Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Момчето“

Колумна: „Момчето“ објавена во весникот Дневник на 17 август 2002 година.

Флеш…
Кој сум јас, од каде доаѓам, кон што сум упатен и дали пат постои?
Од што сум составен, ѕвездена прашина ли е ова живеалиште- моево тело, каде привремено сум приплатен, ровит и кревок, лесно кршлив и препален?
Дали има смисла и целта каква е на мојава опстојба пробиена од бескрајот и од него условена? Да не би да сум привид, од сенката сенка, нечија ноќна мора, или сопствен сон во попладневна дремка во бавчата на изворите? Можеби само функција, употребна вредност, само имател на свест која ќе го утврди сето: елементите, примордиумот…? Кој ќе го подотвори прозорецот на бесконечноста и ќе ја дефинира надстварноста потфатен од метафизички некој занес?
Или само случајност, фатална грешка во еволуцијата на дезоксирибонуклеинската киселина? Морничаво и блескаво во истовреме, се е содржано, и грешката и намерата (ако ја има), само во една гигантска молекула, и се зависи од распоредот на атомите внатре неа: нашата генијалност и дебилитетот, на пример.
Навремената смрт, оти смртта без исклучок и секогаш доаѓа на време, оти сето време е нејзино време, и опскурноста на животот, неговата неподносителна ломност, недодржимата разгромност…

Животот како незабележима пауза сред ништожноста, како циничен екскурз на непостоењето во постоење, кој трае токму колку е нужно да ја утврдиме неговата нетрајност, излишноста негова, та, соодветно на тоа, рака да кренеме на себе, ако не не превари, ако не исчезне саде миг пред да ја оствариме наканата. Саде миг пред заканата да се усмртиме под принуда на стравот од смртта.
Самоубиството е всушност тоа: со смрт да се прекине недокрепимата тескоба низ која се чека смртта. Секое друго толкување, па макар и ингениозно, е оправдание, алиби, фина домисла со која ќе се растовари совеста зарад автоцидот, поправо зарад упорноста на постоењето.
И ете ја грозничавата стапица во која е вовлечен умот и од која избава нема и не ќе да ја биде. Секоја помисла и дело, секоја реченица бритка и точна, секој луциден исказ, секој состав, без исклучок и до снеможување ја вергла истата темна тема: Да се отстапи ли, да се исчезне веднаш, или упорно да се трае сред глибот на очајот сопствен, сред стравот…

Да се чувствува, да се памети, да се одбира и проценува, да се синтетизира, ете ја дарбата која клучно не изделува од контекстот, од се видливо, замисливо и поимно.
Туку и проклетство средишно со кого сме натоварени, под кое стенкаме и се грвелкаме, се мрешкаме бессилни небаре ситната гадинка залепена за смолата од пинус нигра. Смолата на постоењето која толку цврсто не држи скоени пред оностраното, во стварноста на мислењето, во ужасот на опсудбата.
Нашиот разум, можноста да ги одлачуваме противречностите, или да ги помируваме, да ги пронаоѓаме соодветите или да ги укинуваме, два и пол милениуми да се замајуваме со трисекцијата на аглите, или со вдвојување на коцката. Со квадратура на кругот која Анаксагора, во политичкиот затвор, беше да се одлучил да ја реши, но откако не успеа се избудали, за на крајот, ослободен од Пертиклета, да се самоубие. Ете тоа е мемливиот казамат во кој свеста наша постојано, без вина видлива и одгатлива не заточува…
А чувствата, ах чувствата, што со нив, кон што не водат и што ќе ни се? Зарем има смисла да се биде милосрден и милозлив, нежен да се биде кон жена и доброхотен кон ближниот, да се ненавидува или љуби, зарем има смисла кога мешунката на бесмислата е нашата антропосвера, сиот наш свет и секое сознание поврзано со него.

Да не се просудува и да не се чувствува, по се тоа ќе да е условот кој мора да се задоволи за само еднаш, барем еднаш, да се летне, да се првне, да се накрене кон нагоре, поправо да се падне во бездната на трајното отсуство…

Пред недела време, наурез навален наспроти мене, пополека сркајќи темен чад од своето ружино луле, троа вџашен и исто толку здрвен, ми раскажуваше мојот кршен професор по филозовските науки:
„Без најава, наврапито, пред три дни, бувна кај мене едно непознато, тукуречи голобрадо, момче и без застој го изговори она што пред малу бев бил ти го кажал. Ги истури прашањата небаре белутраци тркалани по речнине брзаци и спокојно, со некој надземен усмев, нога за нога, си замина. Ете од тогаш, од тој час сум ваков, како в крило удрен, стреволушен и саде шестам и се копкам, брат да ми си, бимпобратим ко што си ми. Се прашувам, не папсувам: Зарем е умрен во нас тој што некогаш, во младини, во ранине години, прашањата велики и беспрекорни ги поставуваше, се прашуваше и в сонце се пулеше, та и ноќе ламба не палеше оти неговите очи два фенери, кои во темничиштето на животта, ја осветлуваа, ја толкуваа смислата. Понапати какогоде, понајчесто штогоде, но секогаш со восхит неописим и тага соодветна. И сега што, што ни остана, зарем ни ситнана песок болскотна на тие прашања, не може да се распрета во пеплиштето на нашите души.
Зарем ќе дотраеме во баналноста, во трпливата ништост прашувајќи се кој ќе победи на овие избори, на пример: Дали Љубчо со Љубета и сета кохорта спурена и зад нив построена или ќе се врати СДСМ за да ја поправи штетата грамадна, ако во меѓувреме се опаметиле, нешто разум доквакале, та сфатиле, до троа мадрост се дофатиле, дека: Не се владее по волја приватна и опсудба лична, поттикнати од страста по парите и моќта, туку по правила и прописи, по закони тврде заканителни, по ред однапред одреден и морал од предците наследен…“

Ете тоа ми го процеди мојот здрвен прв побратим кој, очебијно, не беше се досетил дека тоа момче поправо беше тој самиот, вратен назад, во времето на когнитивната девственост, на она спознајно вирго ин такта. А можеби тоа бев голобрад јас, кој беше го посетил во кабинетот на факултетот, млад и сјаен. Тоа не се знае и никогаш не ќе се дознае, оти нужно ич не ќе да е…
(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc