1941/44: Картичка со ликот на Пере Тошев изработена од браќата Манаки

Пере Тошев

Пере Наумов Тошев е роден 1865 година вo Прилеп, во семејство на богати и видни иселници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија, од каде што во 1884 година, поради бунт бил исклучен со група од 12 ученици, меѓу кои и Ѓорче Петров. Истата година се запишува во Пловдиската гимназија и го завршува претходно прекионатиот VI клас.

Истата година во градот Станимака (Асеновград), Пере Тошев, заедно со Спиро Костов од Велес и Владимир Кусев од Прилеп, организираат револуционерен комитет за ослободување на Македонија и Одринско. Бил учесник во обединувањето на Источна Румелиja со Бугариja во 1885 година, каде што со неговата чета учествувал во заземањето на градската пошта во Пловдив. Истата година зел учество во Српско-бугарската војна, како доброволец во бугарската армија во одредот „Македонски харамии“ од 400 Македонски доброволци, под команда на Коста Паница. Нападот на неговиот одред бил заслужен за конечниот исход на битката кај Сливница (во близина на Пирот), при што Србите се повлекле. Во битката Пере Тошев бил ранет, а за покажаната храброст бил одлекуван со „Орден за храброст“.
Во периодот од 1885-1890 година Пере Тошев и Андреј Љапчев организираат повеќе советувања низ Пловдивските села со цел да се организира нова македоно-одринска ослободителна организација. Во 1890 година повторно двајцата ја обиколуваат Македонија за разузнавачки цели.

Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун.
За време на своето учителствување во овие градови организирал револуционерни комитети, а во Битола заедно со Ѓорче Петров го издаваат илегалниот весник „На оружје“.
Во 1896 година Пере Тошев работи како учител во Солун а од 1898 година како училишен инспектор. Истата година се вклучува во Централниот комитет на ВМРО
За време на „Солунската афера“ во 1901 година, заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум кале (Бодрум кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран.

Во 1903 година учествувал на Смилевскиот конгрес. Иако се противел за предвремено востание, сепак учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон.
По задушувањето на Илинденското востание заедно со Ѓорче Петров, Петар Ацев и Георги Пешков ги обновуваат револуционерните мрежи во прилепско.

Во 1904 година, по заробувањето на Дамјан Груев од србоманскиот војвода Мицко Крстев, лично отишол и преговарал со Глигор Соколов (Соколовиќ) Ламев за негово пуштање, при што издејствувал ослободување на Дамјан Груев.

Бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на ЦК на организацијата.

По убиството на Иван Гарванов и Борис Сарафов во Софија како осомничен накратко е задржан од властите по што е ослободен.

По Младотурската револуција Пере Тошев е против легализирањето на организацијата.
Пере Тошев, Антон Страшимиров и Ѓорче Петров во Солун ги издаваат весниците „Конституционна зора” и „Единство” печатени во печатницата на прилепчанецот Коне самарџиев.
Од 1910 до 1911 година повторно работи како училишен инспектор на училиштата во Солунскиот округ.

Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето на сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија ја делат на спорна и беспорна зона. Пере Тошев очајно барал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен.

Скршен од поделбата на Македонија, тргнал за Прилеп кај своите најблиски.
Уште од Софија е следен од страна на припадници на младотурската анархистичка организација „Црвени браќа“ која била блиска на османлиската тајна полиција.
Тие на 4 мај, на патот за Прилеп, во Дреновска клисура при претходно поставена заседа го убиваат Пере Тошев.
Телото на Пере Тошев го сечат на парчиња по што го закопуваат во каналот покрај патот. По 5 денови роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле да биде погребан во Прилеп. Под засилен надзор на Турците остатоците од Пере Тошев биле собрани во канти по што биле погребани во дворот од црквата во село Фариш.

Во 1996 година, неговите посмртни останки се префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај