Отец Спасе Игуменов
Свештеникот Спасе Игуменов од 1912 година бил старешина на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, а кус период бил и претседател на црковно-училишната општина во Прилеп.
Роден е во 1849 година во Прилеп, а за свештеник е ракоположен во 1879 година и поставен е на парохиска должност при црквата „Свето Благовештение“. Син е на свештеникот Методиј (Мице) Игуменов, кој бил парохиски свештеник само две години во црквата „Свето Благовештение“.
Уште во почетокот на своето свештенствување влегол со судир со двете пропаганди – патријаршиската и егзархиската. Тој бил општественик и поборник за возобновување на Охридската архиепископија и активен деец за поголемо осамостојување на македонските црковно-училишни општини. Бил предводник на една група прилепчани, кои сакале да бидат самостојни и барале начин како самостојно да раководат со својот црковен и културен развиток, во исто време борејќи се против сите пропаганди кои делувале во Прилеп.
Вакво движење во Прилеп најпрво се појавило во Варошко маало во 1887 година. Нешто подоцна, на чело на ова движење застанал отец Спасе Игуманов. Најпрво, отец Спасе бил револтиран од егзархиските зулуми, кои по ништо не заостанувале зад грчките, потоа поради незадоволството на свештениците и учителите, зашто Егзархијата по протекција ги делела службените места, поради нерамномерното и неправилно исплаќање на агентите од една, и општинските службеници, од друга страна. А над сè, отец Спасе бил раководен од желбата црквата и училштата да не носат бугарско, туку македонско име.
Најверојатно, тој најпрво живеел во ова маало, па неговите сожители го ангажирале да преземе иницијатива за изградба на нова црква, бидејќи градската соборна црква „Свето Благовештение“ била подалеку од нивното маало. Бидејќи отсекогаш бил со јасно изграден став по прашањето за возобновувањето на Охридската архиепископија, во 1887 година, заедно со своите приврзаници, а потпомогнат од двајцата српски емисари д-р Светислав Правица и Шпиро Копривица, тој потпишал Изјава дека не ја признава Бугарската егзархија, нејзините училишта и Општината и поднесол барање за создавање на македонско народно училиште и самостојна Македонска Црква. Откажувајќи се од Егзархијата, тој формирал нова црковно-училишна општина под името „Македонско православно општество“. Со едно свое писмо до егзархот, тој известил дека Варошко маало повеќе не ја признава јурисдикцијата на Егзархијата и прогласил автономна црковно-училишна заедница.
Егзархот, преку турската власт, презел мерки и успеал да го стави отец Спасе во битолскиот затвор, обвинувајќи го дека злоупотребил црковни пари. Со помош на римокатоличките мисионери од Битола, успеал да биде ослободен од затворот, но излегол со идеја што побргу да ја преименува Општината во „Македонско православно општество“.
За да ја реализира оваа своја идеја во дело, тој отпатувал дури и во Цариград, барајќи покровителство и од Патријаршијата за своите намери. Меѓутоа, Цариградската патријаршија не можела да се договори и да се согласи со него Општината да има македонско име, па му сугерирала да се именува само како „Прилепска Општина“, без придавката „Македонска“. Но, значајниот додаток „Македонска“ за отец Спасе имал големо значење. Не сакајќи да се врати назад без да биде завршена започнатата акција, тој стапил во преговори со Римокатоличката црква, настојувајќи да се признае самостојноста на Македонската православна општина во Прилеп, надвор од Патријаршијата и Егзархиајта. Во Цариград тој имал средба и со митрополитот Теодосиј Гологанов. Од него бил укорен зошто се бори само за една Општина и му укажал дека неговата борба треба да биде за канонско возобновување на Охридската архиепископија, во која би влегле сите македонски општини.
Целосно бил незадоволен и од преговорите со римокатоличките претставници во Цариград, но и од разговорите со српскиот конзул Стојан Новаковиќ, па затоа се вратил во родниот Прилеп, прекинувајќи ги преговорите и не успевајќи да ја постигне целта што си ја поставил. По враќањето во Прилеп, бидејќи немал друг излез и бил принуден повторно да ја признае јурисдикцијата на Егзархијата, но постојано бил набљудуван и следен од будното око на бугарските шпиони и агенти. Според усното кажување на прилепчани, врз него е извршен и неуспешен обид за атентат од пробугарски настроените прилепчани, од оние, кои биле ставени на располагање на Егзархијата.
Со доаѓањето на српскиот митрополит Варнава (Росиќ) за администратор на епархиите во Македонија во 1912 година, отец Спасе Игуменов е поставен за старешина на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп и на таа должност останал до 1918 година, кога и престанува неговата активна свештеничка служба. Се упокоил на 5 април 1921 година, на 72-годишна старост и бил погребан на старите градски гробишта во Прилеп.
Коментирај