Хорот при црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп.

Прилепските црковни хорови

ПРИЛЕПСКИТЕ ЦРКОВНИ ХОРОВИ

Црковно-хорската историја на градот Прилеп најтесно е поврзана со личноста на Атанас Бадев. Оваа историја претставува богата дејност во овој регион, па и пошироко, зашто Прилеп бил расадник за доста црковно-музички дејци.

Првиот црковен хор е формиран во 1879 година, токму од Атанас Бадев, кој како ученик во Софиската гимназија, за време на летниот распуст, ја започнал оваа иницијатива. Овој хор веднаш на почетокот од своето формирање пеел четиригласни духовни творби. Овие хорски композиции, најчесто наречени „концерти“, потекнуваат од руски и други словенски композитори. Еден од најзастапените композитори во репетоарот на хорот бил Дмитриј Бортњански. Кога се говори за овој прилепски црковен хор, интересно е да се одбележи дека во него, покрај повозрасните ученици, учествувале и постари црковни псалти, како, на пример, Тодор Гавазов и Георги Смичков, што покажува дека повеќегласната духовна хорска музика, заснована врз западноевропски принципи, била усвоена и од повеќе црковни псалти, кои биле воспитани врз византиската духовно-музичка традиција.

По Атанас Бадев, раководител со прилепскиот црковен хор станал учителот Јанчулев, кој дал свој придонес за натамошното унапредување на овој хор. Во учебната 1880/81 година, раководењето со хорот го презел учителот од основното училиште, спомнатиот црковен псалт, а подоцна и мелограф – Георги Смичков. Од постоечките музички и други документи, произлегува констатацијата дека овој културен работник бил централна личност на духовниот и световниот музички живот на Прилеп во последните децении на XIX век. Додека неговиот сограѓанин Атанас Бадев имал можност да го оформи своето музичко образование кај професори од светски ранг, каков што бил Николај Римски-Корсаков, Георги Смичков музички се изградувал во средината од која потекнувал, веројатно во околните манастири, каде имал можност да ги усвои на непосреден начин автохтоните елементи на македонското црковно пеење, базирано врз Дамаскиновиот осумгласник.

Желбата за усвојување на западното нотно писмо, кај Смичков била необично голема, веројатно поради сознанието дека со неговата употреба на музичарот му се отворале пошироки перспективи во творечката работа. Поради тоа, тој одел во Солун и набавувал литература за таа цел. Како самоук, овој прилепски црковен псалт и учител, успеал да ги усвои принципите на европската линиска нотација и да се подготви за мелографска дејност. Познавањето на европската и Хризантовата византиска нотација, му послужило на Смичков за потребите на хорот да ги испишува штимовите на определени духовни композиции од европска, на византиска нотација. Од материјалот од овој вид, кој е архивиран, испишан од раката на самиот Смичков, може да се констатира дека творбите се транскрибирани точно и грижливо, што говори за солидната стручност што ја имал Смичков на двете спомнати подрачја.

По Георги Смичков, црковниот хор во Прилеп го воделе учителите Дамјанов, Јанчулев, Тошев и Беќар. Меѓу другото, дејноста на прилепскиот црковен хор е значајна и по тоа што, околу него била собрана група на црковно-музички дејци на чело со Смичков, кои покрај учеството во работата на хорот, се занимавале и со творечка дејност. Духовните композиции, чии автори биле членови на оваа група, се наоѓаат во повеќе ракописни збирки. Според дешифрацијата на композицијата „Отца и Сина“ од Димзов, ученикот на Смичков, која покрај историското значење има и респективни музички вредности, можеме да очекуваме дека со целосното расветлување на творечките резултати од прилепската група, ќе отвориме нова страница од нашето културно минато. Внесувањето на хорско пеење во црковната пракса кон крајот на XIX век, покрај добриот прием од страна на прилепчаните и црковниот клир, сепак, кај извесни црковни псалти предизвикало реакција. Гледано од денешна перспектива, оваа реакција имала свое оправдување, бидејќи спојувањето на Дамаскиновото пеење со западноевропското хорско музицирање, создало очигледна стилска хетерогеност. Од друга страна, пак, внесувањето на западноевропската хорска традиција во македонската црковна пракса, ја запрело нормалната еволуција на старото македонско црковно пеење, кое има византиско потекло.

Посебно внимание заслужува основачот на прилепскиот црковен хор, Атанас Бадев (1860-1908), кој во крајот на XIX век бил еден од најобразованите музичари и композитори на Балканот. Покрај спомнатата етномузиколошка и хорско-диригентска дејност на Бадев, тој посебно е значаен како автор на низа композиции, од кои, за жал, позната ни е само неговата „Златоустова Литургија“, печатена во Лајпциг во 1898 година. Анализата на ова дело покажува дека Бадев извонредно владеел со принципите на вокалната полифонија и хомофонија. Неговото дело, во најголема мера, е компонирано врз база на традиционалните македонски црковни напеви, како од дијатонските, така и од хроматските гласови на Осумгласникот.

Хорот при црквата „Свето Благовештение“, за време на Првата светска војна доживува извесна стагнација, а по завршувањето на војната, во 1922 година, повторно е реактивиран. Со него започнал да раководи и да диригира Петар Спасески, кој бил музички образован човек. Извесен период со хорот раководел и професорот по музичко образование Василије Николиќ (таткото на Властимир и Слободан Николовски), кој за својата работа бил исплаќан од црковната каса, а неговиот хонорар бил определен од црковните тутори. Во тоа време, во хорот членувале четириесетина машки членови. Составен бил од чиновници, интелектуалци, занаетчиски работници, поситни чиновници од градот и други членови. Пробите константно се одржувале во просториите на црквата. Освен што настапувал на богослужбите, хорот бил покануван да настапува и да одржува самостојни концерти за време на големите државни празници. Најчесто, гостувањата се случувале во Соколскиот дом, а за празникот во чест на Свети Сава Српски, кој во тоа време бил национален ден на школството и образованието, хорот имал свои настапи низ прилепските училишта, каде што исполнувал национално-патриотски творби. На 20 јануари 1936 година, хорот одржал самостоен концерт со духовни и народни песни во хотелот „Босна“ во Битола, каде што постигнал голем успех и имал забележителен настап.

Во овој период, работата на црковниот хор веќе не била финансирана од никого. Хористите парично не биле наградувани, а пееле од задоволство. Извесен период диригентот бил парично наградуван од црковните тутори. Еднаш годишно хорот бил наградуван со организирање на екскурзија. Иако црковниот хор го збогатувал музичкиот живот и хорското пеење во градот, сепак, неговата главна дејност останала во црквата, зашто првенствено бил ориентиран кон духовната музика.

По Втората светска војна, хорот продолжил со своите активности, но овојпат неговата дејност била сведена исклучиво на црковните творби. Извесен период тој добива и свое официјално име – „Хор Чајковски“ и под ова име настапувал до 1975 година. По ослободувањето, со него долг период раководел диригентот Петар Спасески, а по неговата смрт хорот го презел Мојсо Мојсоски. Заради своите заслуги, хорот редовно бил наградуван со екскурзии низ македонските манастири, а во 1975 година го посетиле и манастирот „Свети Јован Рилски“ во Бугарија. Во 1985 година, по предлог на старешината на црквата, отец Благоја Стојаноски, за своите вонредни заслуги во збогатувањето на велелепието на црковните богослужби, хорот добил посебна благодарница од Митрополитот Петар.

По смртта на диригентот Мојсо, хорот преживуваше криза во својот опстој, па со крајни напори беше одржуван неговиот континуитет. Денес, црковниот хор при храмот „Свето Благовештение“ брои околу 20-30 години, претежно пензионери, на чело со диригентот Диме Иваноски, кои со крајни напори се трудат да го сочуваат делото и традицијата на прилепскиот црковен хор.

Паралелно со овој црковен хор, професорот Илија Јанчулески, по неколку неуспешни обиди, конечно во 2004 година успеа да формира мешан хор, кој го носи името „Свето Благовештение“. Овој хор настапува во двете градски цркви – „Свето Благовештение“ и „Свети Кирил и Методиј“, а по смртта на професорот Јанчулески, со хорот раководи протопсалтот Гоце Секулоски.

Во 1884 година, со залагање на отец Спасе Игуменов и двајцата прилепчани – Стеван Зеро и Коне Шапче, била купена старата куќа на Мотевци и истата била приспособена за параклис, за користење на варошкомаалци. По градењето на црквата „Свети Кирил и Методиј“ на тоа место, денес позната меѓу прилепчани како „Параклис“, според старото име, секогаш имало проблеми со црковните псалти. Така, според кажувањата на покојниот прота Милан Смичко, кој бил парохиски свештеник во црквата „Свето Благовештение“ речиси шеесет години, тој цела година бил пазарен за црковен псалт во „Свети Кирил и Методиј“, а со добиениот хонорар си ја малтерисал новата куќа.

Во 1925 година, неговиот постар брат Никола Смичко, долгогодишниот ѓакон при црквата „Свето Благовештение“ (од 1898 година), бил ракоположен за свештеник. Тој бил поставен за парохиски свештеник на една од двете парохии при црквата „Свети Кирил и Методиј“. Како и брат му Милан, Никола бил многу музикален. Двајцата враќа, заедно со отец Ѓорѓи Дамески Варошанецот, знаеле да свират на повеќе музички инструменти. За музикалноста на браќата Смичковци, говори и фактот што во 1918 година, плашејќи се од последиците за нивната ангажираност околу слободарските македонски идеи, браќата емигрирале во Бугарија. Едно од првите засолништа им бил градот Софија. Таму, во црквата во чест на „Свети Александар Невски“, со своето мелодично пеење предизвикале таков восхит кај црковните великодостојници, така што тие веднаш им понудиле вработување. Бидејќи биле емигранти и без семејствата со нив, не го прифатиле предлогот и по кусо време се вратиле во Прилеп, каде што добиле вработувања.

Музикалноста на отец Никола Смичко го натерала, веднаш по ракополагањето, да се погрижи за црковниот пејачки кадар. При црквата „Свети Кирил и Методиј“ повикал за псалти две момчиња – Јован Митрико и Петре Коте, а на левата певница бил Веле Самак, таткото на Милан Самак. Знаејќи дека најдобро ќе подготви кадар преку организирање на деца во хор, во почетокот на 1926 година собрал повеќе деца, со кои во прво време го вежбал пеењето на Третата статија на Велики петок – „Народите сите“, и тоа во два гласа. Во 1927 година оваа статија ја превел на српски јазик и ја отпечатил во тогашната книжарница на Киро Караџа. Во исто време, на Светата Литургија во 1929 година, кога од Прилеп се преместени ложилницата, Вишата гимназија и железничката секција, во кои беа вработени многу Руси – емигранти од царска Русија, речиси сите интелектуалци и музикални луѓе престанале да пејат во хорот. Во тој период, во црквата „Свети Кирил и Методиј“ биле само двајца парохиски свештеници – отец Никола Смичко и отец Глигориј Поп Анто, кои наизменично служеле Света Литургија во неделните дни. Така, во онаа недела, кога богослужел отец Никола, тој не можел да раководи со хорот, а како диригент тогаш бил поставуван ученикот Борис Талески, подоцна свештеник при храмот „Свето Благовештение“. Тогаш отец Никола од Олтарот давал интонација на диригентот со камертон, а Борис ја пренесувал интонацијата и раководел со хорот. Во почетокот хорот немал многу членови, сè до 1930 година, кога ја напуштиле старата зграда на црквата, која била готова за паѓање, а веќе се приспособила новата црква и новоподигнатата зграда во истиот црковен двор.

Преку овие дечиња, членовите на црковната управа праќале и честитки за Велигденските и именденските празници на варошкомаалци, а собраните пари се внесувале за довршување на катот на црквата. Раководењето со овој детски црковен хор бил прекинат во учебната 1932/33 година, кога Борис Талески заминал во Битола да се школува при Православната богословија, каде што останал до 1938 година. Во негово отсуство и во отсуство на отец Никола, со хорот раководел варошкомаалецот Борка Соле, кој бил чевларски калфа. На фотографијата од 1936 година, која е направена по повод велигденските празници и пеењето на Третата статија на Велики петок, меѓу останатите хористи се и Петре Расолко, Гога Аскеро, Методија Дабничанецот, кој подоцна беше и долгогодишен црковен псалт и диригент при црквата „Свето Благовештение“.

На фотографијата забележливо е присуството и на девојчиња, зашто на Велики петок, при пеењето на Третата статија, се практикувало да учествува сиот народ, а девојчињата пееле први тенори. Оваа фотографија е направена за засилување на црковноста кај децата и младината. Другите членови се деца од улиците на двете парохии при црквата „Свети Кирил и Методиј“. Овој хор работел активно и редовно во сите неделни и празнични денови, сè до 1936 година, кога бил заменет од младинскиот хор „Билјана“, каде што членувале многу музикални луѓе од целиот град.

Овој црковен детски хор одиграл важно улога во рекреирањето на црковното и хорското пеење во Прилеп. Повеќе негови членови станале свештеници, црковни псалти и членови на црковните хорови „Билјана“, градскиот хор и хорот при црквата „Свето Благовештение“.

Кога во 1944 година се расформирал црковниот хор „Билјана“, неговите членови се префрлиле во Градскиот хор, во хорот при црквата „Свето Благовештение“, како и во хорот при црквата „Свети Кирил и Методиј“.

Што се однесува, пак, до црквата „Свето Преображение“, таа во прво време немала хор, а во 1915 година влашкиот свештеник и црковните псалти го напуштиле Прилеп, па црквата останала без свештеник и без псалти. Во тоа време служењето во црквата го преземаат парохиските свештеници од црквата „Свето Благовештение“, а сите богослужбени книги на романски, грчки и влашки јазик биле прибрани и депонирани во библиотеката при црквата „Свето Благовештение“, каде што и денес се наоѓаат дел од нив. Тогаш, за псалти во црквата „Свето Преображение“ биле ангажирани неколку постари псалти од црквата „Свето Благовештение“. Бидејќи во двете цркви во Прилеп веќе функционирале црковните хорови, во 1950 година, тогашното црковно настојателство, на чело со благајникот Трајко Костоски, одлучиле и таму да биди формиран црковен хор. Хорот бил формиран од веќе активни членови од црковниот хор при црквата „Свети Кирил и Методиј“. Во истиот хор повеќето биле возрасни членови. Меѓу попознатите хористи биле Трајко Никодинец, Ордан Ристески, Стеван Домазето и нивните сопруги. Овој хор подоцна бил под диригентство на Ордан Маркоски – Платнаро, со припомош на Велко Стојаноски – Шнајдеро. По смртта на Ордан, диригентството го презел Велко, сè до 1975 година, кога овој хор престанал да функционира.

Хорот при црквата „Свето Преображение“ бил мешан по состав, зашто секој член на хорот ја ангажирал и својата сопруга. Подоцна, во 1975 година, кога веќе немало кој да го води хорот, неговата работа згаснала и црковното пеење го презеле псалтите од десната и левата певница, како што е и денес.

Заради традицијата на црквата, која е изградена за Власите и гркоманите во Прилеп, овој хор на старогрчки јазик го пеел тропарот на Велигден „Христос воскресе!“, а останатиот дел од богослужбата бил на црковно-словенски јазик.

Со осветувањето на црквата „Света Петка“ во населбата Точила, промовиран е новиот прилепски црковен хор, кој го носи името како и новоизградената црква, а со кој успешно раководи протопсалтот Гоце Секулоски. Овој хор е составен од професионални музичари, а настапува на неделните и празничните богослужби при храмот „Света Петка“.

Протоереј Златко Ангелески

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc