Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Пиралка“

Колумна: „Пиралка“ објавена во весникот Дневник на 6 октомври 2001 година.

БЛАГОЈА РИСТЕСКИ – ПЛАТНАР – ВО СЛАНАТА НА БЕСМИСЛАТА:

Не водете го народот кон таа стапица заведлива сторете се што е нужно за да се договорите, да се доиспазарите, во тишина, без националистички тапани и таламбаси.

„Знаете ли што е тоа пиралка? Не? Е, тоа е еден дрвен инструмент со кого женине, откако ќе ги исперат мутавите од козина, диплите иридири, килимите со гугучки или јамболиите од рунскана волна од угичи, удираат по нив за да ја истиснат водата од дадените шејови. Во принцип и во основа тоа ти е еден алат мошне пеколен, направа крајно небезбедна и соодветно заканителна оти, покрај се, покрај својата позамашна димензија и тежина накисната, пиралката е ептен нарачна, стои в рака како срасната, како здрвено продолжение на удот. Та затоа, од тие причини, машкана пола кога во белине, бели ем дебели, женски раце ќе го денетиса алатон од трудноно дрво буково истерезисан, на часот се клони, се шмуга и усук фаќа на безбедно отстојание: Оти на злото што му треба, за лошото колај бива. И така женине на мажине кимка им држат по поводи со број недоречими и други истизанија кои овие, мажите, ним, на жените, низ животта беше да им ги суследисувале. Еднаш, колку за да се потсетите, кога здраво ракијом налеани беше да се вратиле дома, од бес кој разумот не го толмачи, така беше да ги џигеросале, бабуњосале и исцело помодреле тие кревки, мили и премили, нежни и пренежни суштества женски, што овие, колку недела време, кромид се ложеле и на сокак не излегувале од срам пусти. Друг пат пак во една летна смрачка, во исписине на нашине писатели често опишувана, овие, демек жениве, беше да ги затекнале нив, демек мажине, ја ли в пондила, може в плевна, в мутли, та дури и в але, или тука, зад куќи на ѕидчето потпорно потпрени како од грб ја грбацат онаа џандрлива орџоганка, онаа камењарка и бајрактарка, она сипче комшивче, онаа повесмо светлина под ризата засукана и како подвреснуваат препотени во наслада некоја која овие, жениве, де, не паметат од кога не беше ја сетиле… Ете затоа мажите, нашите, мадрите, јунаците патот го менуваат кога пиралка во женскине раце, раце бели бели ем дебели, како што веќе бевме се искажале, ќе здогледаат, што поскраја заминуваат и си траат. Оти, како што секому е познато и векутума се знае и од деда- прадеда се прикажува: кој со пиралка беше да ти бил опран, опнат ил опчоганет на часот кинел конци, копци ил петлици, без да стигне да офни, ни оф ни леле, молкума се упокојувал или, во ретки случаи преживувал, само што саживот останувал сакат, куц ил вулогав, стреволушен, изматуфен, шашрдисан, замаен и загуган, сиреч од ѓонија излезен, од умот скраја.

И ете, по се што мојава памет скуда доразбира и дофаќа, ние, овие сега и овие овде нешто за живи што си се држиме и лагом, по тоа прашање, си се лажеме, мора да сме од нивното колено, од нивното семе и племето му, од оние наши предци кои пиралкана беше да ја преживееале. Лага нема, ни кламење ни мамење, оти поинаку не ќе да може да го биде, мора нашите бабајковци таа справа в тил да ја имаат окркано, та така ошумоглаени нас не имаат загрвелкано од чист дотресок… Докази?! Еве ви ги:

На пример парљаментот ( љ-то е позајмено од албанскиот македонски), таа куќа на резилот и бруката сенародна, таа зандана на умот и совеста, каде од доблеста, макар најдребна, ни трага ни гласа нема, зарем не е несоборлив доказ за работата на пиралката низ нашата историја, во аналите, каналите и другите иригации низ повеста ни отнати. Оној Саво (Климовски, секако) да речеме, не од друго туку зарад поткрепа и показ, оној де, кој на почетокот од последната деценија од изминатиот милениум беше највосхитениот член на новоформираната Комунистичка партија- движење за Југославија, некогашниот министер за просвета во владата на Глигорие Гоговски ( попознат како Глигорие плачкото), ете токму тој Саво беше да ти станал, нит виден, нит смерен трибун народен. Еден патриот ми ти се сторил, море патриотиште за дика и прилика дивна, а може да се рече и да се пресече дека човекот, по дефиниција, си е националист со кадифен призвук на национал-шовинист. Од задрт комунист кој, меѓу другите свои славни дејствија, работеше против јазичните и ините права на Албанците, за потоа, кога си се тури за претседател на собранието, во едно радио интервју да предложи двојазичност во парламентот, до ова последново во кое, небаре кретешница, рига се некакви високопатетични, народоподбуцнителни исказанија. Пулиш сега што за катил алат ти е пиралката, оти мора Саво, оној прочут “Сава у Тајвану”, мора да е лично, ама не е исклучено и некој од неговите претци, репнат со пиралка в тил штом вака, небаре мотовило, неоти елемија или родан, денизден ошумоглаено се превртува. Навистина зарем не му е срам, зарем очи не му капат?! Не, не му е. Срамот, очигледно дамна беше да си го изел и протерал низ дебелото црево. Токму тоа, цревото им дебело, нему и на оние кои по својот човечки профил му се подобни, им е единствениот поттик и мотивација, та се што прават зарад него прават и секое дејствие од таа реава темнина им произлегува…

Национализмот е најбезбедното уточиште на злодеите, нивниот азил и избава. Топло е таму, сред стадото, внатре глутницата и безбедно и можеш да се затскриеш, се што маана, зла намера и матна помисла крепиш да ја скриеш. И згора да се прикажеш како нешто искорен потресен од страданијата народни, а поправо само твоето благоутробие те тангира. У нормалнога цел еден живот работа е нужен за да ја спечали љубовта народна, на националистот достатни му се само две-три пароли изговорени во вистинско време и на вистинско место, во парљаментот, на пример, за да ја дофати славата, а напати и власта цела.

Не водете го народот кон таа стапица заведлива сторете се што е нужно за да се договорите, да се доиспазарите, во тишина, без националистички тапани и таламбаси. Љубовта кон татковината е тивко чувство, нежност грамадна полно и тоа пизма не поттикнува, туку љубов нова. Поучете се од пресниот пример на некои од нашиве Албанци кои со жестокиот етно-фашизам, на крајот ќе го доведат својот народ во гибелна изолација, во енклавата на очајот. Згора на тоа што досега, како некои тврдат, веќе изгубиле 1.500 младинци, им прекапал цутот од сланата на бесмислата изгорен.

(Авторот е писател)“

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc