Јули 1937: Петре Пагурџија - Увце

Петре Пагурџија – Увце

ПЕТРЕ УВЦЕ ИМ МЕСИ ГЛИНА НА ГРНЧАРИТЕ
И ПЕЕ ЕПИГРАМИ ЗА ЦЕЛИОТ ПРИЛЕП

4 август 1937 година
„Време“

Нема да биде на одмет на почеток да го претставиме малиот речник од првата печатена збирка на одбрани епиграми кои овие денови го засмејуваат целиот Прилеп, и покрај милионската штета, што градот им ја нанесе на тутунопроизводителите.
Автор е г. Петар Пагурџија, познат во книжевството и во својот клуб како Петре Увце.
Американците ги засмејувал со своите каламбури (игра на зборови) пред триесет години. Потоа Петре Увце си заминал од печалба и од штрајкот, кој не успеал, па на својот вилает продолжил со својата плодна работа на усмената хумористичка поезија. Неговите дела ја потврдуваат онаа стара вистина:
„Во Прилеп мајмун не игра“ – Бидејќи, овде преголемата човечката конкуренција ја победила и мајмунската итрина. Прилепчаните се поголеми мајмуни и уште поголеми шејтани.
Никој, па ни евреите со нив не излегле на крај.
Еден битолски Евреин се осмелил да им дојде во чаршијата, но за брзо се вратил меѓу своите Евреи во Битола си измрсена брада.
Значи. За да би можела потполно да се разбере поезијата на најславниот савремен прилепски епиграмист и потполно да се ужива во неа, еве краток речник:

Камен — пари
Заличија — украсија
Обричија — избричија
Меше — стомак
Гудбал — футбал
Пелцованија — Пенсилванија

Не беше недела ни празник, па затоа ни клубот на прилепските книжевници не беше на собир. Членовите на овој клуб беа заминати на напорна физичка работа, бидејќи и во Прилеп не се живее од книжевност.
Неблагодарна е таа работа…
Нивните прекари лесно им ги откриваат професиите.
Дозволете да се претстават:
Берберот Топал — лозје копал
Иљо Џандар
Спиро Слуга
Иљо Чашуле
Кепе Фурунџијата
Кус Миро
Дуче барабанџијата и останата дружина

Зборно место се пешкуните (дрвени округли столици) и ќепенците на пекарницата од Кепе.
Време на отворање на книжевните вечери — по завршувањето на фудбалските натпревари, на кои редовно присуствуваат сите чланови од овој неофицијален прилепски Пен-клуб (литературно друштво), кој во вистинска смисла на зборот се независни книжевници, или ако сакате членови на „Пиквиковиот клуб“ (Личност од делата на Чарлс Дикенс), бидејќи овде се многу чести и дебатите за надворешно-политичките, научни и теолошки прашања.
Претседава долгогодишниот лауреат Петре Увце…
Своите говори ги почнува со стручно соопштување на фудбалските резултати од натпреварите во градот.
Тој навива за СК „Југославија“ но неговиот син игра „гутбал“ во СК„ Ајдут“, што секако во превод би значело СК „Хајдук“.
Еве го неговиот извештај од еден натпревар против Скопјаните:

„Коа да имаме утакмица,
Гледаме цела касапница!
Направеме ли им двата —
Скопјанци ги боле глаата,
А кога нам чукнаја трите —
Со нас се драпаја свите!“

Петре Увце месеше глина кај еден од деветте прилепски грнчари, кога го замолив за автограм.
- Ми одговори дека нерадо пишува букви на хартија, додека радо пишува букви низ воздухот со круговите од чадот на цигарата со што ја
добива инспирација. Затоа ме замоли за една цигара.
Далеку беше пазарниот дан, па неделната заработка од деведесет динари сеуште ја немаше во кесето.
Па затоа го опомена газдата, кој вртеше грне на грнчарското тркало:

„Работа вршиме,
Пари кршиме.
Парите за пазар,
да ми са азар (спремни)!
Ко ќе ватам камен —
Кесето пушта пламен!“

Потоа премина на актуелните проблеми на Марковиот град.
Прашањето за болницата најпосле е симнато од дневен ред но тутунот се разбира, е непрекинато во центарот на вниманието.
- Изјава на Петрае Увце за сето тоа гласи:

„Со болницата нас заличија —
Со тутун нас обричија!
Пет динара кило,
Мешето је гнило…“

Студентите, особено оние со дипломите во џебот, кои постојано плачат за соодветна служба, исто така го инспирисале:

„Студенти пушичат тужба,
Да бараг служба,
Да ватит камен —
Кесето да пушчат пламен,
Да возит количка
И да љубит момичка!“

Петар Увце исто така им го посветил своето уметничкo внимание на причините за паѓање под стечај но и на изворот на богатствата на многу Прилепчани.
Тој знае дека трговецот Панто Жешка пријателите го довеле до питачки стап:

„Трговците клапнаја — капитал му лапнаја“

- Или за друг богаташ:

„Мино се стори газда
Работа му тече ко бразда
А 6раздата бидна сува —
И пазуха му је глува.“

Кариерата ја започнал во Америка. Таму две години ги засмејавал и газдите и сопатниците печалбари по фабриките за цемент Стелтон и компанијата Аризбук. Пелцованија — како што ја вели.
- Потоа настапи криза, чиј што крај година дена ја чекале милиони работници. Потоа настапиле штрајковите. Петре Увце штрајкувал со својата заштеда од сто наполеони точно десет месеци.
Тој на чело од петстотини работници, заедно со другарите двапати дневно го поминувал патот од градот до затворените фабрички врати со играта „аниџаес“. Прескокнувајќи се еден со дуг, работниците така поминуваа пат од пет километри.
Интересен штрајк…
Но сепак не дочекувајќи го новиот просперитет, се вратил назад во вилаетот пред почететокот на Хуриетот.
— Гуд бај, Америка!
Но мони — финиш.
Без пари, се разбира, и Америка не е убава.
Пеел тогаш Петре Увце:

Нема работа, нема леб ни пара,
умираме во држава – богата.

Од тоа време, веќе триесет години, тој е меѓу своите сиромашни грнчари — „работа врши, пари крши“ – и ги бара до пазар „парите азар“. Од пазар до пазар рамно деведесет динари. А кога ќе дограби „камен —
кесето му пушта пламен“
. Никој како него не прави ќеф и себеси и на другите околу себе:

„Ви го правим ќево,
да ве боли мево“

Ни на работа ни во клубот тој нема конкуренција.
-Не е Прилеп — Америка…
— Нешто се тегнеше Дуче Барабанџијата но без успех.
Петре Увце и останатите учесници во дебатите кај ќепенците од пекарницата на Кепе признаваат дека Дуче има феноменална меморија но дека не е за — стихоклепец.
Навистина, тој уметнички лупа во барабанот и, покрај тоа, што тој е неписмен, совршено точно ги пренесува сите наредби и објави што ќе му се прочитааат во општината.
Но неговата поезија во овдешниот елитен клуб предизвика бура на негодувања.
Дуче, инаку е голем обожавател на Пушкиновите епиграми.
Па така под влијание на таква литература, усмено пренесена, составил неколику стихови за неколку локални случувања од пикантна природа.
Тој настан засекогаш го оневозможил да се истакне како добар поет.

Остана, значи, само Петре Увце единствениот лореат.
Остана Петре Увце да им меси и гази глина на грнчарите за деведесет динари неделно, да ги храни од таа заработка и жената и децата и во недела, по „гутбалските“ натпревари, да зборува за аниџеасот на американските штрајкови и да прави ќеф и на себеси и на дружината околу себе накај ќепенците од пекарницата на Кепе.
Во меѓувреме тутунот може да страда од градот…

„Да ви правам ќево,
Да ве боли мево!“

ТОДОР МАНЕВИЌ

Нема Коментари

Коментирај