ФК „Јени Дуња“ во 1948 година.

ФК „Јени Дуња“

ФК „Јени Дуња“ (Нов Свет) е формиран во 1926 година, како клуб на турското малцинство во Прилеп.

Според пописните податоци од 1921 година, од вкупно 18508 жители во прилепската околија, 3325 биле од турска националност. Како мошне бројна националност, во 1926 година Турците формирале свој фудбалски клуб. Во 1947 година, по Втората светска војна, клубот бил возобновен. По меѓународната конференција меѓу СФРЈ и Турција, голем дел од турското население се иселиле, а со иселувањето отпатувала и документацијата и приказната за ФК „Јени Дуња“.

Според податоците на Прилепчанецот Тахир Џемаилоски, кој бил активен играч во ФК „Јени Дуња“, а во Турција се иселил меѓу првите, прв претседател на возобновениот клуб бил Музафер, секретар бил Џелалетин Усеиноски, а членови на управата биле Сали Матрак, Митхат, Даут, Шефкија, Дебрешко Усеиноски, Мустафа и Шефки Вели.

Во 1948 година, ФК „Јени Дуња“ го одиграле и првиот натпревар во Југословенскиот фудбалски куп против екипата на „Полет“ од Прилеп.

Во редовите на ФК „Јени Дуња“ настапувале повеќе квалитетни фудбалери. Посебно место му припаѓа на Сабрија Усеиноски-Дебрешко, кој настапувал и за СК „Југославија“ и за СД „Гоце Делчев“. Треба да се истакне и Раско Џемаилоски, кој започнал како голман во подмладокот, потоа играл како напаѓач во првата екипа, а во 1952 година настапувал и за „Победа“. Кон крајот на 1953 година се иселил во Турција, каде во Анкара настапувал за прволигашката екипа „Генурелбирлиги“. За „Победа“ одиграл 33 натпревари и постигнал 19 гола.

Еве го и составот на екипата од фотографијата: Џелалетин, Сао, Минир, Дебрешко, Музафер, Сабри, Бахри, Зија, Назми, Сало, Кенан, Даут, Шефкија, Наим и Џемаил…

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc