Петар Ацев

Петар Ацев е роден во 1877 година во селото Ореовец.

Завршил VI клас во Првата машка гимназија во Софија.
Во 1895 година, под влијание на неговиот сограѓанин Ѓорче Петров, заедно со браќата Мирче и Ѓорѓи се вклучил во револуционерната дејност на Македонската револуционерна организација.
По препорака на Ѓорче Петров се враќа во Македонија, каде што во периодот од 1897 до 1901 година работи како учител, но и како одличен револуционерен организатор во Прилепско, Крушевско, Демирхисарско и Кичевско.
Во 1902 година, по Битолската афера (провала) поврзана со нелегално пренесување на оружје, Петар Ацев преминува во илегала по што застанува на чело од Крушевската чета, а подоцна е назначен за војвода на Прилепската чета каде што негов четник бил и Крсто Гермов (Шаќир војвода).

Петар Ацев во 1903 година бил претставник на Прилепскиот револуционерен реон на Смилевскиот конгрес и бил еден од главните противници за кревање на востанието. На конгресот, заедно со Георги Поп Христов и Лазар Поп Трајков е избран за резервен член на главниот штаб составен од Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.
Избран е и за член на Горското началство во Прилепско и Мариовско
Иако бил противник за предвремено дигање на востание, Петар Ацев се поттчинил на решението од конгресот и активно учествува во организирањето на востанието.

По загушувањето на востанието, Петар Ацев е еден од ретките војводи кој не ја напуштил Македонија. Учествувал во многу борби со Турската власт, како и со просрпските и грчките пропагандни чети.
Во 1904 година учествува во Прилепскиот конгрес, каде што се изјаснува против предлогот на Пере Тошев за потполна децентрализација во Организацијатата.
Избран е и за член на Битолскиот окружен револуционерен комитет.

На 28 јуни 1904 година, четите на војводите Петар Ацев и Никола Каранџулов воделе борба со турскиот аскер на месноста „Ќулето“ кај село Селце, во која загинал Никола Каранџулов.

Во 1905 година неговата чета заедно со четата на Никола Карев се враќа од Бугарија во Македонија, но во судирот со турскиот аскер во близина на селото Рајчани, Кратовско, загинува Никола Карев и 17 четници од двете чети, а Петар Ацев е ранет.
Веќе следната година Петар Ацев повторно е во Прилепско и води борба на три фронта – против србоманските чети, против грчките андарти и против турците.

Летото 1907 година, четите на организацијата даваат силен отпор во реонот на Азот и Порече, со цел да ги потиснат четите на Српската пропаганда.
Во јули, обиденетите чети на Петар Ацев, Михаил Чеков, Мирче Најденов, Георги Мариовски, Тане Николов и Христо Цветков се групираат во реонот на планината Бабуна помеѓу селата Попадија, Никодин и Ракле – вкупно околу 150 добро вооружени четници.
Но, набрзо србоманите ги информирале турските власти за тоа каде се наоѓаат четниците. Дознавајќи за предавството, четите се делат во две групи: првата – под команда на Петар Ацев, Тане Николов и Георги Мариовски – остануваат во областа на Попадиските Чукари, а втората – на Михаил Чеков, Христо Цветков и Мирче Најденов ги заземаат позициите околу месноста Ножот во околината на Никодин, каде што набрзо се опкружени од многуброен турски аскер.
На 14 јули 1907 година, одбивајќи ја понудата за безусловно предавање, четниците на Костурската чета кои биле на позициите на Ножот се борат до последниот куршум при што загинуваат 67 четници, додека останатите се повлекуваат.
Четниците кои ги држеле позициите на Попадиски Чукари, заедно со селската милиција воделе жестоки битки со турскиот аскер по што успешно го одбиле нападот и се повлекле по Попадиска река.

Во 1908 година по Ќустендилскиот конгрес, заедно со Петко Пенчев, Павел Христов, Ефрем Чучков, Аргир Манасиев и Стамат Икономов, Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК.

По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна бил уапсен и 15 месеци бил носен по разни затвори низ Македонија и Мала Азија. Бил ослободен во средината на 1911 година, по што се населил во Пловдив.

Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна бил член и на Илинденската организација.
По создавањето на ВМРО (обединета) се обидел да привлече што повеќе луѓе со тежина и авторитет во движењето за ослободување на Македонија, но согледувајќи дека организацијата била создадена со цел да спроведе надворешна анти-национална политика, Ацев излегува од ВМРО (обединета)

По убиството на Тодор Александров, во септември 1924 година за време на Горноџумајските случувања по низата атентати кои ги извршила десницата на македонското националноослободително движење врз припадници на левицата во септември, по несуспешниот атентат Петар Ацев бил полесно ранет.

Починал во Пловдив на 20 април 1939 година


Петар Ацев сликан со видни дејци на ВМРО и ВМОК…

Горе: Стефан Чавдаров, Добри Даскалов, Мише Анчев, Иван Караџов, Димитар Запрјанов, Михаил Дорев, Борис Мончев.
Средина: Петар Ацев, Петар Кушев, Христо Матов, Тодор Лазаров, Тодор Александров.
Долу: Стојан Мишев, Григор Илиев, Петко Пенчев, Христо Саракинов и Георги Занков

Нема Коментари

Коментирај