Октет Прилеп
„Со староградската песна ја чуваме традицијата“
…Кога почнувавме, немаше состав за староградска песна во нашиот град и набрзо станавме препознатливи како октет „Прилеп“.
Досега имаме објавено три албуми со над 40 композиции, на што сме особено горди, вели Слободан Костоски, раководител на групата.
Слободан Костоски продолжува да им ја пренесува љубовта кон староградската песна на помладите генерации.
Староградската песна во Прилеп веќе долги години од заборав ја чува Слободан Костоски. Овој познат хармоникаш и пејач е раководител на октетот „Прилеп“, во кој членуваат и Кирил Талески, Цане Јовчески, Кирил Јовески, Благоја Гегоски, Илија Јанчулески, браќата Никола и Илија Илиески, Славчо Бунтески, Борис, Благоја Дукоски, Трајче Костоски, Страшо Костоски, Никола Тумбески и Мирко Кремчески.
Сите осуммина, создавајќи и пеејќи староградски песни, ја негуваат традицијата, а воедно на помладите генерации им ја пренесуваат љубовта кон оваа музика. Сеќавајќи се на своите почетоци во музиката, Слободан ни откри дека е самоук.
- Најпрво пеев, а подоцна почнав да свирам на хармоника, бидејќи во групата немаше кој да свири на овој инструмент. Ете, така почна мојата дружба, не само со песната туку и со хармониката – ни рече тој.
Октетот „Прилеп“ е формиран во 1994 година и тој најпрво го носел името „Пријатели“, а подоцна бил преименуван во „Прилеп“.
- Кога почнувавме немаше состав за староградска песна во нашиот град и набрзо станавме препознатливи. Досега имаме објавено три албуми со над 40 композиции, на што сме особено горди – вели Костоски.
Меѓу нивните најпопуларни песни, кои и денес се пеат не само во Прилеп туку и во цела Македонија, се мелодиите: „Свири ми свири виолино“, „Катарина“, „Багремот спомени ми буди“…
- Староградската песна потекнува од изворната музика, таа е нејзина надградба. Исполнувајќи ги овие убави мелодии, ние не само што ја негуваме традицијата туку и љубовта кон музиката воопшто. За жал, младите сé помалку ја прифаќаат староградската музика, но сепак сé уште постои ентузијазам меѓу нив, кој не дозволува овие песни да исчезнат за навек – истакнува Костоски.
Овој музичар, кому годините не му претставуваат никаква пречка и во поодмината возраст да биде креативен, ни откри дека сé уште свири на својата хармоника со сета душа и срце, додавајќи дека 16-те години во октетот „Прилеп“ за него се вистински празник на душата.
И денеска, за него и за неговите пријатели од октетот „Прилеп“, ракоплескањата од публиката се најголема награда.
- Задоволни сме кога ги слушаме посетителите на нашите концерти да потпевнуваат со нас. Тогаш сме сигурни дека сме ја постигнале целта – ни рече Слободан Костоски.
Преземено од: Нова Македонија
Коментирај