1903: Машка и женска носија од „Подмариовските села“

Носијата во Мариово

Носијата во Мариово…

Мариово опфаќа околу 30 села со македонско население кои прават заедничка пределска и етничка целина со издиференцирани етнички карактеристики, посебно изразени преку разни форми на народниот живот, посебно преку народната носија.

МАШКА НОСИЈА

Во селата од изолираниот планински предел Мариово, машката носија, составена од бројни бели клашнени облеки, ги има сите карактеристики на изразито планинско – сточарска носија. Под кошулата од бело дебело домашно ткаено платно се носи аба, а врз неа џамадан од клашна. На нозете се носат бели клашнени ѕиври – ногавици од бела клашна кои се придржуваат за појасот со волнени врвци, бели ажурно плетени чорапи со подвески – тесни појасчиња за придржување на чорапите под колената и опинци од говедска кожа. Се опашуваат со волнен ткаен појас – кемер врз кој се носи ремен од кожа.

Зимската облека е гуна од бела или црна клашна, безракавна, долга до колена, со специфични украси. Сакма од дебела валана волнено – козинена ткаенина е типично сточарска облека на овчарите. Празничната носија и рувото на зетот се повеќе украсени. Во нивниот состав е забележливо бело прегаче со шар на прачки, како посебна ознака на ергенството. Бела сакма влегува во составот на специјалната руба венчаничка, а ф’стан – кусо, многу набрано здолниште, е детал од носијата на младоженците и младите мажи.

Aбa: Поткошула од бела невалана клашна, по крој иста како кошулата, но во должина покуса.

Кошулa: Од бело лито или четворно „самоткаено“ памучно платно, долга до колена, кроена од следните делови: „затилок“ – јака, ракави долги до подлактиците (рамно кроени, во долниот дел широко отворени), „преден стан“ (предна „пола“), „ѕаден стан“ (задна пола) и „бочници“ (најмногу по 12 од двете бочни страни) – со помош на кои има изглед на „фустанела“, везена на „пазуи“ – предниот граден дел, на затилокот, на ракавите и на долниот околен дел од „скутовите“. Кошулите за млади мажи се везени со црвени или жолти конци, а оние за постари исклучиво со бели конци.

Гушале: Парче бело памучно платно во триаголна форма – за покривање на предниот отворен граден дел од кошулата; на горниот крај со врвки за врзување околу вратот. Се носело како составен дел од празничните кошули за млади мажи, украсено со вез од мониста, со „петлици“ и со „пулејки“.

Калци: Плетени полуракави од волнена преѓа, носени од шаките до лактите, за ергени и млади мажи – шарени калци, a за стари мажи бели калци.

Ѕиври: Од бела валана клашна, вид „старски гаќи“, кроени во форма на ногавици – долги од глуждовите до препоните, на горниот дел пришиени врвци со помош на кои се придржувани за појасот, по рабовите украсени со црни гајтани. Во употреба се задржале до првите децении на овој век, но главно од страна на постарите мажи.

Бечви: Од бела валана клашна; кроени од следните делови: „заден кутел“ (како тур што доаѓа позади), „преден кутел“ (што ја покрива трбушната страна) и две ногавици. Во овој вид започнале да се носат во првата половина на минатиот век, во употреба се задржале до неодамна.

Гаќи: „Бубаќарни“, од бело четворно ткаено памучно платно, кроени слично како и бечвите. Започнале да се носат во почетокот на овој век; летно време се облекувале под ѕиврите, а во зима под бечвите и под шалварите.

Шалвaри или „црни бечви“: Од црн четворен шајак, долги до под колената; од глуждовите до колената врз шалварите се облекувале „куси ѕиври“ (клашнени потколеници) или чорапи. Во студено време се носеле над ѕиврите, над гаќите или над бечвите, за потопло, старите мажи во шалварите ги вовлекувале и скутовите на кошулата.

Појaс: Волнен ткаен, се носел во неколку вида:
а) „Подвеска“ – тесно појасче (2,5 х 150 см), ткаено на црвена основа со прави шарки – го носеле машки деца до време на пубертет;
б) „Ќемер“ – широк околу 10 см, а долг околу 3 метри, ткаен на црвена основа со прави хоризонтални шарки – носен од време на ергенството до средно доба
в) „Појас“ еднобоен црвен или црн, двојно поширок и подолг од претходниот; врз ќемерот и појасот задолжително се носел стегнат кожен ремен.

Вутче или „прегаче“: волнена скутина,ткаенаво прави хоризонтални шарки.

Чорапи: Волнени, плетени на три игли; составени од следните делови: „горниште“, „стапало“ и „прсти“; од внатрешната страна на нозете со „расцепок“; за млади мажи орнаментирани во разни бои, а за стари – бели. Од поново време и чорапите за млади мажи започнале да се плетат исклучиво бели.

Подвески: Ткаени тесни волнени појасчиња за притегнување на чорапите, ѕиврите или шалварите под колената; подвеските за млади мажи биле украсувани со „аловни киски“.

Пртеници или „куси ѕиври“: Вид потколеници (некогаш изработувани од четворно „пртено” платно), од четворно бела и црна валана клашна; во составот на зимската носија се задржале до неодамна.

Обвијала или „калчуни”: Старски зимски доколеници, од бела или црна лита клашна; скроени во четириаголна форма, со помош на врвци се обмотувале околу нозете од глуждовите до под колена.

Пинци: Од свинска или говедска кожа, со врвци или „ремење“ кои се вкрстосувале од долу до подвеските; се изработувале во кругот на домашното огниште. Од почетокот на овој век младите започнале да носат и „чевли“ или „чејли“ -изработувани од градските кондураџии во Прилеп и Битола.

Џамадан или „ќурдија”: Горна безракавна облека од бел или од црн четворно ткаен шајак; долг до појасот, со два џеба на градниот дел од полите; по рабовите украсен со оптоки од гајтан.

Шaјак или „копоран”: Горна (зимска) облека од бел или црн четворно ткаен шајак, со долги тесни ракави; долг до бедрите. Зимно време се облекувал над џамаданот. До крајот на минатиот век се изработувал исклучиво од бел шајак; оттогаш наваму младите започнале да го носат и од црн шајак.

Гунa: Горна безракавна облека од темно кафеав шајак, долга до колена, околу рабовите опточена со црна оптока; кроена со прилично тесни поли, но со големи триаглести бочници, со помош на кои во долниот дел е прилично проширена; типична облека за млади и стари мажи. Во време на жалост се носела превртена од наопаку.

Сакмa: Типична сточарска облека од најдебела и најувала наволнено – козинена ткаенина; кроена од „ѕаденстан“, две предни „поли“, два „бочника“ од страните, долги ракави и „цуцулка“, „ќулавка“ или „јака“; освен овчарите, ја носеле и сите оние кои оделе на пат подалеку од својот крај. Младоженците на денот на венчавањето облекувале бела „зетовска сакма“ (од наопаку), по крој како претходната, но со куси ракави до лактовите, таканаречени „јакушки“.

Кожув: Од јагнешко крзно, долг до појасот, со долги ракави или без нив – ќурчиска изработка.

Капи: Застапени се неколку вида:
а) Бела или црна „валавка“ или „валаница“ во форма на клобук – слична на арнаутското кече, белата валанка се смета за постар вид од црната, која, по се изгледа, како таква започнала да се носи од крајот на минатиот век (со промената на бојата на некои облеки од бела во црна)
б) Црвен „тунус“ или „вес“ (тунис или фес), со долг син или црн свилен пискул („како Тоски“) – омилена капа на ергените и младите мажи, носена до крајот на минатиот и почетокот на овој век
в) Платнена куповна, округла, згора заоблена капа, по форма слична на плитка шубара – започнала да се носи од почетокот на овој век.

Обрус или „чалма”: Правоаголно лито ткаено парче платно, ткаено со дискретни прави попречни шарки; долг околу еден метар и половина, на крајот со реси; се обмотувал околу валанката или фесот. Старите обмотувале обично чалми од бело платно.

ЖЕНСКА НОСИЈА

Женската носија во пределот Мариово, по своето стилско и ликовно обликување, по складното единство на украсувањето, по изобилството на црвени волнени рески, како и низата извезени орнаменти со геометриски и стилизирани вегетабилни мотиви, се вбројува во најубавите, но и најтешките носии во Македонија и претставува врвен домен на народното творештво. Невестинската носија тежела преку 50 оки (околу 63 кг).

Во Старо Мариово, кое се издвојува од Мало Мариово со некои незначителни разлики во етничките особини, народната носија – руфетот е помариовски. Во селата од Мало Мариово во народното облекување се чувствува влијанието на соседниот предел Прилепско Поле. Врз белата платнена кошула, богато украсена со густо извезени мотиви во техниките писано, лозено и грабено, се носи сагија, саја, од бело платно или клашна, украсена со вез и богати поткитки од рески – кис. Околу половината се опашуваат, со долг црн плетен појас и ткаена волнена скутина, прегач, вута, украсени со ситни мотиви и поткитени со густи волнени рески. Девојките од Мариово главата ја покриваат со бел тублен, украсен по мариовски, а мажените жени врз тубленот носат обрус од бело платно со извезени и ткаени мотиви и густи рески на двата краја.

Облеките гуна и горница изработени од клашна, украсени по мариовски со волнени оптоки и гајтани, ја оформуваат женската носија за во празници. Најмногу е украсено рувото венчаничко во кое, освен посебно изобилните извезени и вткаени мотиви, се застапени и специјални облеки и детали како знак на невестинството. Тоа е бела гуна, горница, везени ракавчиња, голем коцел, а на главата многу цвеќе, украсот нетоп и обрус преку лицето, како и многуброен масивен метален накит пафти, гердани, копци.

Кошулa: Од бело домашно памучно платно, кроена од „затилок“ – јака, рамни ракави (широко отворени), „преден стан“, „ѕаден стан“ и по 2 „бочници“ од страните везена на јаката, на „пазуи“ – предниот граден отворен дел, на ракавите и на долниот околен дел со „бојови“. Најбогата со везбена декорација е невестинската кошула – „голема кошула“ или „црнета кошула“; во неа преовладуваат геометриски и геометризирани флорални мотиви; основни бои се „алена“, „ѓувезна“, црна и жолта; најзастапени везачки техники се:

а) „Орано“ – со која се одбележуваат контурите на мотивите со црна или со алова „каделка“, кои потоа се „п’нат“ („орано-п’нето“)
б) „Писано“ – со која се одбележуваат и воедно полнат карактеристичните кружни мотиви
в) „Грабено“ – везачка техника застапена најчесто на кошулите за постари жени или кај оние што се наменети за носење во случај на жалост.

Гушале: Парче од бело платно, за покривање на предниот граден – отворен – дел од кошулата украсено на сличен начин како кај машката кошула. Во составот на женското гушале се носело и „грлниче“ од црвена басма, украсено со набран (плисиран) околу вратник од бел астар.

Калци: Плетени волнени полуракави, носени од китката на раката до лактите; по форма и начин на украсување скоро исти како и машките калци. Калците носени до крајот на минатиот век биле плетени од црна волна и преку целата должина биле прошарани со црвени и бели хоризонтални редови; паралелно со нив се носеле и „влашки калци“. Од почетокот на овој век калците започнале да се плетат бели со црни шарки во долниот дел. Од истиот период, под влијание на градот, односно со појавата на индустриски материјали, женските калци започнале да се изработуваат и од куповен материјал (шарена басма, богасија и сл.)

Сагија или саја: Горна без ракавна облека од четворно памучно платно; кроена од следните делови: две поли, „ѕаден стан“, од страните помеѓу станот и полите по два мали бочника со „расцепок“ – шлиц; украсена со богато извезени „пазувки“ -предници и искитена со реси од „аловна“, „ѓувезна“ и црна волна. Составен дел на невестинската саѓија се дополнителни „ракавчиња“ – од рамената до лактите, украсени богато со реси од аловна и гувезна волна.

Појaс: Црн, плетен од пет или од седум врвци -пришивани една за друга со црн конец; долг од 10 до 30 метри. Обмотан околу половината, се користел и за чување на кутија со чешел, огледалце и други слични потреби.

Вута или прегач: Волнена ткаена скутина:

а) „Вута“ „од една дипла“ или „од една пола“
б) „Прегач“ или „опрегач“ од две дипли или две поли
И едниот и другиот вид скутина ткаени со прави хоризонтални шарки на црвена основа; втората е позната и под името „аловен прегач“ или „чолтарче“.

Се сретнува во повеќе варијанти и тоа како:

„Градешки прегач“, „Витолешки прегач“ – според местото од каде што потекнува мустрата,
„Прегач жолта парта“ – според основниот мотив
„Ѓувезен прегач“ – во долниот дел украсен богато со црвени рески, „Белио прегач“ (и бела вута) и „црнио прегач“ – според основната боја (ткаени со прави хоризонтални шарки).

Гуна или горницa: Горна безракавна облека, долга до над колена, од бела или од црна четворна клашна со рамна или со рунтава текстура; кроена од следните делови: „ѕаден стан“, напред две поли, а измеѓу нив и задниот стан по еден бочник; на рабовите украсена со оптока од „аловни врвци“ (гајтани), украсувањето дополнето со реси, на сличен начин како и саѓијата.
Белата гуна е специфична невестинска облека што се облекувала на денот на венчавањето. Важела за зимска облека, но се носела и летно време на големи празници. Во време на жалост се облекувала наопаку.

Ѕиври: Волнени плетени получорапи без стапала, носени од глуждовите до под колена; летно време се носеле на боса нога, а зимно време над чорапите; орнаментирани со прави хоризонтални шарки на темна најчесто црна основа.

Чорапи: Волнени плетени, долги до колена, богато орнаментирани, особено оние за девојки и млади невести; за посебно впечатливи се сметале чорапите: „ѓувезната калинка“, „шутата калинка“, „старавинцките“, „клучовите“, „крушата“, „боравените“, „калинките со накрс црно“ и др.; од Втората Светска војна наваму, започнале да се плетат најмногу чисто црни.

Пинци: Од говедска кожа, домашна или занаетчиска изработка. Поимотните уште во почетокот на минатиот век носеле „чејли“, набавувани од градските занаетчии во Прилеп и Битола.

Коцел: Украс за на коса.
Се појавува во два вида:
а) „Коцле“: во горниот дел со „прцле“ спелтено од природна коса и црвена волнена преѓа, а во долниот дел „кишчер“ со рески
б) Голем „коцел“: специјален невестински украс од црна волнена преѓа, составен од следните делови: „леса“ исплетена од плетенчиња, јаже со два топа и долу кушки со главки .

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc