Патописот на Макензи и Ирби од 1863 година

Патописот на Макензи и Ирби од 1863 година

Патописот на Макензи и Ирби од 1863 година

Муир Макензи (Muir Mackenzie) и Аделина Ирби (Adeline Irby) биле две храбри и образовани Англичанки, кои во 1863 година го пропатувале речиси целиот Балкански полуостров. Во 1867 година го издале својот патопис, и тоа со предгпвпр на Вилијам Гледстон, водачот на Либералната партија и претседател на англиската влада, кој бил во контакти со Штросмаер и кој ја помагал ослободителната борба на јужнословенските народи.

Макензи и Ирби во Прилеп дошле преку Солун, Ениџе Вардар, Воден и Битола, а од Прилеп заминале за Велес, Скопје, па по Качаничката клисура влегле во Косово.

Своите впечатоци ги објавиле во патописот: „Турците, Грците и Словените: Патување по словенските провинции на Европска Турција“, Лондон, 1867 („The Turks, the Greeks and the Slavons:Travels in the Slavonic provinces of Turkey-in-Europe“, London, 1867)

„…Прилеп е град со околу 6000 до 7000 жители и во него се одржува еден голем годишен панаѓур. Поради тоа, Прилеп е едно од најнаселените места и за него се разнесе глас поради една мошне толерантна чаршија. За време на овој панаѓур селаните од околината во групи доаѓаат во градот и велат дека тоа вреди да се види…

Во Прилеп има три христијански училишта, едно за цинцарските трговци, кои сакаат децата да им учат грчки, двете други за егзархистите, кои заедно имаат 400 ученици и управуваат со нив како што најдобро умеат. Егзархиските книги доаѓаат од разни места: од Филипополис, Пешта, Виена, Белград. Некои се преводи од српските читанки, а некои преводи од американските читанки. Главниот учител беше еден Србин, кој ни рече дека учениците знаат да читаат и српски и бугарски. Ни покажаа мошне убави ракописи и на кој начин умеат да се снајдат на картата…

Прилеп е едно од оние места, во кое пред неколку години грчкото свештенство ги спалувало словенските дела. Раздадовме неколку книги на нашиот домаќин, на учителот и на најдобрите ученици. Со голем копнеж ја бараа историјата на Србија, и само што се вративме во нашиот дом, еден егзархиски свештеник дојде да не посети, па не замоли и нему да му дадеме некаква книга. Како подарок ние му дадовме еден Нов Завет, а тој, кога виде дека е напишан на прост народен јазик, веднаш започна да чита на глас…

Кога ќе тргнете од Прилеп по велешкиот пат, од левата рака ви е Прилепска река, гратчето на Крал Марко и веригата на бабунските планини. Овде-онде забележуваме и по некоја урнатина, но ни кажаа дека не се стари, туку само кули, во кои до скорешно време доаѓале ајдути. Наместо ајдути, што беше нивни најблиско својство, сега заптиите држеа една кула на највисокиот врв на клисурата. Тука патниците обично се одмораа, затоа што се намачиле качувајќи се по лошиот турски пат од едната страна на клисурата, а пред да почнат пак да се мачат по турскиот пат од другата страна на клисурата…“

Нема Коментари

Коментирај