Ново Лагово се наоѓа 5 км југоисточно од Прилеп, покрај магистралниот пат М-5 (Прилеп–Битола),регионалниот пат Прилеп-Битола, и регионалниот пат Прилеп-Витолиште (Мариово). Околни населени места се: Старо Лагово (2,5 км воздушна линија) на југоисток, Волково (4,5 км воздушна линија) на Исток, Беровци (2,25 км воздушна линија) и Галичани (3 км воздушна линија) на Југозапад. Во селото има 6 бунари.
Ново Лагово е село од збијан тип. Има 2 прави улици во правец североисток-југозапад. Долж улиците куќите се поредени во 3 низи. Селото има 27 домаќинства (1954 г.). Обработената земја и пасиштата околу Н. лагово се наоѓаат на месностите викани: Дујгас, Горно Садово, Долно Садово и Поле. Низ селото поминува Волковска река. До реката се наоѓа црквата „Света Петка“,чии темели се поставени во 2001 година. Света Петка е заштитник на селото.
Ново Лагово е колонистичко село, основано во атарот на Старо Лагово. Основачи биле православни Срби доселени 1922 година од Далмација. Тие години доселениците добиле утринска земја, која ја разделиле и ја претвориле во ниви. Потоа колонизаторите купиле ниви и во атарот на соседното село Беровци. Ново Лагово добро напредувало. Населението ја искористило поволната сообраќајна положба и близината на Прилеп како пазар. Таму продавале земјоделски производи и млеко. До почетокот на Втората светска војна селото нараснало на 21 куќа, и било угледно село. Напредувало најбрзо од сите околни села. За време на Втората светска војна, Србите од Ново Лагово страдале од Бугарите. Непријателската полиција често го опкружувала селото, ги претресувала куќите и ги тепала селаните. Населението не смеело никаде да излези надвор од селото, па дури ни во Прилеп. Во 1946 година, Србите од Ново Лагово, освен еден род со две домаќинства, се иселиле во Војводина.
Во куќите на иселените Срби и на нивната земја, власта на НР Македонија во 1946/47 населила 25 домаќинства од областа на сливот на реката Црн Дрим, најмногу од струшка Малесија. Бројот на домаќинства изнесувал: 1948 = 29; 1961 = 40; 1971 = 53, 2010 = 60. Денешно население: Најстари се Вујасиновиќ (2 куќи), слави: Свети Стефан, по потекло од Ивошевци, Бенковац,Хрватска.
Фамилии доселени 1946/47 се: Кузманоски (една куќа), Маркоски (4 куќи) и Нелоски (2 куќи), кои го слават празникот Свети Архангел Михаил. Тие фамилии дошле од Ржаново,Струшка Малесија. Фамилии доселени 1946/47 се: Димоски (4 куќи), Андриески (4 куќи: Андриески, Андрејески, Андријески и Андриоски), Трајчески (3 куќи), Негриоски (2 куќи), Маркоски (2 куќи), Митрески (2 куќи), кои дошле од Локов, Струшка Малесија и го слават празникот Света Петка-Петковден. Фамилија доселена во 1946/47 е и Барутоски (една куќа) од Селце, Жупа, Дебар, кои го слават Свети Никола.
Населението претежно се занимава со земјоделство: со одгледување на тутун, жита и на сточарство. Преку 90% од населението имаат завршено средно образование, а мал дел само основно или факултет. Во селото живеат 230 жители, сите од православна вероисповед. Населението му припаѓа на 3 етнички заедници, но преку 93% се Македонци,а останатите се: Срби и Албанци (сите се жени, омажени за селаните, донесени од Албанија).
Во селото постои училиште, во кое се изучува во комбинирани паралелелки до четврто одделение, а учениците образованието го продолжуваат во Старо Лагово, каде што завршуваат основно образование во О.У.„Круме Волнароски“, чие седиште се наоѓа во селото Тополчани.
Текстот е преземен од: mk.wikipedia.org/wiki/Ново_Лагово
Коментирај