Петар Жешков (професор, д-р, академик) е роден во Прилеп во 1923 година. Се запишал на Медицинскиот факултет во Софија и тука останал до 1945 година. Потоа се префрлил во Загреб, каде што дипломирал во 1949 година. Професионалната кариера ја градел во Осиек, Копривница, а по неколку години се вработил во реномираната загребска клиника „Ребро“, каде што се стекнал со сите академски звања до редовен професор и доктор на науки за детска неврологија и држел катедра при истата клиника.
Д-р Жешков бил редовен член на Медицинската академија на науките во Загреб. Во 1988 година се пензионирал како шеф на Заводот за неврологија на Клиниката за детски болести.
Неговиот научен дострел и големиот број на трудови од областа на медицината се презентирани во рамките на Медицинскиот факултет во Загреб и во многу научни и стручни списанија во земјата и странство. Заради врвната стручност, од поодамна, академик Жешков е кооптиран во медицинските научни кругови како консултант и соработник на клиниките во Лондон, Минхен, Париз и Лион.
Академик Жешков несебично придонесувал во лекувањето на болни и во Македонија, преку конзилијарни прегледи низ државата, но и со едукација на стручни кадри. Во Прилеп и Битола често одржувал и пригодни предавања.
Петар Жешков од 1988 година е прогласен за почесен член на ДНУ – Прилеп.
Академик Жешков почина во 2006 година во Загреб.
Коментирај