Мапа на Ореовец

Ореовец

Ореовец се наоѓа на околу 5 километри од Прилеп (воздушна линија), на 1 километар од патот Прилеп-Скопје. Селото се наоѓа на висорамнина меѓу 3 планини. Близу селото поминува Ореовечката река, која е една од притоките на Прилепската река. Близу селото има повеќе помали пештери, од кои најголема и најпозната е Ореовечката, до која има поставено повеќе знакови и маркери на карпите кои доведуваат до неа. Атарот на селото Ореовец зафаќа простор од 19 км2.

Ореовец е село од збиен тип. Селото се делело на четири маала: Долно, Аврамоско, Зелениковско и Гуцевско. Средсело се наоѓа чешма, во близина каде што некогаш бил задругарскиот дом и училиштето.

Ореовец изобилува со вода за пиење. Во близина на црквата се наоѓа извор. Водата од овој извор е спроведена до чешмите и се употребува за наводнување на бавчите. Под селото, во лозјата, има уште два извори, познати под името Душник. Потези во атарот се: Душница, Копач, Бресје, Падарница, Журова нива, Леко, Нерезија, Мелои, Пештери, Думаница, Мала Река, Горни колиби, Разби кола, Баба, Раман и Шупел.

На потезот Леко, северно од селото, селаните раскажувале дека има остатоци од куќни ѕидови и едно „Црквиште“. За оваа населба денес никој ништо не знае. Археологот Н. Вулиќ во Ореовец утврдил постоење не населба од римскиот, но и од постариот, македонски период.

Ореовец е старо село. Најстари се овие фамилии: Брмбевци, Стојановци, Симоновци и Зелениковци. Останатите фамилии се доселеници.
За време на турското ропство, селаните претежно живееле од сточарство и најмногу одгледувале овци и кози. Малкумина обработувале ниви и лозја.

Во XIX век Ореовец било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, „Ореховец“ (Oréhovetz) е посочено како село со 44 домаќинства и 184 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, „Орѣоецъ“ има 505 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во „Орјаховец“ имало 480 егзархисти и работело бугарско училиште.

По 1912 година, селаните ја откупиле читлук-сајбиската земја во атарот на раселеното село Пештерица. Оттогаш, поголемиот дел од жителите постанале земјоделци.

Според пописните листи, забележано е дека во 1921 година бројот на домаќинствата во селото изнесувал 49. Бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 423; 1954 = 406; 1961 = 308; 1971 = 172. Според пописот од 1981 година, во Ореовец имало 44 жители, во 1991 = 28, во 1994 бројот се намалил на само 16, а според пописот од 2002 година селото има само 17 жители, од кои 16 Македонци и еден неопределен.

Во селото се наоѓа црквата „Свети Димитриј“. Таа претставува еднокорабна градба со полуобличест свод, а на источната страна завршува со полукружна апсида. Црквата е осветена и живописана во 1874 година. Покрај црквата се наоѓаат селските гробишта. Два пати во годината, на Духовден и Пречиста, се одржувале селски панаѓури.

Најзастапена домашна слава во селото била Пречиста (Стојановци, Симоновци, Брмбевци, Зеленковци, Басмовци, Ветаковци, Адамовци, Тапановци и Шутевци). Зимската слава во чест на Свети Георгиј ја славеле фамилиите Богоевци, Пашовци и Гуцевци, чие потекло не е познато. За фамилијата на Адамовци се раскажува дека се дојдени од „кај Албанија“. За Тапановци, пак, се говори дека се „од кај Дебар“.

Во Ореовец се родени:
Марко Цепенков најголем собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, за националната историја, за правото и за моралот на Македонците (по потекло од Ореовец);

Петар Ацев, војвода од Илинденскиот период; Мирче Ацев, војвода од Илинденскиот период;

Ѓорѓи Ацев, војвода од Илинденскиот период; Мирче Ацев, македонски револуционер, народен херој на Македонија, од втората светска војна, внук на илинденскиот војвода Мирче Ацев;

Вера Ацева-Доста, учесник во НОБ и народен херој;

Киро Ацески и Зора Ацеска – жители на Ореовец од 1892-1947 (поседувале 2 куќи, од кои едната сега е руина, а другата е вила, помогнале да се изгради локалната црква, а на тоа место и се погребани).

Нема Коментари

Коментирај