Отец Јован Скрињик е роден во селото Валки во близина на градот Харков, Украина во 1902 година. Во годините на болшевичките прогони, со последните групи на бегалци, успеал да ја напушти родната земја и во 1919 година, со бегалскиот брод пристигнал во местото Зеленик на Јадранското Море, откаде биле ставени во карантин и преместени во бегалските логори во Војводина. Тука нашле работа во рудник, но во неделните и празничните денови редовно ги посетувал светите богослужби.
Од локалниот свештеник бил забележан како ретко воспитано и религиозно момче, а откако ја видел неговата скромност и одлични гласовни квалитети, бил препорачан да се запише во Богословија. Со благослов на епископот Јосиф се запишал во Битолската богословија и истата успешно ја завршил во 1925 година.
По завршувањето на Богословијата стапил во брак со Драгиња Скрињик, родум од селото Блаце во околината на Прокупље, а на 14/27 јануари 1925 година од епископот Охридско-битолски Јосиф бил ракоположен за свештеник во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп и поставен за парохиски свештеник на втора парохија. На оваа должност останал до 1932 година, кога по потреба на служба бил преместен како парохиски свештеник во црквата „Света Богородица“ во Скопје.
Почетокот на војната го дочекува во Скопје, но несакајќи да остане под управа на Бугарската Црква емигрирал во Србија, па неколкупати ги менувал парохиите. Најпрво бил поставен за парохиски свештеник во селото Блаце, потоа во Гложење кај Свилајнац, па во Врбовац, Мала Крсна, Смедеревско, каде што бил на свештеничка служба до 1957 година, кога заради нарушувањето на телесното здравје предвремено се стекнал со право на користење на инвалидска пензија во 1957 година. Оттогаш се преселил во Крушевац да живее при своите синови. Иако заболен, и во Крушевац редовно ги посетувал светите богослужби и секогаш им бил на услуга на помладите свештеници.
Во 1973 година го напуштил овој живот и блажено се преселил во вечноста. Неговиот гроб се наоѓа во Крушевац.
Коментирај