Пецо Крстески - Даскалот

Пецо Крстески – Даскалот

Пецо Крстески – Даскалот е роден 1916 година во Долнени. Неговиот татко бил свештеник. По завршувањето на основното образование, изучил и шивачки занает. Во Прилеп, покрај шивачкиот занает, се занимавал и со спортски активности, а бил голем љубител на филмот и книгата.

Неговиот немирен дух го однел во Загреб по работа, а во 1937 година заминал во Пожаревац на отслужување на воениот рок. По враќањето од војска активно се вклучил во револуционерната активност. Во 1940 станал член на КПЈ. За време на октомвриското востание, заедно со Никола Попоски, Мице Козар, Јонче Јонески, Благоја Корубин и Душан Ристески учествувал во нападот на прилепскиот затвор.

Заради своите активности, битолскиот суд во отсуство, го осудил на смрт.

Бил учесник во формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и бил назначен за заменик на комесарот за исхрана на одредот (Мице Козар). На 16 мај 1942 година учествувал во формирањето на партизанскиот одред „Димитар Влахов“л каде што бил назначен за политички комесар на одредот.

Во септември 1942 година, како политички комесар учествувал во преговорите со четничките единици во Порече, на чело со Војче Трбиќ, каде што бил потпишан договор за ненапаѓање и меѓусебно помагање.

Во октомври 1942 година, бугарската војска и полиција го опколиле и во таа нерамноправна борба Пецо загинал. Бугарските монструми му ја пресекле главата и ја однесле во селото Богомила, велејќи им на селаните: „Го убивме долненскиот војвода“.

Пецо е брат на архиепископот Ангелариј.

Нема Коментари

Коментирај