Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Цинизам“

Колумна: „Цинизам“ објавена во весникот Дневник на 23 јуни 2001 година.
Зарем не ви е јасно дека последните барања од Албанците се само биење шега со нашата малодушност. Тоа е потсмев, поруга, врвен цинизам, оти тие не сакаат мир, туку ја сакаат Македонија и нас за робје…

Во сите овие дни, недели, месеци, откако почна војнава, без престан, до снеможување, до збрложување, до конечно простување со она малку здраво внатре што низ животта скудна не се затре, седнат на високо холмје подно чуките небесни, на буките земни нагрбен, скрб надрочен и здрвен, се прашувам: О, постои ли за нас ништите, за овие истите низ предолгото време тучено, со срце склупчено во Слупчане и другаде, што пониженија секакви докрепуваме, о, постои ли, дали постои барем ронка оддишка, издив без прангии, вон букагии. Дали постои барем мрвка надеж дека еднаш, макар само еднаш, ќе ни се здаде на ледина, на чеснана трпеза, крај софрана полна-рамна велја песна да викнеме, врло да запееме. Сити и припити, мажи здрави ороводци, орни мажи. Додека дечурлијана, жолтоклуна, настасана се петели, подвриснува, потскокнува и на мустаќ ни се беси. А женине: жени негибнати и девствени, стројнине невести румени, дрочнине првостинки топли, та претопли, жени дородени, дотрошени, сронатине старици забрадени да не се до могили, сред гробишта на парастос и задуша. Тажаленки да не редат, лице лепо да не грдат, модри очи ископани и влажна пепел да не се потураат сред занданите на очајот…

Мамичето ваше мамино!

Навистина не ми е јасно, може да е од што умом скудим тешко ги дофаќам значењата скрити, зарем сеуште не разбравте, не појмивте, до свеста не ви стаса, ако не на почетокот, барем сега, дека никогаш нивната цел не беа никакви граѓански права. Ним тоа не им треба, та што ако ги имаат кога со презир и згрозеност соодветна ги отфрлаат: Батали ја таа нововремена глупост во која жените не носат монгломери мантили, шалвари и чинтијани, во која срамотата ја отцкриваат пред туѓине мажи и се кикотат и на радост имаат право…Какви граѓански и права човечки, какви трици и згрувци, тоа го заговараат малоумните, литите и недугавите. Важно е нешто друго, важно е да се завладее со просторот, да се освои територија, ама не само онаа веќе заземена, туку сета територија, Македонија во целост. Оти, ако веќе не се може да се стане граѓанин од нормален ред според сопствената просветеност и грамотност, тогаш ќе да мора до тоа да се достаса со насилство, со погром, низ војна. Тоа е идејата, тајната замисла: да се принудат колебливците да ги прифатат условите со кои, тукуречи доброволно, од слободни ќе станат сужни, робје презрено, народ слочкан. Што значи консензуалната демократија, ако не токму тоа: владеење на албанското малцинство врз сите други во нивната Македонија. Поимот консензуална демократија, кој, во размин, е еминентно контрадиктио ин адјекто, е всушност замена за поимот супрематија, наметнување на волјата на малцинството врз мнозинството, на сите нивоа, по однос на сите прашања и секогаш. Само една илустрација: ако, не дај боже, ни снема тоалетна хартија, та таа ќе мора да се увезе, Албанците во владата ќе речат, секако, не, оти таа не им е нужна, не е во нивниот традициски модел, и тогаш што? Ништо, ќе си траеме бокладисани, избербатени и реави, што, во основа, е казна никаква за нашиот кукавичлук. Или, пак, ќе мораме сите албанци да станеме, верата да си ја мениме, јазикот да го заборавиме, се што сме биле да не сме веќе, за секогаш…

Мамичето ваше мамино!

Војната е суштинска негација на сите човечки вредности, единствената глобална бесмисла, конечно одрекување, поправо укинување на човечката супстанција, на “апсолутниот објект”: љубовта и добрината. Тој што заговара војна, тој што војува е заточеник на најдлабокото лудило. Не постои психички здрав убиец, особено не масовен…Но, еве, мојава занемарливост се става под ризик да е тоа – параноична протува која мисли дека ни нема друго: мораме војнички да ја одбраниме Македонија, да си го вратиме назад заземеното, до нозе да ги поразиме здивените чети. Секое колебање е само продолжување на агонијата, само одлагање на неминовното, на она што еднаш, ако сакаме да преживееме, ќе мора да се случи. На силата со сила, оти таа друг јазик, очигледно, не разбира…

Зарем не ви е јасно дека последните барања од Албанците се само биење шега со нашата малодушност. Тоа е потсмев, поруга, врвен цинизам, оти тие не сакаат мир, туку ја сакаат Македонија и нас за робје.

(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc