1953: Пјер Кресој и Елен Реми во филмот „Варвари“

Пјер Кресој – Прилепчанец по мајка

Пјер Кресој – Прилепчанец по мајка

Несекојдневна синтеза на словенската мечтателност и француски дух

Војните се чудни – секогаш носат изненадувања. некогаш, односно најчесто тоа се ужасни фамилијарни трагедии, другпат – изгубен животен пат и цел, оддалечување од своите и татковината, и ретко, многу ретко, некаков среќен пресврт на работите. Во случајов се работи токму за тој редок случај на среќа, иако доста задоцнета.

„Во вителот на Првата светска војна живееше во Прилеп скромната девојка Стефка Лазеска. Нејзината неизживееана младост се совпаѓаше токму со невозможните денови од пирот на незаситната војна. А младоста со право го бараше своето…

Непосредно по таа војна Стефани (како што ја нарекоа во новата татковина) се најде во приказниот Париз. Младата македонка, сега веќе сакана сопруга на еден француски офицер, доживува среќни денови во новата средина, воодушевувајќи се од се ново и толку интересно од овој град што повторно оживуваше.

Подоцна Стефани му го подари на својот маж синот првенец. Многу нежности, многу надежи… Деновите се крадеа еден по друг, се крадеа и годините. Стефани стана мајка на уште еден син – го нарекоа Пјер. Пјер Кресој! Таткото ги задеваше своите два сина , расплакувајќи ги од смеа, а мајката – таа во приквечерините ги успиваше со приспивните песни од својот далечен роден крај.

Тогаш Стефани често низ солзи им пееше, затоа што сепак многу ја болеше осамноста во оваа метропола…

Децата растеа, а со нив и грижите. Тие неколкукратно се зголемија кога таткото ги напушти своите две дечиња и неговата „La plus Belle“ Стефани. Тројцата напуштени се впуштија во борбата со суровата стварност на безмилосниот Живот, во сега уште пострашниот и веќе „не убав“ Париз.

* * *

Деновиве скопската кино публика го имаше задоволството да ја чуе прекрасната музика на прочуениот Маскањи и да ужива во дискретната и ненаметлива улога на Пјер Кресој. Никој не помислуваше дека на екранот во ликот на талентираниот музичар со заносно замечтаени очи и необично симпатично лице гледа свој сонародник по мајка. Да, тоа е Пјер Кресој, вториот син на прилепчанката Стефка Лазеска, мадам Кресој. Тој, како што рековме е роден во Париз. Таму го минува своето детство, иако не многу „розово“, завршува средна школа а потоа и Конзерваториум за драмска уметност како прв по ранг.

Отпрвин настапува во парискиот театар „Матурин“ во неколку пиеси, а потоа се оддава главно на филм. Во Франција снима неколку филма, меѓу кој е попознат „Убавици во ноќта“ на режисерот Рене Клер. Во овој филм Пјер Кресој ја играше улогата на шоферот, чиешто брмчење на моторот го пореметуваше сонот на музичарот, што го играше Жерар Филип.

Извесно време (околу 2 години) тој престојува во Холивуд каде што игра не толку значајни улоги. По овој „хаџилак во фабриката на соништата“, Пјер заминува во Италија каде што непрекинато снима. За жалост, ние го имаме гледано само во два споменати филма. Тој, како и многумина други странски глумци, го засака филмското поднебје на Италија и засега сосема се пресели во Рим. Со него живее и неговата мајка, која тој бескрајно ја сака и цени.

Роднината што пред неколку години, ја посети фамилијата Кресој во Рим, ми го раскажа сето ова, додавајќи:
„Пјер е извонреден човек и идеална синтеза на словенската мечтателност и францускиот дух! Летово тој ќе не посети во Скопје и Прилеп, па и сами ќе се уверите во тоа.“

За ова гостување Пјер се припрема веќе цели три години, но поради преангажираноста во филмските студија како и постојаните патувања во врска соразните снимања (во Мароко, Австралија и на други места), се до денеска не е дојден во Југославија. Притоа треба да напомнам, дека тој заедно со неговиот постар брат и мајка си, гостуваше кај своите најблиски роднини од фамилијата Лазевци од Прилеп уште како дете, некаде околу 1933 година.

Мајка му, пак, мадам Стефани, престојуваше во Скопје и Прилеп цели два месеци во текот на летото 1954 година.

„Вечер“
11 март 1956 година

Нема Коментари

Коментирај