НА СВАДБА И ПОГРЕБ
Монополската блех музика од Прилеп пред војната
Оркестарот на монополските работници бил жариште за развиток на класната свест и заострување на политичката борба
На собирот на аматерските оркестри во сараево 1934 година, монополската блех музика го освоила второто место во Југославија
ПРИЛЕП, АПРИЛ.
- Во времето на триесеттите години низ кривулестите, тесни калдармисани улици во Прилеп се раѓа една бујна младост полна со сила и ентусијазам, готова во секој момент да ги исполни задачите што пред нив ги постави Комунистичката партија. Станува збор за младинците што работеа во Монополот.
Пеењето револуционерни песни – најомилено
Синдикалното движење во Монополот, денешниот Тутунски комбинат почна да оживува уште тогаш и се манифестираше главно преку солидарноста и единството на работниците како и преку заедничкото состанување и пеење револуционерни песни. Не се стеснуваа монополските работници да ги пеат своите омилени песни и на јавни места во градот. Како резултат на ова 1931 година почна да работи музичка и дилетанска група. Својата активност овие групи ја прикажуваа на различни начини преку разни собири, културно-уметнички средби, во спортските друштва каде се собирала најинтелигентната револуционерна младина од градот. Во секоја прилика револуционерната младина јасно ги истакнувала своите патриотски чувства и омразата против тогашната ненародна власт.
Во тоа време во Прилеп се формирал и првиот оркестар. На иницијатива на неколку напредни младинци, оркестарот ја започнал својата дејност во 1932 година. Не многу по формирањето почнале да се организираат игранки за работниците од колективот, собири на кој се пееле и свиреле патриотски револуционерни песни, се славела револуцијата и Илинденското востание.
Се свирело бесплатно
Оркестарот броел 25 постојани членови кои, под изговор дека се состануваат на заеднички проби, одржувале состаноци со членовите на Комунистичката партија и назначувале понатамошна дејност на оркестарот.
Во оркестарот се свирело бесплатно и монополската блех музика не избирала прилики каде ќе „настапи“: дали ќе биде тоа на свадбата на некој млад работник од монополот или ќе треба нечие погребување да биде повеличествено.
Оркестарот добивал и официјални признанија. На собирот на аматерските оркестри, во Сараево 1934 година, оркестарот на прилепската блех музика го освоил второто место. По овој голем успех оркестарот доживеал потполна афирмација. Повторно се организирале игранки и од собраните пари се формирал фонд за помош на борците во Шпанската револуција.
Дилетаноката група подготвувала театарски претстави и приредби кои означувале чекор напред во развивањето на класната свест кај младинците, во заострувањето на политичката борба.
Фашистичките фанатици вложувале големи напори да ги фатат на дело овие млади родољуби и да ја оневозможат нивната понатамошна дејност. Најчесто нивните напори останувале залудни. Оркестарот и понатаму останувал да живее и доживеал „голема старост“, сѐ до денеска.
Б. Топчиевски
(Објавено во „Вечер“ од 1967 година)
Коментирај