Ордан Петлевски (Прилеп, 24 август 1930 – Загреб, 22 јануари 1997), македонски сликар. Една од клучните фигури на современата македонска и хрватска ликовна уметност.
По дипломирањето на Академијата за применета уметност во Загреб во 1955 година, продолжил на специјализација кај хрватскиот уметник Крсто Хегедушиќ (1955-1960 година). Во тој период на два наврата заминува на краток студиски престој во Париз.
Од крајот на 50-те години се вклучува во ликовниот живот на Загреб, каде што слика, илустрира книги и ги изложува своите дела. Бил еден од иницијаторите за создавањето на Музејот на современа уметност во Скопје во 1963 година.
Одржал голем број самостојни изложби во Скопје,Сараево,Белград, Загреб и Париз. Излагал на Венециското биенале во 1964 година со тогашната загребска репрезентација со Отон Глиха, Едо Муртиќ, Златко Прица, Франо Шуминовиќ, Војин Бакиќ и Душан Џамоња.
Добитник е на повеќе награди, од кои би ги издвоиле поважните:
1959 година: Прво место на I интернационално биенале на младите во Париз.
1960 година: „Трето Ноемвриската награда на Општина Прилеп“, за извонредни постигнувања во областа на ликовната уметност, инспирирана од животот на градот Прилеп и неговото поднебје.
1961 година: Швајцарска награда за сликарство во Лозана.
1961 година: Прво место на I југословенско триенале по ликовна уметност во Белград.
1978 година: Годишна награда „Владимир Назор“.
Контекстуалните рамки на сликарството на Петлевски се движат од фантастиката и надреализмот до енформелот и сликарството на материја, типично со биоморфни облици на монохроматска позадина. Иако средишниот дел од творештвото на Петлевски се поврзува со енформелот, како доминантен правец во апстракцијата од 60-те години на 20 век, кај Петлевски секогаш станува збор за уникатен јазик и за „превладување на енформелот“.
Негова ќерка е познатата хрватска писателка Сибила Петлевски.
Коментирај