Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Гегите го убија Кузман“

Колумна: „Гегите го убија Кузман“ објавена во весникот Дневник на 31 март 2001 година.

„Гегите го убија Кузман. Капиданот, сердарот, мартолозот е мртов. Ровка земја е геројот, тло, почва и таман ќе запролети, токму тревен ќе кондиса, од неговите миросани коски, негде таму сред оние месечеви утрини на Галичник, изобилно билје ќе бувни: петопрст и качунки, лута трева посеклива, горкион букинеш, цвеќе божилаче и матарка, мајчина душичка…

Низ милине мириси, со киселицата и козјата брада, пак ќе се ни се врати мартолозот и ќе биде тука се дури не прекапат латиците, листон не се скврчи, не подгорат стракчињата, се додека во р(нките ларви не ни се вгнездат, во видот габи гнојни…

И така секое божјо лето додека го има времето, додека некој ќе умее да го мери, премерува и да премира пред неговата рамнодушност. Гегите го убија Кузман и ридаа дури гологлави и скрушени при мајка му го носеа неговото студено тело, тој збир од сол и камен. Липаа душевните одметници и качаци, тивко солзеа недокрепима болка надрочени од што, ете, и тоа им се здаде, најмилион душман да го поништат. Да го снема онега по кого се редеа, се строеја, пусиите ги кроеја, зарад кого ѕунѕурки се џиџаа, ката утро се бричеа, оружјето го чистеа и коњине, лепине дорати, тимареа. Знаеја одважните: за нивното јунаштво, вештините бојни, само Кузмановото геројство ќе да е мерка, тасот, кантарот. Кога тој го префрли превалецот и во баждарницата, до последната чука, остави сешто земно, гегите слегоа од горите, пропаднаа во гротлата на рамнините, во араниите вжештени на заборавот. Оти се е во двојство, нема постапка, ни накана, ни дело и ништо не е цело без каршилак, без сенка, без одраз. Гегите го убија Кузман и на часот сам ужаснати узнаа дека додека меѓу неговите очи убоит нишан рамнеа, себе за метерис се имаа, во себе целеа. Убиството е самоубиство, погром во свеста, во совеста незацелима рана, ѕид- губилиште. Убиениот на убиецот му е вистинскиот џелат, касапот кој саживот ќе го коли, ден из ден, без одмор и престан, без да калдиса, ил тивни. Убиениот меѓу оние дивни и чисти серафими ќе се вивни, убиецот во реата на глибот долу…

Туку, ете, у човека, таа непоправима божја грешка, или злоба, а може да е пизма лута, само у него ја има таа мрачна сила, тој хтонски копнеж да убива се што земјом ходи, морем плива, небом лета. Понајмногу меѓу себе да се ништи, се касапи, се беси, се труе, се парчи здивен, окрвавен и скрвен. Се што умее ил знае, се што може, сета мечта, мајсторство секакво од таа потреба му иде, од тој порив, од страста нескротима и неспоредима со ништо друго што го движи, што го држи жив и крепок и бодар. И кога е на чекор до својот одар, кога е безсилен и ништ, тој во наследство на потомците, како свето завештание, со последниот издив, ќе им ја остави одмаздата – заповедта: Убиј!

Сета радост, сиот восхит, сета среќа се сосредени тука, во таа вештина клучна: Да се убие во чиста форма, без причина и повод, да се згроми родот не од што се мора, туку од што се може, од бес и обест. Светот е човечка кланица во подножјето на крстот, облеана од бледуњавата светлина на светата полумесечина. Светечката милина од злочинот, светоста на убиството се најкусата биографија, единствениот човеков мотив. Другото е само прикрепа, подготовка, пронаоѓање оправдание…

Гегите го убија Кузман и папсаа, веќе ништо друго не беше достатно за да ги додржи внатре, во стварноста. Се престорија во споменик, во запис, во литература. Од убиството се издудна поетот, каква трогателна иронија, кој зловолен потсмев: Со смртта да се платат зборовите, да се откупат римите, тропите, да се заслужи естетичката наслада, да се поткрене во возвишеното, да се стаса до славата…

“Ти заблазнувам тебе, Пријаме, оти го виде исчезнувањето на сопствената татковина.”

Велат дека рекол Нерон, оној ист што го запали Рим само заради величенственоста на глетката, заради пејсажот на огнот. Ете, тоа е идеалот, врховниот копнеж, сето тежнение: Да се убијат сите и одеднаш, да се поништат најблиските, соседите…

Во името на родот сопствен нека џрџа крвта од родот човеков. Да нема градба, ни дом, ни огниште ако тоа не е могила, мавзолеј, табернакул. И сета татковина нека биде разорена до погром целосен, камен на камен, во пепел, оти само така, макар симболички, ќе биде убиен таткото, што е, поправо, супстанцијален мотив, целата содржина на опстојбата: Да се симне создателот, демијургот, за да се заземе неговото место во светот, во мајчината постела, во животворот, во постелката. Лудилото на Нерон е дијагноза за секој убиец, без селекција, без исклучок. Секое поинакво толкување ќе е само гнасена кривотворба…

Но, како се чини, војната заврши, ако тој цинизам, тој водвилј, таа гротеска или фарса, воопшто беше војна. Да не се неколкуте убиени тоа, бездруго, може да се прогласи за морничава стилска вежба, за илуминација на глупоста, за канонада на лудилото, гнојно воспаление на мозочната ципа кај малоумник…

И нека биде заборавено, избришан од помнењето нека биде срамот за да не не глочка, за да не не каса како куче пеном запенето. Тоа е се што сега е нужно, се што се може: лековитоста на заборавот. Белки ќе ни се посреќи, та на тетовското кале, или Балтепе, или сеедно каде долж Полог, нема да се инедри поет, нема да се најде кој да го опее потфатот залуден и темен.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc