Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Џиш — момиче“

Колумна: „Џиш — момиче“ објавена во весникот Дневник на 4 ноември 2000 година

„Кој тоа ни ги конфискува страстите? Кој проба да ни го укине восхитот, воскликот, певот? Дали тоа некој ѓаволов стипендист, дипломец на семинаријата од злохудоста адска, меѓу нас беше да се возлел, та ровари, подрива, низ сушноста ни пустоши? Го ништи она што не дефинира, не вообличува, не одлачува од другите и од се друго нам познато. Со рачиштата крастави, во грстови, ни ја празни душата, во неповрат го одлива ликворот на нашите копнежи, зовриената течност на стремежот по исклучителното, неможното, надстварното. Не прави млаки и банални, нешто како згаснат одраз врз темнината од огледалата сломени. Без иднина и спомени, шупливи луѓе во празни куќи…

Пред две недели време се враќав од Скопје, кон Прилепа града истишена, со вечерниот патнички. Возот беше преполн и неодоливо ме потсетуваше на оние сточни, од минатата војна, што служеле за депортација. Во купето каде, по напор својски се приплатив, две- три позамашни жени, жени авални за болести телесни муабет си кудисуваа, за аланѓузи и приштеви, за офтика и задуф… На седиштето до мене седеше црномурно момче со исплакнато лице: ниту насмевка, ни тага имаше врз таа избричена поврвнина, само некаква отсутност сматна. Наспроти него една јадра мома, налеана расфрлена и спотната небаре бело магливо утро, згора на тоа и длабоко деколтирана, само колку да не првнат гулабите диви, да не се расштркаат. Бесмислици џагореше, се кикотеше, се чепатеше, понапати потпеваше за само и само да ја погледне, да ја денетиса овој демкеш до мене. На докраја в лице му се внесе и нешто вонразумно го праша додека похотата во бистри млазеви, само за зналецот видливи, и се цедеше по градите, по колковите заведливи. Туку што ако кога овој ни да чуе, ниту се помести од здрвеноста присушта, само молкума си траеше и како да не знаеше кон што цели нашата сопатничка.

Попосле за малку што не го окркав, за влакно избегнав дајак и целосно понижение од тие мрсни жени кои ми се цакнаа откако задимив, откако го зажарив лулето од корен од ружино дрво истерезисано. Беше од мерата згора да им пречел чадот, астмата им ја поттикнувал и соодветно нагласувал. Нетепан, само троа здрман и со распарана јака на ризата од инат се шмугнав в ходник и уште долго го слушав нивното збеснато надавање и низ смрачката која се востановуваше ги гледав сртовите од планините дални.

Таман се стаив и затупив својски, до мене се проби црномурното момче и без најава, без ступор кој во прилики вакви- на непознат да му се обратиш- принадлежи, почна логореично да дроби: Те читам ми вели. Се што си напишал во “Дневник” и другаде сум го прочитал. Колумните ти ги сечев и ги чувам. Само што откако дојдоа овие новиве, текстовите ти се за нигде, жив резил, ептен батал. Жвалавиш за работи кои ни се надвор од умот, ич не не допираат, не не тангираат. Се некакви срцепарателни настани и случки возвишени плус небесни си се закатанчил да ни ги висветлуваш, да ги опишуваш, попусто дарбата, ако ја крепиш, да си ја арчиш. Башка тоа што многу распекмезен ни се чиниш нам, на твоите читатели, разлигавен и зајден, пача сторен и пивтија друга. Не свикна по одредени политички собитија, настани што не тиштат, та и да не ништат се токмат, јасно да се одредуваш и никого да не поштедуваш, ниедна ‘рнка вепрова.

Што зарем се исплаши, исцвика, или пак со муждиња и некакви поткупи ситни муцката ти ја затнаа? Со пара за поткусур ним што им служи ти ја распараа одважноста, храброста ти ја доведоа под прашање и машкоста разбоздисаа.

Зарем си толку кревок и ефтин? Нам ни е важно и нужно, продолжи да меле мојот случаен критик, да знаеме како се строиш по однос на настаните срамни и долни. Што умиш, што думаш за она што сме полчишта диви, помамни орди кои во бес нескротим меѓу себе се требат, се колат. Што зарем не ќе да е така? Еве, на последниве избори, колку за пример, на повид ја ставивме вистината цела дека сме само загугана толпа, крдо, стадо, глутница загната и скрвена кон својот сосед, на братот настрвена… И тоа зошто? За некоја алава мустра да ја настамениме за кмет, градоначалник- како велат, на некое забито село, во некое недојдено…

- А ти, ти што стори со лепото девојче наспроти тебе, откако се созедов троа, го прашав. – Со која?! Со она ороспиче и џиш-момиче? Остави ја неа таа не е тема, ме прекина луто, нас други бремиња не гмечат, трудни дертови не мачат. Дали ќе се докрепи, дали ќе се преживее… – Грешиш, мој пријателе, грдно се лажеш, токму таа ќе е твоја тема, а ти нејзина. Животот е потврд од што ти се чини, и праведен докрај: тој, вашиот спој, за дивното мерка, го захтева и по него трага…

- Море, остави, не туку ме шнирај, не ме дупи стишно, каков спој, какви бакрачи и офкања ини. Јас дамна веќе не знам што сум и што носам долу и дали треба да клекнам кога сум в кенеф. Ме направија меѓу нозе мазен тој Љубчо, тој Бранко, тој Борис, а сега и Ратко. Ај што полот туку и сонот ми го потоморија, ме уморија до целосно калдисување: Ни спијам, ни бдејам, туку само со нив се бавам, грцам, се давам од тоа што тие ќе го речат.

Знам дека не мамат, не мафтаат до крај, се што ќе кажат е само уште еден начин да се поврати, или дочува власта, срамното владеење со нас. Не им верувам ништо, ама сепак помамно ги слушам. Од устата си делам и се што ќе спестам по новиње го давам. По тие пусти весници, да се заштурат, да би…

- Ете тоа е примката во која ќорлемечки паѓаме, пробав да го смирам. Не уверија дека се што знаеме, саде за нив знаеме, се што умееме од нивната волја ни иде, дека сме ништо, ако тие не се… И севезден така додека не не доизбудалат, додека не ни го дошмукаат она малку ум и троа разум што ни преостана…

- Ете тука си во право, потскокна и вресна мојот собеседник. (Тогаш видов дека сите околу нас во ходникот, а и некои од купињата подадени глави, не слушаат и стенкаат, нетепани плачат, сите плачат.) Од кожа ќе си излезам од што не можам да појмам како е можно од денес за утре да се менува ставот, неоти ветрогони, небаре ветрокази и ветрушки. Денес пред крстот да клечиш во скрушена смерност, утре да си поган, до вчера нацијата да ти е сета светост, а денес да ја нема, онемена и затрена. Ратко, сакам да речам. Ќе пукнам, ќе се расшијам, а умот веќе ми чади од што не гледам чаре.

- Ти врати се назад, по рамото го поттурнав благо, и види девојчето возљубено и красно дали се уште те чека. Во своето купе врати се, во својот живот. Заборави на нив, изуми ги сите арамолепци и мурдари, сите фичфиричи заџидани по власта, оти само така, ако не ги снема барем ќе се вратат во она што поправо и се: без нас – ништо…“

Замина нагло, тоа црномурно момче, но, пред да ми го заврти грбот,како да му видов, на работ на усните, итромански усмев. А другите, сите други неутешно липаа, додека низ мракот веќе не се гледаа планините дални.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc