Благоја Ристески - Платнар

Благоја Ристески – Платнар: „Арест“

Колумна: „Арест“ објавена во весникот Дневник на 21 јули 2001 година.

Чие национално богатство ќе бидете браќа писатели и кој ќе се грижи, грижом поволном, за вашите утроби, што ментални, што телесни, ако народот, вашите потенцијални читатели, ви го дотолчат. Огласете се, но не, како во досегашнава практика, со соопштенија напишани врз пијани салфетки на мамурната маса од некоја биртија која се дави од чадот на ефтините цигари и испарувањата од ракијата доточка…

Леле, леле, оф мале ле како сум лут, лут ифрит, змијана камењарка, лутана гуја потајница и она змијулче со рогче од мене да касне, на часот ќе се отруе, ќе спрпа и ќе цркни. Згора на тоа што сет сум збеснат и подивен, од очите веди секам, од устата парадентозоидна пламен ригам, а милите, домашните и другите, понастрана ги држам, за да не ги спржам и пеплосам ако им допуштам при мене да дојдат за навштева, или по други потреби лични…
Прво сум лут на нашите писатели, на онаа числом недофатна кохорта, на онаа глутница скрибомани (овде исклучоците се подразбираат), на онаа нискоредна братија која себе до национално богатство се возвишува, а само со една дума се опишува: суета, морничаво славољубие. Оти како може да се објасни тоа што ниту една книжевна награда кај нас не поминува, а за неа, по доделувањето, нашите писатели на мртво да не се испопцујат, мамичето мамино да си го тракаат и другана рода блиска, освен како ненасита суета. Или тоа што од државата, од оваа наша доцедена, разграбана и наплеќи превртена држава, бараат различни трошоци да им подмирува, од патувања до ред други назландисувања, плус и пијачката да им ја плаќа, како наскоро што ќе го биде на тие прочути, по бекриење, се разбира, Струшки вечери на поезијата. Ете на нив сум лут, на тоа немо стадо кое ни да писне, некако да се огласи, по некое слово од себе да процеди, сега, токму сега кога се што е умно ни е нужно. Кога сушноста ни е загрозена и нацијата пред конечно исчезнување, пред потоморување, пред дотребување. »ие национално богатство ќе бидете браќа писатели и кој ќе се грижи, грижом поволном, за вашите утроби, што ментални, што телесни, ако народот, вашите потенцијални читатели, ви го дотолчат. Гукнете, огласете се, на чистината од белата хартија појавете се, во препалени тетки не градете се, да го изуринирам, да го. Огласете се, но не, како во досегашнава практика, со соопштенија напишани врз пијани салфетки на мамурната маса од некоја биртија која се дави од чадот на ефтините цигари и испарувањата од ракијата доточка…

После сум лут на Петар Гошев, поправо како прво нему, на единствениот темелно конституиран политичар кај нас, кој успеа, и покрај сите искушенија, да го зачува беспрекорно чист образот и совеста- таа учителка на доблесните, на моралните советничка и на чесните и мадрите сопатничка, каков што тој, без ронка сомнеж, и е. Лут сум му она оној ист Петар Гошев кој му фати каршилак на Милошевиќ, и на другите сурпети генерали, на 14 вонреден Конгрес на СКЈ и кој, недвосмислено, е најзаслужниот поединец за осамостојувањето на Македонија и кој тогаш, во тие волнени времиња, кога дословно се губеше главата, скоро угул сам застана на браникот на татковината. А лут сум му што сега некако како малку понастрана да се држи, сега кога на овој народ како лебец насушен му е нужен, дури и повеќе од тоа, многу повеќе. Токму неговите чисти раце треба да го земат крстот, или бајракот…А за техниката, ќе поразговараме.

Но на Бучко, пак, за дивно чудо, ич не му сум лут, безбили од што ме рашенува и забавува, особено неговата решеност да го тури под куманда колумнистот Фрчко (се мисли на Љубомир Данаилов) и тоа како обичен прашинар, по чин војник за да копа ровови и градобрани други. Велат, нечаре од што овој по весницине беше да го набедувал, му испратил тескере со кое го ставил под мобилизација. Туку што планот препреден не му успеал оти овој ( повторно се мисли на Љубомир Данаилов), како бивш министер на полиција, беше да ти бил распореден во нејзиниот резервен состав. По однос на оваа работа, на погоре споменатата колумнистичка персона, исто така велат, Љубе и Бучко беше троа да се поткарале, ама што Љубе однесол, во тоа кавгиче, мазна победа. Е што за министер војни ќе да ти е Бучковски кога еден колумнист обичен не може да ти мобилизира? Туку и да можеше не ќе му дадевме: Фрчко дамна веќе седи на трпезата со војводите, таму го мобилизиравме, доброволно, а се ми се чини и драговолно, злото да не чуе…

Устата ќе ми се расали и разжвалави и катните заби доиспаднат, ако на прикраја не кажам што ми тежи, што ме жежи и тормози: Македонија нема да биде правно средена држава и никој сериозно не ќе ја разбира се додека не ги арестира Џафери и Имери под обвиненија кои ги санкционира Кривичниот закон на Македонија, а кои се однесуваат на дејанија сторени во врска со загрозување на територијалниот интегритет на државата и нејзиниот уставен поредок. Да ги арестира и осуди, осудом праведном, за да погнијат троа во занданите Идризовски. Ете тоа.
(АВТОРОТ Е ПИСАТЕЛ)“

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc