Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Ден потоа“

Колумна: „Ден потоа“ објавена во весникот Дневник на 20 јули 2002 година.

Избори…
Добро бре, има ли крај, конец, точка, рабна црта, каква годе завршница на ова беспримерно дивеење?
На ова пчошко време, на ова скотско бреме со кое ни криви, ни должни сме нагрбачени. Добро бре, се има ли срам, каков годе усул, ронка намуз, нешто морал, човештина макар зрно, се има ли, или се е црно како во од волот рогот…
Застани, издиши, забриши си ја стандардната пот од челото и престани да римуваш, да украсуваш, да тропизираш, од секој колумнистички текст да пробаш да направиш, покрај другото, и книжевно сочинение.
Сведи го исказот, ослободиго од се што, можеби, го разубавува, но го прави, напати, не сосема јасен и продорот низ него го усложнува. Тињата е до грло, а ножот до коски, во ова пчошко време (како што погоре си бил си се искажал) убавината, назнајно каде, е протерана. За пријатното, за милото и доброто меѓу нас место нема.
Во оваа тушла држава (држава, но не како територија и жители, туку како апарат) царува злочестото, злохотното и злото. А, над се алчноста, грамадната човечка алчност која, како излегува, ништо не може да ја смири, да ја угасни, ниту еден залак не и е доволно голем, со секој нараден апетитот и нараснува, станува ѕверски.

Во последниве неколку месеци тоа е толку видливо што на човека да му се снеможи. На оние што им се може, значи на власта, од ништо не се либат, пред ништо не се колебаат, пред ниту една препрека, што морална (?!), што легислативна, не се запираат.
Неоти сме во протоисториска анархија, во хаос во кој владее само законот на принудата, на јатаганот и топузот.
Секое дејствие, каква годе постапка на врвот на хиерахијата е поттикната од само два морничави пориви, две темни сенки надвиснати над нашите судбини: Независно како да се сочува власта и независно од се да се доограби тоа што остана, уште она малку кое ќе да е нужно за да и се уприличи панихида на Македонија.
На оваа етеризирана државичка која мирно, тукуречи без лелек и отпор го чека крајот видлив. Или попрецизно: остварувањето на, сега веќе сосема јасниот, план за последното распарчување на територијата на Македонија. Можеби, заради надворешните влијанија и тврдиот принцип за непроменливоста на границите, тоа не ќе да е можно да се формализира, туку што и без тоа границите се удрени.
Не само во свеста на етношовинистите, но и во наполно видлива смисла: Во Македонија протерувањата и преселбите врз етнички императиви веќе не ќе можат да се запрат. Процесот е иреверзибилен и неодложив…

Додека Томе Далавера спокојно, без нешто особено, како вообичаено, да афектира, си се инсталира во Републичкиот судски совет, елегантно си се пришрафи за да демне, влакнест, скраја. Тоа ти е оној ист кој во свое време, пред поголема група новинари, го постави, тукуречи хамлетовското, прашање: “Што сум јас, магаре ли сум?”
Прашање кое сеуште, небаре аура, виси над неговата седа глава. Ај, со Томета и некако, има минат, превосходно кавгаџиски, труд човекот, туку со оној Николче, со оној совршен анонимус кој беше да се испентрал, со акцелераторската помош на партијата, до Врховниод суд, каде со него ќе се вденат, кој ќе им го покрие срамот.
Или со оној безимен сопруг кој се тупурдиса во Советот за радиодифузија на функција “брачен другар”…
Овој список е бесконечен, како и оној другиот кој почнува со фалсификуваните “парчиња хартија” на вехементниот Новковски, а завршува со последната, неверојатна, изјава на Бошковски.
Со неговата проба да го оправда убиството во Неготино со што докажа, братот наш Љубе, дека за него ништо не е туѓо, ни долно, ни срамно. Се во името на победата на изборите, секакво кривоклетство е допуштено, секоја лага, секаква вербална дисторзија.
Само што некоја тешка јанѕа ме разјадува дека на тоа, само на збор, нема да се заврши: Како што почнаа пукотнициве низ Македонија, кои се преселија од така наречените “кризни подрачја”, по целата територија, недвосмислено ќе имаме крвави избори. Ни се зазорува оловно време, време на големи премрежиња и недокрепими искушенија во кое вртоглаво паѓа цената дури и на човечкиот живот. Што е животот наспроти победата на изборите: ништо, занемарлива дребулија, се разбира ако е туѓ…
Само што, какви и да бидат изборите, крвави или поднесливи, ќе дојде оној “ден потоа” во кого ќе мора да се удри црта, да се види есапот, да се направи големиот попис на небулозите и намерите, на злата од сакање сторени. Тогаш, овие развластени, што е повеќе од извесно, без панцирот со кој ги штити силата на власта, ќе мора да застанат пред лицето на овој народ, со него да се соочат, со суровоста на правдата. Тогаш, ете токму тогаш, веројатно, ќе појмат колку беше бесмислено да се ограбува сопствениот народ и против него да се злодејствува.
Оти нема азно на дуњава со кое може да се надомести изопштувањето од своите, срамот и поругата сенародна.
(Авторот е писател)

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc