Дел од колекцијата на жетони.

„Тајната каса“ со жетони во црквата „Свето Благовештение“

„ТАЈНАТА КАСА“ СО ЖЕТОНИ ВО ЦРКВАТА „СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ“

По цели 175 години од градбата на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, во периодот од мај до ноември 2012 година, беа извршени конзерваторски активности и санација на кровната конструкција. Санацијата беше извршена со благослов на надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Петар, врз основа на Основен проект изработен од архитектот Миле Боболески, кој беше одобрен од Националниот конзерваторски центар, а под надзор на комисијата одредена од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп.

Санирајќи ја кровната конструкција на западниот дел од храмот, веднаш над галеријата од женската црква, во делот каде што е просторијата за црковниот хор, меѓу носечките греди беа пронајдени две платнени кеси со непознати монети, скриени меѓу графички листови со икони и поставени во еден мини бункер. Од многуте години на стоење, платнените кесички се скинаа веднаш по нивното вадење од бункерот, а монетите беа собрани и комисиски изброени. Беше констатирано дека во двете платнени кеси има по 250 монети (вкупно 500) и истите беа депонирани во црковниот сеф.

Откако дел од паричките беа исчистени од прашината, веднаш се дојде до заклучок дека станува збор за жетони. Според достапната нумизматичка литература и каталози, овие жетони се познати и како Reckoning counters (англиски), Jetons (француски) или Rechen-pfenning (германски). Жетонот како објект се користел во калкулациите на сметките. Жетоните најчесто се изработувале од бакар или бронза, исто така и од сребро, а од злато многу ретко. Во нумизматиката познати се жетоните од Англија, Франција, Холандија, Германија, Австрија, Полска, Чехословачка, Унгарија, Италија, Португалија, Шпанија, а веројатно ги има и во други земји, но во помал број. Првиот специјално изработен жетон потекнува од средината на XIII век (францускиот), додека англискиот потекнува од крајот на XIII век.

ЖЕТОНИТЕ КАКО ИНСТРУМЕНТ ЗА ПРЕСМЕТКИ

Древните Елини и Римјаните при своите пресметки користеле камчиња или коскени дискови. Римјаните ги нарекувале calculus. Оттука произлегува и современиот термин „калкулација“. По падот на Римската империја, обемот на меѓународна трговија речиси и да прекинал. Сепак, благодарение на црквите и манастирите, кои имале потреба за пресметување на црковните празници и датуми, старата технологија на пресметување не била заборавена, па жетоните се користеле исклучиво за таа намена.

ПРВИТЕ ЖЕТОНИ

Зборот „жетон“ произлегува од францускиот глагол „jeter“, а во буквален превод значи „турка, придвижува, поттикнува“, зашто пресметувачите со туркање на жетоните врз специјална даска за таа намена, доаѓале до посакуваните резултати.

Првите жетони биле во форма на сплескани лепчиња, со вообичаен дијаметар од околу 2 см и биле изработувани од камен, стакло, коска или бронза. Најпрво биле ковани низ ковачниците во Италија и Франција, каде што се ковале и монетите. Точниот период на појавата на жетоните не може да се одреди и од причина што врз нив се печателе хералдички знаци или грбови, а понекогаш само одделни симболи.

Во 1920 година, прочуениот англиски нумизматичар и специјалист по жетони F. P. Barnard се обидел да објасни кога биле ковани првите италијански жетони. Најстариот жетон тој го датирал од 1190 година. Примерокот, кој го имал во предвид, најверојатно бил сопственост на Andrea de Rivegno од Џенова или банкарот Guiliano Arardi. И двајцата се познати по тоа што биле финансиери на третиот крстоносен поход на англискиот крал Ричард лавјо срце. Првиот жетон, според славниот нумизматичар, бил искован за потребите на дворецот на француската кралица Бланка Кастиљска. На аверсот од жетоните бил насликан крин, а на реверсот Кастилскиот замок со по два крина странично.

Најстарите англиски жетони датираат од 1280 година. На аверсот обично била насликана главата од кралот, овенчан со круна. На реверсот имало насликано крст со ѕвезди или полумесечина со аналогна рамка.

Во Италија жетоните долго време не биле користени. Тоа е резултат на револуционерниот труд на математичарот од Пиза Leonardo Fibonacci, кој го објавил своето дело Liber Abaci. Во своето дело тој ги објавил новите правила на современата алгебра со новите арапски бројки. Така, примитивниот начин на пресметување во Италија за брзо време бил искорнат, па со тоа и улогата на жетоните се намалила.

Во XV век производството на жетони било сконцентрирано во Франција, Холандија и Белгија. Тука за прв пат почнуваат да се коваат два вида на жетони. Првите биле по специјална нарачка на градските власти и врз нив се нанесувале имиња, грбови и знаци на владетелите. Вторите жетони биле за општа употреба и тие биле обична имитација на официјалните изданија.

Во XVI век, најголемата ковачница на жетони се наоѓала во германскиот град Нирнберг. Во Германија жетоните влегле во употреба многу подоцна, отколку во Франција и Холандија. Жетоните во Германија најпрво се спомнуваат во книговодствените пресметки во градот Франкурт во 1399 година. Во голем дел, нирнбершките жетони биле бледа копија на веќе познатите француски и холандски жетони. Сепак, за да се разликуваат од нив при размената, секој емитент бил обврзан на жетонот да го има исковано своето име, но и натписот „Rechenpfenning“. Ова правило било со важност до 1800 година, кога жетоните почнале постепено да бидат исфрлувани од употреба и кога постанале само средство за хазардни игри.

За разлика од француските и холандските, германските жетони не биле ковани по барање на државните институции. Секој изработувач на монети работел на своја сметка и можел да си дозволи ковање на жетони според можноста за нивна реализација. Често се случувало германските жетони да се продаваат на пазарите паралелно со разлина стока, па дури и со детски играчки. Најпознатиот произведувач на жетони Hans Krauwinckel, кој работел во периодот од 1586-1635 година, имал дури и свои претставништва за жетони во Париз и Амстердам.

КОЛЕКЦИОНЕРСТВО

Во XVI век жетоните постанале предмет за колекционерство во Франција и Холандија, а првите каталози со жетони се појавиле во првата половина на XVII век. Најстар печатен документ, во кој се опишани холандските жетони, е каталогот под редакција на Bizot, кој бил издаден во Париз во 1687 година. Во тој каталог акцентот бил ставен на жетоните од периодот на холандското востание. Во 1723-1731 година Gerard van Loon издал 4-томно дело, во кое се опишани сите жетони и медали, кои се однесуваат на холандската историја, почнувајќи од 1555 година. Колекционерите биле особено заинтересирани за собирање на жетони и медали, кои биле интересни како историски извори и илустрација на минатото. Ова колекционерство било наречено „Historie metallique“, или „историја, запечатена во метал“.

Дури во XIX век во Франција се започнува со проучување на жетоните како инструменти за пресметка. Сепак, Белгиецот Dugniolle во својот каталог забележал дека мала е веројатноста жетоните да биле користени како инструменти за пресметки. Во последните десетина години напишани се повеќе статии во нумизматички журнали во повеќе земји за жетоните, за нивната историја, употреба и намена.

ПРИЛЕПСКАТА КОЛЕКЦИЈА НА ЖЕТОНИ

Имајќи го предвид погоре кажаното, навистина предизвикува интерес наоѓањето на 500-те жетони во кровната конструкција на црквата „Свето Благовештение“.

Најпрво, треба да се знае дека времето на крајот на XVIII и почетокот на XIX век се карактеризира со развиени стоково-парично односи по балканските земји. Плаќањата барале поголема прецизност и конкретност. Османлиските монети не одговарале на пазарните потреби. Странските монети, кои имале легитимен курс на османлискиот паричен пазар, исто така не одговарале на тоа барање. Таа неопходност особено силно се чувствувала по црквите, чии услуги се одликувале со вредност пониска од основната парична единица – парата. Тука треба да се имаат предвид и други фактори. Сето тоа ја наложило употребата за замена на условната фракција на парата. Како најпогодни за тоа се покажале жетоните на трговските куќи и бродските компании. Најверојатно, врз таа основа се појавиле и жетоните во „тајната каса“ на црквата „Свето Благовештение“.

Дали „тајната каса“ е направена намерно? Ако се има предвид под колку тешки финансиски и материјални услови е градена црквата, не е чудо ако овие жетони намерно се криени. Веројатно, постоела опасност тие да бидат одземени од турските градски власти. Можно е овие жетони да се и одредено завештание од некој прилепчанец, по повод довршувањето на градбата на црквата. А можно е да се оставени и на денот кога се довршувала чатијата, во знак на благодарност за успешно довршеното грандиозно дело. Можно е „тајната каса“ да претставувала и резерва за зло време. Сепак, едно е категорично точно, а тоа е фактот што оваа „тајна каса“ носи карактеристика на економска ризница.

Како и да е, факт е дека овие жетони немаат парична вредност во наши дни, а немале ниту на денот, кога биле ставени во „тајната каса“. Во сооднос со османлиската пара, нивниот курс бил помал и од 3:1, односно, се плаќале повеќе од 3 жетони за една османлиска пара. Ако монетите биле во сооднос 3:1 со османлиската пара, тогаш жетоните би имале сооднос 3:1 со монетата, односно, со османлиската пара тие би биле во сооднос 6:1 или 6 жетони за една османлиска пара. Појавувајќи се како стоково-паричен елемент, црковните жетони биле вклучени паралелно со монетите од редовниот паричен курс. А тоа било така, зашто црквите имале прекумерна потреба од ситни парички, зашто тие најмногу се користеле како доброволен прилог при ставњето во диск како помош за црквата или за купување на ситни свеќи од верниците. Османлиските пари биле преголем залак за верниците, а епитропите не биле во можност да враќаат кусур на верниците на толку големи вредносни монети. Ете, од тие причини жетоните нашле голема употреба во црковниот живот и стоково-паричните размени во црковната економија.

Жетоните пронајдени во „тајната каса“ на црквата „Свето Благовештение“ ќе претставуваат драгоцено богатство за нашата парохија, сведоштво за едно минато, спомен од големиот потфат на санација и реконструкција на кровната конструкција. Тие ќе најдат свое место во црковниот музеј и ќе бидат презентирани пред целокупната јавност, а со ова откритие историјата на нашата парохиска црква е побогата со уште едно многу важно поглавје.

Текстот е објавен во списанието „Вистина“, бр. 78 од 2013 година.

1 коментар

  • PSF May 9, 2013

    Немам зборови…
    Браво за исцрпната работа…

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc