Соколскиот оркестар во Прилеп.

Прилепски оркестри

Прилепски оркестри

Првите Прилепски оркестри се формирани во 1924 година, кои егзистирале по 2-3 години. Тие биле составени од 6-7 изведувачи, а подоцна се формирани и првите поголеми оркестри, кои броеле и до 20-тина членови. Оркестрите најпрво биле формирани низ градските маала. Ги имало во Варошко маало, на Ридот, во Ѓогдере… Во составите на оркестрите, најчесто биле застапени виолините, мандолините, гитарите, бисерниците и други музички инструменти.

Во градот постоел и мандолински оркестар, со кој раководел учителот Ѓорѓи Шабаноски.

Во Прилеп постоеле и три тамбурашки оркестри. Иако во тоа време немало музичко училиште, сепак, виолината, мандолината, примот и гитарата биле присутни низ прилепските куќи, особено во берберниците. Низ селата доминирале гајдата, кавалот и другите народни инструменти. Само 3-4 семејства во Прилеп во своите куќи имале клавир. Првиот клавир бил купен во семејството на Напевци, а подоцна тој луксуз си го дозволиле и Благоја Гугучески, Петре Спасески, Ицко Бомбол и Гимназијата.

Во Прилеп постоеле и три блех-музики. Тоа биле Монополската, Соколската и Железничарската. Железничарската блех-музика била составена од 23 члена со капелникот, работници и службеници-железничари од Прилепската секција. Овој блех-оркестар учествувал на собири и манифестации, организирани од железничката секција во Кралството Југославија. Тие биле облечени во цивилна облека, носеле железничарски капи со амблем. Овој блех-оркестар згаснал со постоење во 1936 година, која ја затвориле и ложилницата на Прилепската железница.

Во 1930 година, на иницијатива на работникот Аспарух Корубиноски, во Монополот било формирано музичко-пејачкото друштво „Монопол“. Членови на ова друштво биле работници и работнички од Монополот. Аспарух корубиноски организирал и театарска секција при друштвото, набавил околу 30 музички инструменти, а во 1934 година формирал и блех-оркестар. Со овој оркестар најпрво раководел тој, а подоцна бил заменет од Алберт Храше, родум од Австрија, а во Прилеп дошол од Крушево. Овој блех-оркестар постоел до 1941 година, а имал концерти и приредби во Крушево, Кавадарци, Битола… Во просториите на Монополот редовно биле организирани игранки за вработените во празничните и неделните денови.

Од МАКЕДОНСКАТА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА

„Работничка културно-уметничка група „АБРАШЕВИЌ“, ПРИЛЕП (1934–1939)

Основана е во 1934 година од младинци, припадници на СКОЈ. Имало неколку секции: Мешан хор, Оркестар од усни хармоники, Драмска и Рецитаторска секција и Дувачки оркестар. Раководител на Хорската секција и на оркестрите бил Аспарух Корубиновски (1910-1972); со Драмската секција раководел Киро Ѕале, со Рецитаторската Трајко Бошковски-Тарцан, а Литературната дружина ја водел Миле Корубин. Сепак, основната задача на групата била партиската работа, со која исто така раководел Миле Корубин. Репертоарот на секциите најчесто се состоел од македонски народни песни, како и од песни со револуционерна содржина.“

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc