, и да те молам, риџбом до небеса, како еден од најугледните во својот народ, како писател кому рамен тешко да ќе да му има, а по светлината на умот неспоредив, каил да се сториш та да им застанеш упрекум на оние кои, без причина видлива и објаснива, за оружје се фатија. Оние кои веќе не се твои, ама не се ни ничии: Слугите на смртта немаат ниту вера, ни нација, како што Крсте, на одарот претсмртен зарача, ниту обличје човечко немаат. Мојот дом е твој дом, Киме Мехмети, пријателе, побратиме, брате, та ако каква годе нужда те принуди, дојди да оттраеме заедно. Ти знаеш оти го знам Канонот на Лек Дукаџини, таа света книга, и според него ќе постапам: со мојот живот ќе го бранам твојот живот и животот на твоето семејство. Исто како што јас знам дека тоа важи и обратно, дека во твојот дом ќе сум посигурен отколку во сопствениот.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc