Прилепските соколи истражуваат пештера во околината на Прилеп...

Планинарско и спелеолошко друштво „Златоврв“

ПД „Златоврв“…

ПД „Златоврв“ е формирано во 1924 година од напредни младинци од градот, со цел да му парира на тогашното ПД „Југ“ кое го било собиралиште на просрпското движење во Прилеп.
ПД „Златоврв“ е регистрирано дури 1934 година.

Во 1959 година по барање на Стефаноски Цветан, тогаш вработен во фабриката „11 октомври“, е свикан иницијативен одбор за формирање на ПД „Златоврв“ во кое ќе членуваат само вработените во „11 октомври“.
За негов претседател е избран Стефаноски Цветан кој функцијата претседател ја извршувал повеќе години.

Но поради големиот интерес кај граѓаните е донесена одлука во друштвото да членуваат сите заинтересирани граѓани.
Така во 1966 година е забележано дека во ПД „Златоврв“ членуваат повеќе од 2200 граѓани.

Во друштвото биле застапени следните секции:

  • Алпинистичка
  •  Спелеолошка
  • Спасителна служба
  • Агитациона – пропагандна
  • Стрелаштво
  • Фото секција
  • Скијачка
  • Друштвото во текот на своето постоење постигнало завидни резултати на повеќе акции и натпревари на сојузно и републичко ниво во СФРЈ за што е добитник на повеќе одликувања и признанија.
    _____________________________________________________________________

    19 ноември 1965 година
    „Народен Глас“

    Спелеолозите од планинарското друштво „Златоврв“ пред својот најголем успех

    ДАЛИ ПЕШТЕРАТА „ЖИВОВСКИ ПОДОВИН“ ВО МАРИОВО Е ДОЛГА ДАВАНАЕСЕТ КИЛОМЕТРИ?

    Во 1962 година спелеолозите од друштвото „Златоврв“ во мариовскиот крај ја открија пештерата кој самите ја нарекоја „Живовски подовин“ за која велат дека ќе и биде рамна на „Постоинска јама“
    Народните преданија велат дека таа е долга 12 километри.
    Тоа го „утврдил“ еден овчар кој си ги пасел овците покрај тесниот влез на оваа пештера кога одеднаш неговото куче се изгубило.
    По неколку дена овчарот разбрал дека неговото куче го виделе селаните од другата страна на планината како излегло од една јама.
    И тоа нешто докажало дека растојанието меѓу јамата од каде што влегло и јамата од каде што излегло кучето измерено во воздушна линија изнесува 12 километри.

    Во врска со ова минатата година една експедиција на ова друштво замина за Мариово да ја испита пештерата. Спелеолозите влегле во пештерата и наишле на неколку големи ходници, богати со сталагмити и сталактити како и коски од диви кози. Во еден ходник се наоѓале два извора со жешка вода, но тие по неколку метри од истекот понирале.
    Се смета дека истата е поврзана со мелничката пештера, но поради немање на доволно реквизити за навлегување во пештерата, експедицијата се вратила назад.
    Според зборовите на еден од постарите членови на планинарското друштво „Златоврв“ Целе Стефаноски, за оваа сезона е изготвен посебен план за работа по кој веќе и се работи по мариовскио’т крај.
    Но сеуште не се знае дали прилепските спелеолози ќе ги утврдат историските преданија за пештерата „Живовски подовин“.
    Во мариовскиот крај откриени се и други пештери чии јами се пронајдени но во внатршеноста се уште нема згазено човечка нога. Откриени се и три живописни пештери во Беловодичкиот крај во кои се најдени стари пари, а такви пештери постојат и на планината Козјак во кои не било можно да се влезе зошто биле длабоки повеќе од 200 метри.

    Ѓорѓи Неделкоски
    _____________________________________________________________________

    16 јуни 2005
    „Вечер“

    ВО МАРИОВСКО ОТКРИЕНА НОВА ЈАМА

    Живовска Провала полна со корали

    ДЕДО ИЛИЈА УШТЕ ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ИМ РАСКАЖУВАЛ НА СПЕЛЕОЛОЗИТЕ ДЕКА ВО ОТВОРОТ, ПОПУЛАРНО НАРЕЧЕН ПРОВАЛА, НА ВРЕМЕТО ГИ ФРЛАЛЕ ОВЧАРСКИТЕ КУЧИЊА КОИ ВЕЌЕ БИЛЕ СТАРИ. СПОРЕД ПРИКАЗНАТА НЕКОЛКУ ПАТИ СЕ СЛУЧИЛО КУЧИЊАТА ДА СЕ ПОЈАВАТ ПОД РИДОТ, НО БЕЗ ВЛАКНА, ПО ПРЕТПОСТАВКА ДЕКА СЕ ТРИЕЛЕ ОД КАРПИТЕ ВО ПРОЦЕПОТ

    Никола, Коста, Христијан, Александар, Сеад, Иван и Димитар од Спелеолошкото друштво “Пеони” се вистински трагачи по авантура. Деновиве во Мариовско открија нова јама, но овојпат сосема различна од другите во Македонија. Идејата за истражување на месноста Шипка, на надморска височина од 1780 метри, им ја дал 85-годишниот дедо Илија. Тој живее во селото Живово, на 40 километри оддалеченост од новата јама, и заедно со својата бабичка се единствените жители во селото. Дедо Илија уште пред две години им раскажувал на спелеолозите дека во отворот, популарно наречен Провала, на времето ги фрлале овчарските кучиња кои веќе биле стари. Според приказната неколку пати се случило кучињата да се појават под ридот, но без влакна, по претпоставка дека се триеле од карпите во процепот. И по две години, спелеолозите го зеле дедо Илија и со целосна опрема се решиле да влезат внатре.

    А таму повеќе од она што го очекувале. Во процепот широк околу 1 метар и долг 80 сантиметри се криело природно богатство, многу поголемо од очекуваното. Провала е првата сложена корална јама од разгранет тип. На само десет метри од влезот, се одвојува нова јама, а само триесетина метри подолу се појавува нов отвор. А тие две јами не се единствените во овој процеп. По поминати 56 метри од влезот, спелеолозите повторно се нашле пред уште еден отвор преполн со корални украси, а тоа истото ги очекувало и на 86 метри. Најголемата длабочина што спелеолозите ја откриле изнесува 115 метри, а нивната претпоставка е дека јамата завршува во вода. Преостанатите отвори се спуштаат до 50 и 98 метри, а еден ходник сe` уште не е испитан. Од една јама се одвојува оџак нагоре, но што има внатре ќе се знае во некој следен викенд, кога спелеолозите повторно ќе влезат внатре. Пештерата е преполна со корални украси. Спелеолозите велат дека едноставно нејзината убавина те плени, ти го качува адреналинот. Според нив, оваа јама ќе биде атракција за спелеолозите гости.

    Билјана ЗАФИРОВА

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc