Благоја Ристески – Платнар

Барбара Синадиноска Платнар: „И таму кај што не си, те наоѓам“

Барбара Синадиноска Платнар: „И таму кај што не си, те наоѓам“
20 октомври 2014 година
(Посветено на татко ми, Благоја Ристески-Платнар)

„Три илјади шестотини педесет и два денови не сум те видела. Десет долги години не сум го чула твојот глас, не сум ја почувствувала твојата рака која често ја галеше мојата коса за утеха во тешките моменти. Одамна, безброј денови не сум аплаудирала громогласно на твоја претстава, не сум ги слушала твоите беседи, твоите писанија од твоја уста. Одамна, чинам векови поминаа откако не сум пиела ракија од твојата чаша, откако не сум ти ја „пустела“ салатата…Одамна ти немам истолчено лук со киселина, одамна, чинам векови поминаа откако ти немам сварено кафе „танко –како за гла` миење“.
Одамна, чинам безброј децении се истркалаа, откако немам на чие рамо да се исплачам, да се истажам, да ми олесни. Безбројни слоеви од тага се наталожиле во мојава душа, безброј пролеани солзи, петстотини дваесет и една недела насекаде е присутно твоето отсуство.
Бескрајно ми недостасуваш ТАТО!
Се сеќавам, како вчера да беше, кога ми раскажуваше како се појавив како мала точка во стомакот на мама. Ти, непоколебливиот атеист, се согласи да престојуваш во манастирот Зрзе, да ја удираш камбаната секое утро и секое пладне, да пиеш вода во која стоел катинарот со кој се заклучува црквата и случајно копајќи да најдеш огромен крст. Се сеќавам, како вчера да беше кога ми раскажуваше како си ми го сменил името на третиот ден и како си ме заспивал возејќи ме со колата низ град.
Се сеќавам дека те најдов како те варат во котел во Остен. Избегав од сред литературно читање, од пред микрофон, им ја фрлив книгата на друштвото пензионери, кога те спомнаа по лошо. Не знаеја дека сум твоја! Им ја уништив манифестацијата и бев горда на тоа! Никој не смееше да каже лош збор за мојот ТАТО.
Мала бев, но ја најдов заборавената страница од драмата и ти ја донесов. Те најдов низ лавиринтите на театарот, иако тешко го најдов патот до таму. Те најдов и во кафеаната за да ти го донесам лулето, иако имав само 9 години. Помнам, како вчера да беше кога те немаше во салата на првата премиера на твоја претстава. Публиката беше воодушевена, аплаузот беше громогласен, а писателот го немаше никаде. Секавично се вртев насекаде за да те најдам. Ти беше зад вратата и се плашеше дали ќе има аплауз. „Тато, зошто стоиш тука, дојди да видиш како те слават, како аплаудираат, дојди.“ Ти стоеше згрчен зад вратата и рече: “Тате, аплаудираат ли навистина?” Салата се тресеше, а исто и ти…но тоа го видов само јас…
Ја помнам и ноќта кога задоцнив од тинејџерската журка. Ти стоеше на скалите и ме чекаше, тресејќи се како лист, прашувајќи се каде се шмуга твоето девојче…Се најдов себеси и во твојата збирка поезија, во песната “Чини си дикат невестата”, посветена на мене.
Тука беше и кога „невестата“ стана мајка. Во темната дождлива ноќ пешки трчаше до болницата, кога разбра дека твојата ќерка ќе стане мајка. Тука беше и кога ти ја соопштив веста дека имаш внук…И плачевме заедно, од среќа, од неизмерна среќа за првото мое дете, за првото и единствено кое го познаваш, твое внуче.
Те најдував секогаш кога ќе ми беше претешко, а ти ме качуваше во кола и ме носеше на ќебапчиња во ресторан „Че” . Ме најдуваше секогаш кога ќе ти се расипеше современата „машина за пишување“. „Тате дојди, пак ми се расипа компјутерот.“ Тука бев, секогаш, секаде. А и ти за мене, секогаш, секаде.
Се сеќавам и на претпоследниот ден поминат со тебе. Ти носевме со внук ти вода на едно оддалечено место во Мариово. Патот беше тешко прооден, кршевме гранки, прескокнувавме карпи, за да ти донесеме вода. Косата ти беше пуштена, а ти беше испотен и жар црвен во лицето. Го извадив стегачот од својата коса и ја врзав твојата. Син ми ти даде вода. Не помнам што рече, но се сеќавам на топлата татковска љубов која ја видов во твоите очи, љубов чиста и бескрајна, како небото и ѕвездите недофатни…
Се сеќавам и на ѕвонењето на телефонот во шест часот наутро. Не се сеќавам, или не сакам да се сеќавам на ништо потоа. Понекогаш сеуште го слушам крикот на Џумерко, го чувствувам студенилото на каменот, на скалите по кои се влечкав неможејќи да одам, а сеуште на тој ден ме потсетуваат белите влакна на мојата коса кои преку ноќ драстично ја сменија својата боја.
Оттогаш те нема.
Во куќата сум во која живееше цел живот, надевајќи се дека ќе те видам. Не. Те нема. Не сум стапнала во театар 10 години. Те нема. Често, пречесто одам таму каде што со златни букви го пишува твоето име, таму каде што има златно перо и мермерно луле…и цвеќе кое редовно ти го носи мајка ми. Те нема. Не сакам да одам ниту во преубавата куќа на Црна, изградена на место каде ѕвездите ноќе ја љубат реката, куќата која ја изгради го голи раце и пот…бидејќи те нема. Не одам ни до реката, ни кај лаките, ни кај Светецот. Те нема. Те нема меѓу рибарите да фрлиш прачка и да им ја фатиш најголемата риба. Те нема. Не одам ни во ноември покрај реката, надевајќи се дека се капиш.
Те нема.
Никаде те нема.
Физички те нема.
Но тука си.
Еве овде, длабоко во срцево, со крвав срп си врежан. Те гледам во љубовта на твојата жена кон тебе. Таа те сака тато. Те сака со иста сила како првиот и последниот ден со тебе. Ќе те сака до вечноста. Те гледам во рамената на твојата внука која не ја запозна. Понекогаш те препознавам и во нејзините движења. Те има во добрината на син ми, кој има душа добра, топла и мека како леб штотуку изваден од фурна. Иста како твојата.
Те наоѓам во прекрасниот мирис од лулето кое го пали твојот кршен побратим Ферид. Така опојно мирисаше мојот тато. Слеан си во секоја наша, во секоја моја солза капната за тебе.
Те има во сеќавањата на прилепчани, често те има во перото на твоите побратими, во добрата мисла на твоите познаници. Никој, никогаш не се чудел која сум, кога ќе речам „Јас сум од Платнар!“ И внук ти добил некоја повисока оценка по македонски, затоа што е од Платнар. Десет години те нема, никаде те нема, физички те нема, но те има како никогаш да не си бил отсутен.
Пишувам на истото биро на кое седеше и ти. Гледам низ истиот прозорец, во истите дрвја, во истото сонце во кое гледаше. И пишувам. Значи те има.
Насекаде те има.
Неизмерно те има!
И секогаш кога силно ми недостасуваш, како сега, го земам последното ќесе тутун кое го држеше, во кое со дикат ги чувам последните ронки дробен тутун Captain Black кој го фатиле твоите бесценети раце и тука си. Светол, семоќен серафим. Мојот тато, мојот серафим.
И секогаш кога силно ми недостасуваш, ти тоа го чувствуваш. И ми доаѓаш на сон со бавен чекор, ме прегрнуваш цврсто, го палиш лулето и си одиш. Ме наоѓаш на некое блиско, астрално ниво.
И таму кај што не сум, ме наоѓаш…
И таму кај што не си, те наоѓам…“
Твоја Барбара

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc